Да се остане на „WhatsApp“, иако е во сопственост на „Facebook“ и со него споделува сè повеќе ваши податоци или да се префрли на сè попопуларната „Signal“ или некоја апликација од трета страна – тоа е дилемата што ја имаат голем број на корисници во светот деновиве.
Откако објавија нови политики за приватност и ја разгневија јавноста со нив, „WhatsApp“ оваа недела одлучи да ја поправи штетата што си ја направија на себе, или барем на нивниот имиџ. Така, тие објавија детален FAQ на нивната официјална веб-страница што се занимава со чести кориснички прашања поврзани со приватноста.
Првенствено, очигледно, тие сакаа да одговорат на прашањето на корисникот: „дали некој може да ги прочита моите разговори?“.
Дали Закерберг нè прислушува?
Тимот на Facebook кој стои зад WhatsApp им кажува на своите корисници, кои бројат околу две милијарди, дека новата политика за приватност не влијае на приватноста на пораките разменети со оваа апликација. Тие експлицитно велат дека никој освен вас, па дури ни Facebook, не можат да гледаат приватни пораки и да слушаат повици што ги остварувате со контактите.
WhatsApp не задржува логови за тоа кој со кого контактира, не ги следи корисничките локации и исто така не споделува списоци со контакти со Facebook. Тие исто така повторуваат дека сите разговори се заштитени со енкрипција „од крај до крај“ што тие никогаш нема да ја ослабнат.
За разлика од телекомуникациските компании, тие не чуваат метаподатоци за испратени пораки и примени повици, бидејќи ова е преголем ризик за сите две милијарди корисници.
Што тогаш споделуваат со „Facebook“?
Контроверзната одлука за споделување податоци со „Facebook“ (достапност на кориснички телефонски броеви и контакти, имиња на профили и слики на профили, статуси како и дијагностички информации за самата апликација) разлути многумина, па „WhatsApp“ го објаснува овој аспект на новите политики за приватност.
Првенствено, велат тие, податоците се споделуваат со компании кои се партнери на „Facebook“. Во случаи кога приватни корисници контактираат со кои компании преку WhatsApp, податоците од разговорот подоцна можат да се користат за поставување насочени реклами на „Facebook“.
На сличен начин, „WhatsApp“ ќе ги сподели со „Facebook“ навиките за купување на оние што ја користат услугата „Shops“ на „Facebook“, па за нив ќе се појават персонализирани реклами на оваа социјална мрежа, а исто така и на нејзиниот Instagram. Но, сето ова се однесува на корисници кои не се заштитени со европските регулативи.
Политиката за приватност на жителите на Европската економска област (ЕЕА) е нешто поразлична поради европските директиви и закони, особено ГДПР, затоа споделувањето податоци со „Facebook“ не е дозволено. „WhatsApp“ затоа останува за овој регион како што беше – т.е. нивната ирска подружница ќе мора да осигури дека приватноста ќе се третира на ист начин како и досега.