СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Кој може да го заземе местото на Кина како глобална фабрика?

Преобразбата на Кина во светска производствена сила е извонредна. Во 2001 година, кога се приклучи на Светската трговска организација (СТО), земјата беше незначителен играч на глобалната сцена на производство.

Токму членството во организацијата и годините на реформа на извозната економија и помогнаа на Кина да се докаже како најевтина глобална фабрика за трудоинтензивни производи како што се текстил, играчки, облека, обувки и мебел, пишува „Кварц“.

Овие индустрии беа отскочна штица за Кина економски да се развива и да премине кон понапредно производство на стоки. Азиската земја сега сака да се фокусира на производство на производи од повисока класа, потпирајќи се на домашната потрошувачка за да ја нахрани економијата, оставајќи им ја работата на производство на ефтина и трудоинтензивна стока на другите.

Ако планот на Кина функционира, кој ќе го заземе местото на земјата како глобална фабрика?

Ова е тема што Гордон Хансон, професор по економија на Harvard Kennedy School, ја допре во неодамнешниот труд со Националното биро за економски истражувања. За него во моментов нема јасен одговор на прашањето кој ќе биде наследник на Кина. Откако ги погледна кандидатите кои имаат најголеми шанси да ја преземат оваа улога, како и можноста Кина да продолжи да ја игра – со правење неколку важни промени, тој потврдува колку ова прашање навистина е збунувачко.

„Кој ќе влезе во чевлите на Кина, потсетува на нешто како загатка“, признава Хансон.

Најверојатни кандидати

Хансон ја фокусираше својата анализа на десет производи, вклучувајќи текстил, облека, обувки, спортски производи, скутери, играчки и многу повеќе. Откриено е дека уделот на Кина во светскиот извоз го достигна својот врв во 2013 година со 39,3% и падна на 31,6% до 2018 година.

Можеби најочигледните кандидати за пополнување на испразнетото место во однос на извозот се економиите во развој во Азија, како што се Индија, Бангладеш, Камбоџа, Индонезија, Мјанмар, Пакистан, Шри Ланка и Виетнам. Само во Бангладеш, Камбоџа и Виетнам во последните две децении, се забележува значително зголемување на извозот на трудоинтензивни производи.

Бангладеш стана втор најголем извозник на облека во светот заради ниската цена, додека Виетнам стана омилена алтернатива на Кина за обувки и текстил.

Случајот не е помалку убедлив за кандидатите во Европа, Северна Африка и на Блискиот исток, како што се Романија, Полска, Мароко, Тунис и Турција. Најголемиот извозник на групата – Турција, со години значително не го зголеми својот удел на трудоинтензивни производи.

Кина како „следна Кина“

Можно е трудоинтензивното производство да остане во Кина, но да претрпи големи промени. Технологијата, а особено автоматизацијата, нуди ветување дека роботите ќе вршат активности што се повторуваат, додека луѓето се концентрираат на повешти активности.

Всушност, Кина е еден од светските лидери во користењето на индустриски роботи, но тие се воведуваат главно во автомобилскиот сектор и во електронската индустрија. Земјата не покажува голема желба да ги користи овие технологии за производство на ефтина стока, што веројатно се должи на се уште широката понуда на ефтина работна сила.

Постои уште една можност што Хансон ја разгледува. Кина е нерамномерно развиена, со најголем дел од трудоинтензивното производство концентрирано во големите градови. Оваа индустрија може да се пресели во други делови на земјата.
„Во тој случај, Кина на крајот ќе се замени себеси“, напиша Хансон.

Што ќе значи недостатокот на „следната Кина“ за индустријата?

Иако компаниите напорно работат на проширување на своите синџири за снабдување надвор од Кина и за многумина ја истражуваат можноста за производство на производи поблиску до нивните крајни потрошувачи, вклучително и во Европа и САД, напуштањето на азиската земја ќе биде скап и сложен потфат.

Но, што би се случило доколку трошоците продолжат да растат во Кина и компаниите не ја напуштаат земјата?

Работата на Хансон не ги специфицира специфичните последици, но забележува дека еден од ефектите може да биде зголемувањето на цените на производите како што се облеката и обувките за компаниите и крајните корисници.

„Ние сме навикнати да добиваме многу ниски цени за овие добра и не знам дали целосно цениме колку паднаа цените на овие производи во споредба со другите во последните 20 години“, рече тој.

„Брзата мода е последица на подемот на Кина“, додаде Хансон.

Поврзани вести

За 73,7 милиони евра зголемени девизните резерви во септември

msp-admin

Германскиот бизнис лут на Меркел поради бавното отворање на економијата

Влатко Зорба

„Бентли“ масовно отпушта работници

msp-admin