СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Штетите врз економијата ќе бидат видливи на крајот од кризата со коронавирусот

Министрите од економските ресори вчера на прес конфенреција го презентираа првиот сет економски мерки за помош на најзагрозените бизниси од кризата поради коронавирусот. Меѓу првите мерки се бескаматните кредити од Развојната банка на Северна Македонија, а кои ќе се делат согласно големината на фирмите, како и  субвенционирање на придонесите по вработен во висина од 50 проценти од придонесите за исплатена просечна плата во 2019 година, со услов компанијата да не го намали бројот на вработени, да нема исплатено дивиденда и да нема исплатено бонуси.

Фирмите да бидат ослободени од плаќање на аконтации од данокот на добивка, за месеците април, мај и јуни, со истиот услов како и за придонесите.

Извршната директорка на Фајненс Тинк, Благица Петрески, во изјава за „Стандард“ вели дека првите мерки кои ги презема владата се во линија на она што Фајненс Тинк го дале како препорака.

„Сметам дека мерките се во линија што Фајненс Тинк го даде како препорака. Секако дека треба да бидат надградени и надоплнети, со цел да се превенираат можните поголеми загуби“, вели Петрески.

Професорот Ванчо Узунов пак, потсетува дека се работи за почетни мерки и дека како понатаму ќе се развива ситуацијата, така ќе се преземаат нови мерки.

„Ова се почетни мерки, не е ова се што можело или требало да се направи. Како понатаму ќе се развива, така ќе се носат нови мерки“, вели Узунов за „Стандард“.

Тој посочува дека во моментов не е потребно лицитирање со бројки во однос на тоа колкави би биле последиците од коронавирусот врз економијата, бидејќи не се знае како ќе се развива ситуацијата.

„Не може тоа никој да го каже, секое лицитирање со бројки е сеење паника. Проблемот е непредвидлив и не знаеме до каде ќе оди“, истакнува професорот Узунов.

Извршната директорка на Фајненс Тинк е на иста линија со Узунов. Таа смета дека ситуацијата треба да се гледа од поширок апсект, односно да се запази ликвидноста, како во фирмите, така и на буџетот.

„Не би излегувала со поконкретни податоци. Треба да се гледа од пошриок аспект, ликвидноста на фирмите и ликвидноста на буџетот. Треба да водиме сметка на сметка на сите аспекти“, истакнува Петрески.

Позитивното во прогласувањето на вонредна состојба, освен поефикасното спроведување на превентивните мерки од страна на владата, се гледа и во носењето на мерки во економскиот дел, бидејќи освен извршната, владата сега ја има и законодавната власт.

Во врска со новите мерки кои владата би ги преземала, професорот Узунов појаснува дека се би зависело од тоа како ќе се развива состојбата со коронавирусот.

„Зависи од ситуацијата. Не дај боже да треба. Затоа беше потребна и вонредната состојба, за владата да носи мерки ако треба и по три пати дневно“, вели професорот Ванчо Узунов за „Стандард“.

Според Благица Петрески, како втора опција во дополнителните мерки, треба да се почне со потенцијални даночни олеснувања, но како што посочи, мора да се гледа во делот да не се загрозува ликвидноста на буџетот.

„Позитивно е тоа што имаме вонредна состојба, зошто на владата и се дава механизам да ги носи мерките и да прави измени, што беше пречка. Претпоставувам дека владата следи и соодветно ќе даде мерки. Една од препораките е да се генерираат коректни очекувања, да има план за мерки, не мора сите да се стават на сила мерки, но да има план, колкав е износот со кои змејата може да располага“, истакнува Петрески.

Со прогласувањето на вонредната состојба синоќа, премиерот Оливер Спасовски истакна дека се олеснува носењето на ефикасни мерки со кои ќе се спасува бизнис секторот, односно фирмите кои се најзагрозени од кризата предизвикана од коронавирусот.

Додека траат владините мерки, Управата за јавни приходи нема да врши присилна наплата, а мерки презема и Народната банка, односно олеснувања за банкарскиот сектор и фирмите, со цел банките да се осврнат кон кредитирањето на бизнис секторот.

Александар Тодески

Поврзани вести

Кинеската тактика на „подели па владеј“ во ЦИЕ се соочува со проблеми

Влатко Зорба

Кина се насочува кон економскиот трон на САД

Влатко Зорба

Што треба да знаете за негативните цени на нафтата?

msp-admin