Комедија најтешко се прави и доколку е добра таа содржи многу „леери“ кои можат да едуцираат на забавен начин. Комедијата како жанр недостасува на домашната сцена, а мислам дека и публиката е заситена од филмови со „патење“, вели во интервју за Стандард лајф Марјан Гавриловски, режисер на моментално доста актуелниот филм „Те дуа жими мене’’, кој во петокот ја имаше својата премиера.
За тоа како филмот ги живее своите први репертоарски денови, Марјан вели дека фидбекот од публиката е одличен.
-Кога после премиерата видов стотици гледачи како излегуваат со насмеани лица знаев дека филмот искомуницирал со гледачите, изјави режисерот.
Во однос на тоа како се снаоѓа со финасии и како е да се твори во земјава, Гавриловски изстакна дека е тешко да се твори во Македонија колку што е тешко да се одговори прашањето.
-Но, предизвиците ги поместуваат границите, па се трудам секоја пречка да ја гледам како нов предизвик неприфаќајќи дека нешто е невозможно, истакна тој.
Во петокот имаше премиера на „Те дуа жими мене’’, каде се потпишуваш како режисер? Какво е чувството пред премиера и за време на премиерата?
-Еден голем микс на среќа, тага, возбуда и трема. Среќа бидејќи конечно делото е завршено, тага бидејќи конечно делото е завршено и возбуда измешана со позитивна трема што конечно филмот ќе се најде на големото платно пред очите на публиката.
Како e до сега прифатен од публиката ,,Те дуа жими мене’’?
-Филмот ги живее своите први репертоарски денови и фидбекот од публиката е одличен. Кога после премиерата видов стотици гледачи како излегуваат со насмеани лица знаев дека филмот искомуницирал со гледачите.
„Јавачи на коњи“ постигна одлични резултати дома и во странство, очекувате ли слично нешто од ,,Те Дуа”? Ќе продолжат ли промоциите на реномирани фестивали?
-Секако. Филмот веќе беше прикажан на два фестивали, еден во Италија и еден во Албанија каде што и добивме награда за Најдобар филм од публика.
Како е да се твори во Македонија, како се снаоѓате со финансии?
-Тешко е да се твори во Македонија колку што е тешко да се одговори прашањево. Но, предизвиците ги поместуваат границите, па се трудам секоја пречка да ја гледам како нов предизвик неприфаќајќи дека нешто е невозможно.
Кој жанр на филм најмногу те привлекува и зошто?
-Зависи од периодот и расположението во кое се наоѓам во животот. Најчесто внатрешните емоции ми диктираат кон кој жанр ќе се насочам.
Каков жанр, според тебе, треба да биде еден македонски филм за да биде прифатен од домашната публика?
-Комедија! Не затоа што ја потценувам публиката, напротив затоа што комедија најтешко се прави и доколку е добра таа содржи многу „леери“ кои можат да едуцираат на забавен начин. Комедијата како жанр недостасува на домашната сцена, а мислам дека и публиката е заситена од филмови со „патење“.
Македонија имала кандидати за Оскар во минатото, освојувачи на награди на престижни фестивали, па како генерално ја оценуваш, да ја наречеме македонската филмска сцена во моментов? Дали, по твое мислење имаме и други надежни режисери, сценаристи…?
-Секако дека да! Иако сме мала држава ние имаме талент во изобилие. Како и да е мислам дека многу талентирани филмски работници не добиваат шанса да го покажат својот талент.
Што можеме да очекуваме во иднина од тебе?
-Моментално сум во подготовки за мојот следен долгометражен филм „Мравки“, така што додека „Тe Dua, Жими Мене“ го чекори патот на дистрибуција и фестивали, ние веќе ќе работиме на следниот филм.
Р.Т.
„Те дуа, жими мене“ награден на филмски фестивал во Албанија