Секоја физичка активност е добра. Секако тоа зависи од староста, кога би биле по поодминати години ги советувам повеќе да се движат и пешачат во природа. Кај младите деца во развој ги советувам да прават вежби за корективна гимнастика и кардио вежби. Кај жени во менопауза пожелни се вежби за сила и кардио вежби. Додека кај професионални спортисти ги советувам да го дадат максимумот од себе на секој вид тренинг, вели во интервју за „Стандард лајф“ Мирко Петровски, еден од најпознатите македонски бодибилдери.
За најчестите грешки кои луѓето ги прават во исхраната, Петровски, кој е добитник и на најголемото државно признание 8-ми септември, вели дека е што „веруваат на сите оние новокомпонирани и извикани т.н нутриционисти“.
-Сум се изначитал многу глупости од нивните исхрани за кои лугето плаќаат по 3.000 денари месечно, истакнува тој.
Сите оброци се важни, но според него, тоа се оброците после тренинг затоа што тогаш на телото треба да му се обезбедат квалитетни аминокиселини од протеините за да се рехабилитира телото што е можно побргу.
-Мојот најомилен оброк се состои од пет цели јајца, испржени во тефлонско тавче, со салата и авокадо и 200 грама варен ориз, истакнува тој во интервјуто.
Како професионален тренер со големо искуство, можете ли да ни кажете која возрасна група на луѓе најчесто ви се обраќа за помош со цел губење на вишокот килограми или обликување на телото?
– По струка сум професор по физичка култура и имам специјализирано спортски тренинг и исхрана. Работам како тренер од мојата 19- та година. Во овие 28 години имам работено со клиенти од 10 до 76 години , а сега како тренер работам и со нивните деца. Впрочем, за тоа ми помогна многу Факултетот за физичка култура, затоа што таму се учи кинезитерапија, работа со деформитети (кифоза, лордоза, сколиоза, Х и О нозе…) со деца за да се подобри или најмалку што може да се стопира и да не се влошува нивната состојба. Исто така сум работел и со врвни спортисти за да ги подобрат нивните физички способности (сила, издржливост експлозивна снага…), и за побрзо враќање во форма, односно рехабилитација после некоја повреда. Секако сум работел и со спортисти и спортистки бодибилдинг и фитнес и имам постигнато големи успеси како тренер. Но во мојот клуб „Проект Фит“ 95% се луге рекреативци кои што сакаат да си го подобрат квалитетот на животот.
Кој е вашиот омилен начин да ги мотивирате почетниците?
-Им ја раскажувам мојата приказна, за моите почетоци кога имав само 55 килограми. Секако им давам вежби и совети за исхрана, постепено за да неосетно ги осетат благодетите од вежбањето.
Дали луѓето што ги тренирате и ги насочувате повеќе се грижат за своето здравје или првенствено вежбаат за да изгледаат добро?
-Како што кажав и претходно, најголем дел од членовите во „Проект Фит“ се луѓе кои што сакаат да го подобрат квалитетот на животот. Доаѓаат за дружење, социјализација и да го остранат стресот од секојдневните активности што ги имаат.
Кои видови физички активности ги сметате за најздрави? Можете ли да наведете некоја што секој човек може да ја практикува?
-Секоја физичка активност е добра. Секако тоа зависи од староста, кога би биле по поодминати години ги советувам повеке да се движат и пешачат во природа. Кај младите деца во развој ги советувам да прават вежби за корективна гимнастика и кардио вежби. Кај жени во менопауза пожелни се вежби за сила и кардио вежби. Додека кај професионални спортисти ги советувам да го дадат максимумот од себе на секој вид тренинг.
Според вас, кој е најважниот оброк во денот? Како изгледа и еден ваш оброк?
-Сите оброци се важни, но според мене тоа се оброците после тренинг затоа што тогаш на телото треба да му се обезбедат квалитетни аминокиселини од протеините за да се рехабилитира телото што е можно побргу. Мојот најомилен оброк се состои од пет цели јајца, испржени во тефлонско тавче, со салата и авокадо и 200 грама варен ориз.
Најчестите грешки кои луѓето ги прават во исхраната се?
-Најчести грешки се што веруваат на сите оние новокомпонирани и извикани т.н нутриционисти. Сум се изначитал многу глупости од нивните исхрани за кои лугето плаќаат по 3.000 денари месечно. А кај нас во „Проект Фит“ со чланарина од 2500 денари добиваат и персонализиран план за исхрана и тренинг.
Како би изгледало здравото слабеење, односно колку килограми можеме да изгубиме на неделно ниво?
-Најздраво и најдобро е да се смалува по половина килограм неделно, односно 2 кг месечно. Но тоа кога се вежба и јаде правилно значи многу повеке трошење на масти и создавање на мускулна маса која што тежи многу повеке од салото. Јас би им препорачал да не ја гледаат килажата туку изгубените сантиметри.
Р.Т.