Уделот на спортските обложувалници во земјава во вкупно собраниот данок на личен доход во државната каса изнесува речиси 10%.
Високите 10% се заради фактот што данокот во спортските обложувалници се наплатува од секоја остварена добивка на играчите. Останатите приредувачи на игри на среќа, овој данок го плаќаат само за одредени категории на добивки, како на пример џекпот.
Приредувачите на игрите на среќа се единствените кои не беа опфатени со измените на Законот за данок на личен доход кога беше направена и корекција во висината на износот. За сите останати дејности данокот беше намален на 10%, единствено кај добивките од игрите на среќа остана непроменет и се задржа на 15%.
Игрите на среќа во кои влегуваат и спортските обложувалници во земјава имаат значаен социо-економски придонес по сите основи на своето работење.
Република Северна Македонија и во моментов има највисоки даноци за игрите на среќа во Европа. Преку даноците кои ги плаќаат, приредувачите на игрите на среќа придонесуваат со вкупно 4% удел во бруто-домашниот производ или повеќе од 250 милиони евра по сите основи.
Целата стопанска гранка вработува повеќе од 8.000 луѓе, кои одржуваат уште речиси 54.000 работни места во други дејности.
Оваа стопанска гранка, влијае и врз развојот и зголемување на обемот на производство на своите добавувачи, по основ на набавки на роба и услуги. Овие средства воглавно се слеваат во компаниите за производство и продажба на мебел, компјутерска и телекомуникациска опрема, развој на софтвер, набавка и одржување на возниот парк и слично.