СТАНДАРД life
КРИПТОВАЛУТИ

Лагард: Биткоинот се користи и за перење пари, треба да се регулира со закон

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард повика денес на глобално регулирање на трговијата со биткоин, наведувајќи дека оваа дигитална валута во некои случаи се користи за активности за перење пари и дека е потребно да се затворат сите „дупки“ во регулативата, пренесе Ројтерс.

Биткоинот излезе од својата мала „пазарна ниша“ во последниве години и сега го купуваат обични луѓе, инвестициски фондови, па дури и големи корпорации. Некои дури земаат заеми за да го зголемат купувањето на таа криптовалута, чијашто вредност се зголеми десеткратно од минатиот март.

Сепак, нејзината главно анонимна природа предизвика загриженост дека може да се користи за перење пари и други нелегални активности.

„Биткоинот е високо шпекулативно средство кое се користи за некои чудни зделки и некои интересни и целосно неприфатливи активности за перење пари“, рече Лагард на конференцијата „Ројтерс“.

Таа не наведе конкретни случаи во кои таа дигитална валута се користела за перење пари, но рече дека има информации дека се води кривична истрага против тие незаконски активности. Таа не даде повеќе детали за тоа.

Секторот за крипто-валути сè уште е во голема мерка под лабава контрола или нерегулиран, иако постојат глобални стандарди во области како што е спречување на перење пари (AML).

Со својата жалба, шефот на ЕЦБ им се придружи на бројните регулатори од целиот свет во повиците за примена на глобалните правила и на крипто-валутите.

– Мора да има регулатива. Таа мора да се примени и да се договори на глобално ниво – рече Лагард.

Поврзани вести

Најпопуларната дигитална паричка повторно паѓа

Влатко Зорба

THETA на Theta Network влезе во топ 10 криптовалути според пазарната капитализација

Влатко Зорба

Маск ја сруши вредноста на биткоинот за 17% за два часа