СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

„Добредојдовте во „Брегзит“: Британците во ЕУ не можат да внесат ни сендвич

Британските компании се шокирани, не очекуваа такви трговски огради и бирократија по напуштањето на Европската унија, оценува Дојче веле (ДВ) и додава дека експертите проценуваат дека прилагодувањето ќе трае со години.

Една мала сцена во фериботското пристаниште Хук Оу Холанд го објаснува „Брегзит“ подобро од сите изјави на политичарите во последните месеци – царински службеник конфискува пакет сендвичи завиткани во алуминиумска фолија од британски возач, наведува ДВ и цитира разговор меѓу актерите во споменатата случка

„Повеќе не смеете да внесувате одредена храна во Европската унија, како што се месо, овошје, зеленчук, риба и слично“, му објаснил царинскиот службеник на шокираниот возач.

„Може ли барем да го задржам лебот намачкан со путер, ако ја извадам шунката?“, прашува возачот.

„Не, се сè одзема“, вели царинскиот службеник и додава: „Добредојдовте во „Брегзит, извинете“.

Од минатиот викенд, британските медиуми се преполни со извештаи за наводно неочекувани последици од договорот за „Брегзит“. „Дејли мејл“ се жали на „бирократијата на „Брегзит“ во пристаништата“ и покажува празни полици во продавниците во кои немаат салати, карфиол или портокали, забележува германското издание.

Од Париз, малопродажниот ланец „Маркс и Спенсер“ известува за проблеми во одделенијата за храна, бидејќи веќе не е дозволено да ги извезува своите производи во ЕУ. Претставниците на продуцентите во ТВ-емисиите бараат дополнителни преговори со Европската унија.

Во исто време, надлежниот министер Мајкл Гоув предупредува дека во наредните недели се очекуваат „значителни нарушувања на границите“, бидејќи повеќе камиони ќе наидат на построги контроли.

Траект-пристаништата, како што е Кале, забележаа само една четвртина од нормалниот сообраќај од Нова година. Штом магацините кои беа наполнети пред крајот на минатата година се испразнат и транспортот се врати на вообичаеното ниво од 10.000 камиони, веројатно ќе има повеќе потешкотии на северниот француски брег, проценува ДВ.

Француската полиција, се додава понатаму, веќе предупреди дека строго ќе контролира да нема повеќе време на транзиција. Сопственикот на траектот DFDS известува дека веќе многу камиони не можат да пропуштат поради недостаток на документација или поради несоодветни документи.

Добавувач на DPD пакети ја прекина испораката до ЕУ до средината на неделава, сè додека не се разјасни како може да работи според новите принципи. Некои шпедитери исто така престанаа да работат затоа што нивните возачи не ги исполнуваа новите услови за работа и времето на чекање.

Една компанија специјализирана за прекугранична трговија преку Интернет очекува дека корисниците ќе разберат едвај во следните недели што значат новите правила за нив по „Брегзит“ со промената на пресметката на ДДВ и другите прописи.

„Во првите неколку недели го гледаме само врвот на ледениот брег“, вели експертот за трговија Мартин Палмер од „Хурикејн“. Особено се погодени компаниите кои ја користат Велика Британија како основа за дистрибуција на стоки низ цела Европска унија.

На пример, фармерките од Бангладеш мора да бидат царинети кога се увезуваат во Велика Британија, а во иднина, поради новите правила за потекло на стоката, мора да се плаќаат царински давачки при извоз на овие фармерки во ЕУ – затоа што не се произведени 50% во Велика Британија, како што бараат новите правила, посочува ДВ.

Продажбата на облека и техничка стока преку Интернет веројатно повеќе нема да се исплати.

Пред Божиќ, британските даночни власти објавија дека очекуваат дополнителни трошоци за британската економија од околу седум милијарди фунти годишно. Ова е износ што приближно одговара на износот на претходните британски плаќања во буџетот на ЕУ.

Во текстот се забележува дека кога една земја ја напушта царинската унија на ЕУ, мора да се направат царински декларации, како и декларации за потекло на стоки, ветеринарни сертификати, сертификати за стандарди на производство и многу повеќе. Деловните здруженија проценуваат дека ова е логистички и административен „кошмар“.

„Ова е најголемата промена во трговските односи меѓу соседни земји – од денес за утре“, изјави експертот за трговија Дејвид Хениг од Трговскиот форум на САД. Владата, од една страна, предупреди на проблемите, а од друга страна, претставниците на економијата не разбраа дека ЕУ е основа на нивната слободна трговија со Европа, вели Хениг.

„Ќе дојде до прилагодување. Дел од извозот веќе е суспендиран, други подоцна ќе бидат прекинати поради зголемувањето на трошоците и бирократскиот товар. Прилагодувањето е неизбежно и дел од тоа ќе се види едвај за неколку години “, очекува Хениг.

Тој верува дека автомобилската индустрија ќе ја напушти Велика Британија кога британското производство ќе стане непрофитабилно, а исто така предвидува дека брановите на последиците од „Брегзит“ ќе се чувствуваат од пет до десет години во британската економија.

Според него, владата во Лондон треба повеќе да им помогне на компаниите и да преговара со ЕУ за поедноставени гранични процедури. Тој, сепак, смета дека е невозможно да се промени суштината на потпишаниот договор, како што бараат бизнис здруженијата.

„Секогаш беше јасно дека ќе има голем проблем“, додаде Хениг.

На првата дебата во Европскиот парламент во понеделникот, стана јасно дека трговскиот договор со Велика Британија нема да пропадне поради ратификацијата. Претседателот на трговскиот комитет Бернд Ланге најави дека ЕП има намера детално да го прочита договорот од 1.200 страници и дека е задоволен од него.

Европската комисија, исто така, го пофали постигнатиот договор и зачувувањето на внатрешниот пазар, пред сè фер конкуренцијата. А, Леон Делво, од Генералниот директорат за трговија, повтори: „Ова е само договор за слободна трговија. Другите понуди беа на маса, но Британците се одлучија за најмалку амбициозниот договор “, пишува ДВ.

Поврзани вести

Нова рецесија и се заканува на Европа (инфографик)

Влатко Зорба

Болниот финансиски сектор во Италија има проблем од 2,4 трилиони евра (инфографик)

msp-admin

Дигиталниот долар на ФЕД нема никаква врска со биткоинот

Влатко Зорба