Финансирањето на трошења кои нема да стимулираат раст на продуктивноста и подобрување на условите за работа на субјектите во приватниот сектор кој е двигател на економијата, е тешка одлука за која креаторите на буџетот ќе имаат одговорност не само пред вработените во јавната администрација и пензионерите, туку и пред приватниот сектор кој вработува 80% од вкупниот број граѓани во државата. Од буџетот тежок 3,9 милијарди евра за 2020 година, 109 милиони евра или околу 3 % се наменети за директна поддршка на приватниот сектор, вели во соопштение до медиумите Данела Арсовска, Претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Според неа, во состојба на континуирани политички превирања имало потфрлање на повеќе полиња во изминатата година, особено во делот на реализација на капиталните инвестиции, а дополнително треба да се има предвид дека компаниите генерираат се помали добивки.
– Затоа нејасно е врз кои параметри е базиран проектираниот раст од 3,8% идната година, со оглед на тоа што влегуваме во изборна година и во првите 6 месеци од годината до конституирање на нова влада се ќе биде во застој поради неизвесноста, доколку се одржат изборите во април 2020 година, вели Арсовска.
За начинот на кој се планира да се трошат буџетските средства, продолжува таа можеше да има поголема транспарентност со што ресорното министерство, преку широка стручна дебата „ќе добиеше и инпут од засегнатите страни за тоа како да се подобри структурата на јавните трошења, но и за тоа колку приходната страна е реална“.
– Од оние информации кои циркулираат во јавноста, заклучокот е дека буџетот е наменет за зголемувањето на платите во образованието, здравството и зголемување на пензиите, но не и како тоа ќе помогне стопанството и граѓаните да добијат подобри услуги, бидејќи системските проблеми нема да се решат на овој начин ниту ќе порасне продуктивноста на компаниите кои го полнат буџетот за да можат да издржат повисоки плати и трошоци. Од друга страна, трпат капиталните инвестиции, поле на кое се потфрли изминатата година, имајќи предвид дека имаме стратешка заложба за инфраструктурно поврзување на Македонија за побрз проток кое треба да остане во приоритетите, но и дека на овој начин се стимулира работата на над 20 стопански гранки, пишува Арсовска во своето соопштение.