СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Пропаднатата европска економија ќе се разбуди загрижена за растот на цените

Европските компании ќе се соочат со критичен избор – дали треба да го искористат очекуваниот пораст на деловната активност за да ги зголемат цените, пишува Блумберг.

Кога ќе се отстранат ограничувањата заради пандемијата, се очекува интензивирање на посетите на фризерски салони, ресторани и туристички агенции, што ќе биде поткрепено со одложената побарувачка и собраната готовина по повеќе од една година присилно штедење.

Некои економисти сметаат дека ова ќе доведе до скок на потрошувачките цени, бидејќи компаниите – од транспортниот сектор до оние поврзани со одмор, веќе почнуваат да ги зголемуваат цените.

Приносите на обврзниците, клучна мерка за ризик од инфлација, растат на глобално ниво. Податоците од минатата недела покажаа зголемување на продажбата на мало во САД и пораст на цените во Обединетото Кралство – и двете земји се движат брзо со процесот на вакцинација.

Додека податоците од еврозоната во вторникот може да покажат најбрзо забрзување на инфлацијата по скоро една година (економистите предвидуваат инфлација од 0,9%), изгледите за зголемување на цените се ублажуваат со побавна вакцинација и загуба на милиони работн места во најлошата рецесија во време на мир во изминатиов век.

„Ситуацијата е чудна – живееме со надеж и вознемиреност истовремено“, рече Христос Пашхос, хотелиер на грчкиот остров Аморгас, кој минатата година ги намали цените на собите за 15%. Тој во моментов размислува да ги задржи цените на исто ниво како во 2020 година, со услов прво да види каква ќе биде побарувачката.

Економистите зборуваат за обновување, во кое некои сектори или земји известуваат за раст, а други не. Националната фискална помош варира значително и плановите за трошење на средства за опоравување на Европската унија сè уште се поднесуваат.

Во исто време, некои даватели на услуги велат дека немаат друг избор освен да ги зголемат цените за да преживеат, бидејќи многу компании ориентирани кон потрошувачи работат со ниски маргини на профит и се потпираат на прометот.

„Забележавме по првото заклучување дека цените повторно се зголемија“, рече Харалд Есер, претседател на Централното здружение на германски фризери, додавајќи дека многу бизниси работат со само половина од просторот за клиенти.

Во моментов, податоците за потрошувачките услуги не се еднонасочни, со тенденција да се зголемуваат цените на фризерските услуги, додека хотелите прават попусти, а рестораните ги задржуваат своите сегашни цени.

Аргументот дека цените би можеле да пораснат многу повеќе отколку што очекуваа луѓето по пандемијата се заснова на идејата дека владите и централните банки имаат внесено премногу пари во системот преку дополнителни програми и набавки на обврзници. Ова е дебата која веќе се вжештува во позадина на поскапувањето на криптовалутите и растот на дневното тргување со акции, поттикната од Редит.

Економистите генерално веруваат дека има огромна количина на заштеди акумулирани за време на пандемијата што луѓето едвај чекаат да почнат да ги трошат.

Овие чувства се гледаат и кај операторот за одмори ТУИ АГ, кој овој месец рече дека цените што се наплатуваат за летни резервации се за 20% повисоки од истиот период во 2019 година.

Сепак, поголемите заштеди се нерамномерно распределени, а несигурноста во вработувањето е голема.

Европската централна банка предвидува просечна инфлација од 1% оваа година, што ќе се забрза на само 1,4% во 2023 година, што сепак ќе биде далеку под целта од нешто помалку од 2%. Гувернерката на ЕЦБ, Кристин Лагард, овој месец рече дека „ќе помине некое време пред да се грижиме“ дека инфлацијата е превисока.

Поврзани вести

Дигиталниот долар на ФЕД нема никаква врска со биткоинот

Влатко Зорба

Кои се главните ризици за инвеститорите во Блискиот исток во 2020 година?

msp-admin

Што очекуваат инвеститорите од пролетта 2021 година?

Влатко Зорба