СТАНДАРД life
МК Сцена

Интервју со Тамара: Видов како од херој и најголем патриот се станува најголем предавник и зло за својата татковина

Ако кажам дека ништо не ме погоди, ќе излажам. А, прилично искрена и отворена сум во мојот живот, во мојата кариера… што од оваа гледна точка сметам дека не е добро. Тоа придонело за многу неповолни ситуации, инсинуации, но таа сум јас…После „Proud” се случи ненамерната грешка со химната и тука сѐ запре. Тука видов како од херој и најголем патриот стануваш најголем предавник и зло за својата татковина, вели во интервју за „Стандард лајф“ Тамара Тодевска, една од нашите најпознати и најуспешни пејачки.

-За последиците, пред сѐ на личен план не сакам да зборувам, затоа што ќе речат дека наоѓам оправдувања и сл. Само ми е жал што живееме во период кога се организираат десетици кампањи за заштита од булинг, за емпатија, за прифаќање и толеранција, а ние од ден на ден сме се повеќе полни со омраза, гнев и лутина на различни теми од општественото живеење, истакна таа во интервјуто.

За тоа која сцена и одговара повеќе според музиката која ја креира – српската или македонската, Тамара вели „дома си е дома“ и дека искуството, енергијата која ја добива од нашата публика ништо не може да ја замени.

– Скопје е мојот град. Македонија е земјата за која пејам, во која живеам, во која сум создала семејство… Ова е земјата, за која се имам вложено за успех и нејзино афирмирање на глобално ниво, истакнува Тодевска.

Во однос на комбинирањето на личните и професионалните обврски, посочува дека „не е лесно, но не сакам да се жалам“.

-Со добар распоред и план секогаш се успева. Иако, Хана и Дарен често знаат да бидат на проба или снимање со мене, сепак за време на настапите и концертите тие се најчесто со Мачка, но помагаат и бабите, братучедите, пријателите. Питоми деца се, разбрани, а и веќе пораснати и не е проблем да се чуваат, истакнува таа.

„Торнадо“ и „Нијагара“ се последните синглови со кои се претстави пред публиката. Каков е фидбекот од фановите и носат ли некоја посебна порака овие песни?

-Да, „Нијагара“ и „Торнадо“ се последните два синглови. И двете песни беа пропратени со спотови, кои ги снимавме во Скопје, на неколку локации со поголем тим на мои соработници. Ме радува што на настапите кои ги имав во текот на летото, како и изминатиов период, песните беа пеени од публиката, што е знак дека се прифатени.

На „Нијагара“, јас сум една од текстописците (заедно со Лазар Цветкоски) и како што имам изјавено повеќепати, апсолутно дека се пронаоѓам во оваа музичка приказна. Ја пишував во чувствителен период и пораката е дека сѐ ќе помине и мора да се продолжи напред. „Торнадо“ е летна приказна, потпишана од Зое Кида, која внесе повеќе енергија и летен дух кај сите нас. Уфф, ми недостасува летото овие денови…

И двете песни ми се драги и со задоволство ги изведувам во живо на моите настапи. Секогаш ќе има различни коментари, сугестии и критики. На некој ќе му се допаѓа една песна, на некој друга, но јас се трудам да создавам квалитетна музика. Да ги следам и трендовите, но и да пејам за моја душа, согласно тоа што јас го сакам и во кое верувам.

Тамара Тодевска
Тамара Тодевска

 Во целото ова брзо живеење, како ги комбинираш приватните и професионалните обврски?

-Искрено, не е лесно, но не сакам да се жалам. Со добар распоред и план секогаш се успева. Иако, Хана и Дарен често знаат да бидат на проба или снимање со мене, сепак за време на настапите и концертите тие се најчесто со Мачка, но помагаат и бабите, братучедите, пријателите.

Питоми деца се, разбрани, а и веќе пораснати и не е проблем да се чуваат.

Би посакала ли еден ден твоите деца да тргнат по твојот пат? Доколку тоа се случи, кој е најголемиот совет кој би им го дала, со оглед на твоето долгогодишно искуство во индустријата?

-Честопати го одговарам ова прашање и затоа можеби ќе звучи клише, но апсолутно верувам во тоа. Не правам никаков притисок дека треба да го следат мојот пат. Баш напротив. Најдобро е да го прават тоа што го сакаат, она во што веруваат и развиваат потенцијал… Хана ја сака музиката, учествуваше лани и на Златно славејче, но обожава и да танцува. Дарен е пресреќен кога игра фудбал… Ова се само почетни хоби активности, кои можеби еден ден ќе бидат и нивна професија, но не мора да значи.

Тие треба да знаат дека ќе ја имаат поддршката од мајка им, татко им за да го продолжат својот пат. Ако некој се одлучи за музиката, се радувам на тоа и ќе ги добијат моите совети.

Која сцена ти одговара повеќе според музиката која ја креираш – српската или македонската? Од каде добиваш повеќе позитивни реакции?

-Дома си е дома. Искуството, енергијата која ја добиваш од твојата публика ништо не може да ја замени. Апсолутно дека имам одличен прием и во Србија, како и во другите земји од регионот и навистина сум благодарна за тоа. Дел од слушателите прашуваа зошто „Нијагара“ и „Торнадо“ се на српски, но јас и претходно сум создавала музика на српски јазик… Тоа го правеле повеќе наши артисти и нема ништо лошо или погрешно во тоа. Позиционирањето во регионот е важно за секој еден музичар.

Но, Скопје е мојот град. Македонија е земјата за која пејам, во која живеам, во која сум создала семејство… Ова е земјата, за која се имам вложено за успех и нејзино афирмирање на глобално ниво. Да, ова е земјата и за која имам направено грешки, кои на крајот од денот се грешки пред сѐ на сметка на Тамара Тодевска.

Тоа е животот. Подеми и падови. Важно е да продолжиме напред, со искреност, работа и позитивна енергија.

Имаш многу соработки во текот на годините, па кои би ги издвоила како најомилени?

-Ако мислиме на музички соработки, да, навистина се многу. Сум снимала различни дуети со домашни и регионални артисти, мои драги колеги, пријатели… Oффф, тешко ми е да одвојам, но знам дека публиката буквално „полудува“ секогаш на „Седмо небо“ (дуетот со Врчак, кој гледам дека се враќа на сцената, на задоволство на сите нас)… Тука е и „Фрази љубовни“ со Андреј и Панчо од ДНК…

Посебна соработка ми е „Гушни ме“ со Влатко Илиевски. Влатче веќе не е помеѓу нас, но речиси да нема настап а да не ја отпеам нашата заедничка песна и да потонам во емоции и носталгија… за едно време кога некако сите, како општество бевме поспокојни и подобри луѓе. Недостасува многу Влатче <3

Најголемиот успех за Македонија на Евровизија е токму на Тамара Тодевска. Дали некогаш би се вратила на таа сцена?

-„Proud” и Евровизија во Тел Авив се и мојот најголем професионален успех. Немам зборови за да го опишам тоа чувство, кога Македонија е прва од жирито, кога музички велесили ти доделуваат 12-ки… Но, и кога ќе почувствуваш љубов и поддршка. Бевме тим, игравме заедно и затоа успеавме.

Не заборавајте дека зад секој еден успех стои тим. Ако гледате успешен поединец – тоа е тимски успех. Во Македонија многу забораваме на ова, а најголемите успеси, не само на музички план, ги имаме постигнато кога зад делото/успехот стоел квалитетен тим на луѓе, на професионалци низ кои циркулира убава енергија и љубов кон тоа што го работат.

На Евровизија сум била неколку пати. Дали би се вратила? Никогаш не вели никогаш, но добро е да се даде шанса и простор и на новата генерација артисти.

Тамара Тодевска
Тамара Тодевска

Иако поминаа неколку години од неоправданите напади кои ги доживеа поради интонирањето на химната, остави ли тоа некакви последици врз тебе – лично и на професионален план?

-Ако кажам дека ништо не ме погоди, ќе излажам. А, прилично искрена и отворена сум во мојот живот, во мојата кариера… што од оваа гледна точка сметам дека не е добро. Тоа придонело за многу неповолни ситуации, инсинуации, но таа сум јас…

После „Proud” се случи ненамерната грешка со химната и тука сѐ запре. Тука видов како од херој и најголем патриот стануваш најголем предавник и зло за својата татковина.

За последиците, пред сѐ на личен план не сакам да зборувам, затоа што ќе речат дека наоѓам оправдувања и сл. Само ми е жал што живееме во период кога се организираат десетици кампањи за заштита од булинг, за емпатија, за прифаќање и толеранција, а ние од ден на ден сме се повеќе полни со омраза, гнев и лутина на различни теми од општественото живеење.

Тамара Тодевска направи ненамерна грешка. Призна и се извини. Денеска мирно спијам. Затоа што не лажам, не крадам, не злоупотребувам. Јас и на ова интервју сум искрена, потпишана со мое име и презиме… додека најголемиот говор на омраза се случува од лажни профили, кратенки, но и од вистински луѓе кои се решени да мразат. И тоа е навистина жално… и отровно.

Дали би се посветила во иднина на друга професија, покрај пеењето? Која е твојата втора љубов во однос на професија или нешто за кое си сонувала како мала дека ќе бидеш?

-Уметноста е мојата прва и единствена љубов. Ако не би била пејачка, би била сликарка. Ако не би била сликарка, би била глумица… Ја сакам уметноста, но и мултимедијалноста. Да се пробуваат различни жанрови, стилови, да се покажува талентот. Уживам во тоа.

Дали подготвуваш нешто во овој, пред-новогодишен период? Дали Тамара ќе настапува некаде за најлудата ноќ?

-Да, апсолутно дека ќе нѐ има периодов и мене и мојот бенд. Сакам сите читатели да ги поканам во сабота, 25 ноември, во Станица 26, од 22:00 часот. Ќе следуваат уште неколку настапи во декември, а ќе настапувам и на 31 декември. Но, следете нѐ, ќе објавиме навремено

Р.Т.

Поврзани вести

🎥Yon Idy нѝ го откри својот нов сингл „Blood Red”

Urednik

Тату мајсторот Ангелов: „Black and grey“ и „Color“ тетоважите се најбарани, но сепак секоја мода се враќа

Urednik

Рецензија на „Холивуд Репортер“ за „Патување пеш“: Режисерката на „Медена земја“ со нејзиниот ефективен спој на политичка итност и поетска креативност

Urednik