СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Битиќи на дискусија во организација на Албиз фондацијата: Човечкиот капитал е најзначајниот ресурс на државата

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, на покана на Фондацијата за развој на образованието и културата Албиз, учествуваа на панел дискусија „Механизми за поддршка на младите да го одржат сопствениот бизнис и да креираат одржливи работни места”, која се одржа во рамките на проектот „Иновации и медиски партнерства за акција, соработка и трансформација на Западниот Балкан” (EU-IMPACT-WB), поддржан од Европската Унија.

Вицепремиерот Битиќи зборувајќи на панелот истакна дека Владата и носителите на државни функции посветено работат за креирање на можности за младите лица, да се трасира патот и да младите лица со претриемачки дух ги искористат можностите и да ги реализираат своите идеи.

„Веќе девет месеци работиме активно на повеќе полиња. Би издвоил две. Од првиот ден зборуваме за Национална развојна стратегија на Република Северна Македонија, последните 15 години од мојата кариера постојано зборувам дека е важно каде се движиме како земја, да имаме јасна одредница каде сакаме да бидеме. Веќе сме на половина пат од создавање на Национална развојна стратегија, ја дефиниравме методологијата, дефинирано е дека ова ќе биде инклузивен процес со сите вклучени чинители, затоа што верувам дека креирањето на иднината не е заслуга само на еден-двајца луѓе или една владеачка гарнитура, тоа треба да е создадено од сите чинители на општеството. Со тоа јасно им укажуваме на младите, за многу брзо време ќе имаме јасна визија каде сакаме да ја видиме нашата држава после 20 години. Второто нешто кое навистина ми предизвикува задоволство, е заедничката работа со директорот на ФИТР, Петров, да ја направиме Северна Македонија „старт-ап хаб на Балканот” или да се препознава како земја на можности за младите. За сите оние кои влегуваат во бизнисот. Развојот на земјата, на економијата, доаѓа токму од стопанството, од бизнисот “, посочи вицепремиерот Битиќи на почетокот на дискусијата на панелот.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров истакна дека е горд со успесите коишто ги има постигнато ФИТР во изминатите неколку години и што веќе во портфолиото на Фондот има 550 проекти на микро, мали и средни компании, а дел од тие компании токму на овој настан ги презентираа своите проекти.

„Задоволство е што денеска осум успешни компании од ФИТР ќе го презентираат патот од идеја до успешна реализација на бизнис во рамки на настанот „Механизми за поддршка на младите да го одржат својот бизнис и создавање одржливо вработување”. Горд сум што сум дел од институцијата која покажува дека бизнис секторот може да се менува и да биде во чекор со оние од најразвиените земји. Нашите корисници ја менуваат перцепцијата за млади претприемачи и токму овие компании не само што ги менуваат, туку веќе и ги креираат глобалните успешни приказни. ФИТР не е само институција која нуди финансиска поддршка, туку е вистински стратешки партнер на стартап компаниите. За речиси четири години, имаме раст од над 1500%, односно од 36 поддржани компании во 2017 година, денес портофолиото на ФИТР вбројува 559 компании во вкупна вредност од 77 милиони евра. Од нив, 305 се стартапи компании со вкупно кофинансирање од Фондот од 17,3 милиони евра. Веќе се ангажирани или во процес на директен ангажман на проектите над 10.000 лица, со просечен износ на плата над 40.000 денари, што е речиси 60% повисоко од националниот просек”, нагласи директорот на ФИТР, Петров за време на дискусијата.

Вицепремиерот Битиќи зборуваше и за даночните олеснувања и финансиска поддршка за нови инвестиции, како еден инструмент за поддршка на стопанството. Даночните олеснувања не треба да се гледаат како можност компаниите да стануваат побогати, туку како креирање на можности за младите луѓе.

„Досега кога зборувавме за даночни олеснувања и финансиска поддршка, мислевме на олеснувања во врска со инвестиции во згради, хали, машини, опрема, но не и инвестиции во луѓето. Сега, зборуваме дека највредниот капитал кој го имаме се токму луѓето. Минатата недела укажав дека кога се зборува за даночни политики, даноците мора да бидат правични и праведни и да креираат додадена вредност. Ќе отвориме дискусија за било какви даночни олеснувања, доколку истите поттикнуваат циклуси на развој. Верувам во циркуларната економија, верувам во креирање на вредносен ланец, само така се креира додадена вредност на сето она што го имаме. Со последните измени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој е еден од клучните закони за реструктуирање на нашето стопанство, додадовме одредби со кои сите инвестиции во човечкиот кадар, доквалификации и преквалификации, обуки, образование ќе ги третираме како инвестиции во човечкиот капитал ќе бидат директно поддржани финансиски, не со даночни олеснувања, туку со финансии. Секоја една компанија која ќе влезе во инвестициски производствен циклус и има инвестиции во кадарот, ќе биде финансиски поддржана од државата, само така ќе направиме исчекор за давање поддршка за младите, но и другите луѓе и да се сопре процесот на миграција. Дополнително, воведовме и мерка која се однесува на рамномерниот регионален развој, односно сите инвестиции кои ќе се реализираат надвор од развиениети региони ќе добијат дополнителен поттик. Нудиме можност на младите да живеат и работат кадешто се без да ги принудиме да доаѓаат во Скопје или друг поголем град и да бараат работа”, посочи вицепремиерот Битиќи и додаде дека Владата во моментот отвори дискусија и размислувања за постепено намалување и целосно укинување на данокот за личен доход до 2023 година, за вработени во ИТ секторот, со намера да се фати брз чекор со четвртата индустриска револуција.

„ИТ секторот е еден од најбрзо растечките. Прашањето е дали ние во институциите имаме креирано соодветен капацитет кој може да го следи растот на ИТ секторот. Ние треба да одлучиме како држава, дали ИТ секторот, кој е клучен за четвртата ндустријализација или некој друг сектор е најважен, затоа што не може да генерираме кадри во образовниот систем кои се со генерални квалификации. Тоа треба да го направиме, да креираме стручни кадри за потребите на модерното стопанство. Имаме конкуретен модел за привлекување на инвестиции, а нашите политики за инвестиции ќе бидат целосно усогласени со политиките на Европската Унија, за да креираат додадена вредност”, посочи вицепремиерот Битиќи дискутирајќи на панелот.

Поврзани вести

Со браната „Конско“ се обезбедува наводнување на нови 8.000 хектари земјоделски површини (ВИДЕО)

Влатко Зорба

Мобилна апликација за пријавување на прекршени работнички права

Влатко Зорба

Ангеловска: „Дигитална Македонија“ или „Смарт Македонија“ е визијата каде ја гледаме земјата во следните години

Никола Поповски