СТАНДАРД life
ТЕХНОЛОГИЈА

Коронавирус: Научниците ги оценуваат тврдењата за 5G технологијата како „целосна глупост“

Научната заедница ги осуди теориите на заговор кои тврдат дека 5G технологијата помага во ширење на коронавирусот.

Видео-клипови се шират низ социјалните мрежи прикажувајќи како горат предаватели за мобилни телефони во Бирмингем и Мерсисајд – заедно со овие тврдења.

Објавите се споделени на Фејсбук, ЈуТјуб и Инстаграм – вклучително и проверени профили со стотици илјади следбеници.

Но, научниците велат дека идејата за врска помеѓу КОВИД-19 и мрежата 5G е „крајна глупост“ и биолошки невозможна.

Директорот на Националната здравствена служба на Англија, Стивен Повис, го обележа заговорот како „најлош вид лажни вести“.

Теорија на заговор

Многумина од оние што ја споделија објавата се потпираат на теорија на заговор со погрешно тврдење дека 5G – користен за мобилни мрежи и пренесување на сигнали што се пренесуваат преку радио бранови – е некако одговорен за коронавирусот.

Овие теории навидум за прв пат се појавија во објавите на Фејсбук на крајот на јануари, приближно во исто време кога првите случаи беа пријавени во Америка.

Тие можат да се поделат во две широки групи:

* Една тврди дека 5G може да го оштети имунолошкиот систем, правејќи ги луѓето поранливи на вирусот

* Друга сугерира дека вирусот некако може да се пренесе со употреба на 5G технологијата

Двете изјави се „целосна глупост“, вели д-р Сајмон Кларк, професор по мобилна микробиологија на универзитетот Рединг.

„Идејата дека 5G го оштетува имунолошкиот систем не е поддржана со докази“, вели д-р Кларк.

„Вашиот имунолошки систем може да се сруши заради различни работи – од замор еден ден или од лоша исхрана. Овие флуктуации не се големи, но може да бидете повподложни на закачување на вирусот“.

Додека многу моќните радио бранови можат да предизвикаат затоплување, 5G не е ни близу толку силна, за да може да ги загрее луѓето доволно за да има некаков значаен ефект.

„Радио брановите можат да ја нарушат вашата физиологија бидејќи ве затоплува, значи вашиот имунолошки систем не може да функционира. Но, (нивото на енергија од) 5G радио брановите се мали и не се приближно доволно силни за да влијаат на имунолошкиот систем. Имаше многу истражувања на оваа тема“.

Радио брановите во мрежата 5G и другите мобилни технологии се на нискиот крај на електромагнетниот спектар. Тие имаат помала моќност од видливата светлина, не се доволно силни за да ги оштетат клетките – за разлика од зрачењето на крајот на повисокиот фреквентен опсег на овој спектар, што вклучува сончеви и Х-зраци.

Исто така, би било невозможно 5G да го пренесе вирусот, додава Адам Фин, професор по педијатрија на Универзитетот во Бристол, цитиран од Би-Би-Си.

„Тековната епидемија е предизвикана од вирус кој се пренесува од едно заразено лице на друго. Знаеме дека ова е точно. Во нашата лабораторија дури имаме вирус, кој го извлековме од еден заболен пациент. Вирусите и електромагнетните бранови што ги прават мобилните телефони и интернет-врските работат се различни работи. Како баби и жаби“, вели тој.

Исто така е важно да се истакне уште една голема грешка со теориите на заговор – вирусот се шири во градовите во Велика Британија каде 5G сè уште не е во употреба, како и во земји како Иран кои допрва треба да ја воведат оваа технологија.

Претходно оваа година, долгорочната студија на Меѓународната комисија за заштита од јонизирачко зрачење (ICNIRP) ги отфрли овие тврдења, велејќи дека нема докази дека мобилните мрежи предизвикуваат рак или други болести.

Но, ако ништо друго, се чини дека дезинформацијата ескалираше.

Здружението на мобилни оператори „Мобајл Велика Британија“ соопшти дека неточните гласини и теории што ги поврзуваат 5G и коронавирусот се „загрижувачки“, додека владиниот Оддел за ИТ, култура, медиуми и спорт повтори дека „нема апсолутно никаков веродостоен доказ за нивното поврзување“.

Вирусите ги напаѓаат човечките или животинските клетки и ги користат за репродукција, предизвикувајќи инфекција. Вирусите не можат да живеат долго надвор од живо суштество, па затоа треба да најдат начин да влезат – обично по кашлање или кивање.

Редоследот на геномот на овој вирус укажува на тоа дека тој преминал од животни на луѓето – и потоа започнал да се пренесува од човек на човек.

Поврзани вести

Гугл објави извештаи за движењата на луѓето

msp-admin

Android 12 може да воведе режим за хибернација на апликациите

Влатко Зорба

Новата мобилна апликација на Microsoft Office комбинира Word, Excel и PowerPoint

msp-admin