„Универзална ќе биде реконструирана во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед со цел и понатаму да служи во колективната меморија како симбол на солидарноста”, изјави премиерот Зоран Заев на настанот по повод презентацијата на проектот за реконструкцијата на Универзална сала – Скопје. Премиерот Заев, заедно со градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, денеска го најавија почетокот на реконструкција на Универзалната сала, за чија цел се промовира проектот изработен од архитектот Бујар Муча. Градежните работи треба да започнат во мај годинава.
Согласно проектантските насоки, Универзална сала ќе ја задржи постоечката форма со внатрешна реорганизација на просторот со нови современи материјали за фасада, а самиот објект ќе биде енергетски ефикасен.
Шилегов искажа голема благодарност во Владата која одвои 120 милиони денари средства од Буџетот за реализација на овој проект кој има огромно значење за скопската и македонската култура.
„Универзална сала беше омилена културна институција на многу скопјани, а за многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан, а за мене тоа е доволна причина и мотив повторно да ги отвориме нејзините врати за посетителите”, рече Шилегов.