Цената на Биткоинот паѓа втор ден по ред, при што загубите на дигитални валути достигнаа над 10% во последните 48 часа, а крипто-пазарот избриша милијарди долари, пренесува CNBC.
Цената на биткоинот во четвртокот падна за 8% на 31.007 долари, паѓајќи под прагот од 32 илјади долари за прв пат од 11 јануари, според податоците на веб-страницата CoinDesk.
Најскапата дигитална валута во светот имаше неколку луди недели, на почетокот на овој месец достигна 41,940 долари, по што нејзината цена нагло падна. Во моментов не е јасна причината за сегашните флуктуации, но инвеститорите сметаат дека веројатно станува збор за природна корекција.
„Прилагодувањата се природен дел од кој било пазар и се особено природни во екосистемот на Биткоинот“, рече Мајкл Сонестин, извршен директор на „Grayscale Investment“. „Од 2016 до 2017 година, доживеавме шест прилагодувања од приближно 30% или повеќе на патот кон нови височини“, додаде тој.
Етереум, втора по големина криптовалута според пазарната вредност, падна за скоро 9 проценти во последните 24 часа на 1.182 долари. Валутата во вторникот достигна историски врв од 1.439 американски долари, според „Coin Metrics“.
Вкупната пазарна вредност на сите криптовалути се намали за над сто милијарди долари во последните 48 часа – од околу 1,07 трилиони долари до 918 милијарди долари.
„Мислам дека мора да прифатиме дека има многу нестабилност во Биткоинот, а тој е сè уште во многу рана фаза на развој“, рече Ентони Скарамучи, основач на SkyBridge Capital.
Новите движења на цената на биткоинот доаѓаат откако новиот министер за финансии на САД, Џенет Јелан предупреди дека криптовалутите се користат „главно за нелегално финансирање“. Поранешниот гувернер на Федералните резерви изјави дека владата ќе мора „да истражи начини да ја ограничи нивната употреба и да осигури дека перењето пари не се врши преку овие канали“.
Колапсот доаѓа во време на позитивни вести за Биткоинот, кој сепак е во пораст повеќе од 140% во последните три месеци. Во средата, компанијата за управување со средства BlackRock, која е одговорна за управување со над 7,8 трилиони долари, поднесе посебен проспект за два фонда што можат да купат фјучерси на Биткоин, што е најсилниот знак досега дека институционалните инвеститори се свртуваат кон виртуелната валута.
Извонредниот раст на криптовалутата е делумно поттикнат од тврдењата дека таа нуди складирање на вредност слична на злато во време на невиден економски стимул, што според некои инвеститори може да доведе до нагло зголемување на инфлацијата.
Но, скептиците се грижат дека Биткоинот е само уште еден меур на пазарот што ќе пукне. Криптовалутата е позната по својата нестабилност – нејзината цена се искачи на скоро 20 илјади долари на крајот на 2017 година и се сруши следната година.