На почетокот на оваа година се појавија информации дека Apple можеби работи на „Macbook Air“ од повисок сегмент. Една од карактеристиките на линијата Macbook Air е подостапна цена во рамките на екосистемот на Apple, но се чини дека има и такви кои бараат поголема моќност и од овој модел.
Според „Блумберг“, наскоро би можеле да видиме токму таков лаптоп Air. Новинарот на „Блумберг“, Марк Гурман тврди дека Apple развива поголем 15-инчен MacBook Air. Во моментов, максималната големина на MacBook Air е 13 инчи, така што поголемиот модел може да има и помоќен процесор и други елементи покрај зголемениот дисплеј.
Извештајот, исто така, сугерира дека Apple може да го редизајнира својот MacBook Air, но не е познато на што конкретно се однесува тоа. Се споменува дека лаптопот ќе биде потенок и полесен, со помали рамки околу екранот.
Нема информации за тоа кога ќе биде објавен 15-инчниот MacBook Air, но бидејќи моделите на Apple M1 MacBook Air беа објавени кон крајот на 2020 година, можно е нов модел да се очекува кон крајот на оваа година или почетокот на 2022 година.