СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Дали ГТЦ ќе има нов модел на управување?

Наталожените проблеми помеѓу Здружението на сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 Скопје и менаџментот на Градскиот трговски центар ќе се решаваат со помош на Владата. Во канцеларијата на вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи на иста маса седнаа Здружението на сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 Скопје и менаџментот на ГТЦ А.Д.- Скопје, секој со свои аргументи. Основното и прво на листата на барања на Здружението останува заедничкото управување со ГТЦ, односно создавање нов начин на управување со овој објект.

„Од вкупно 588 деловни простории, 472 се приватни, па оттука и нашето барање да бидеме информирани за секоја набавка, план или програма во однос на Градскиот трговски центар. Крајно време е ГТЦ да стане заедница на сопственици, исто како на пример трговските центри „Бисер“ или „Беверли“, велат од Здружението за „Стандард“.

Следно на листата барања е одвојување на трошоците за одржување од трошоците за комунални дејности.

„Зошто не ни се дозволува сами да избереме од кој оператор да добиеме услуга. Така ќе можеме да добиеме конкурентна цена“, велат од Здружението.

Подеднакво важни им се и барањата на затворените дуќани да им се одреди такса од максимум 1000 денари; ГТЦ да почне да плаќа за трошоците на дуќаните со кои што стопанисува и да се дислоцираат времените објекти кои како што велат, претставуваат нелојална конкуренција.

Правната служба на вицепремиерот Битиќи, посочуваат во Здружението, им укажала дека од менаџментот на ГТЦ треба писмено да побараат усогласување по закон на договорите на сите сопственици и намалување на цената на одржување и цената за комунални услуги.
Меѓу низата проблеми на релација ГТЦ – Здружение на сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 Скопје континуирано се провлекува барањето да се намали трошокот за одржување во износ од 4 евра по метар квадратен. На овој износ се додаваат и дополнителни 4 евра за комунални услуги, што на крајот резултира со сума која според Здружението е огромна со оглед на економската ситуација и куповната моќ на граѓаните.

За менаџментот на ГТЦ А.Д. Скопје не е прифатлив нов модел за управување со ГТЦ.

„Барањето за заедничко управување со ГТЦ, односно создавање нов начин на негово управување е во спротивност со позитивната законска регулатива. За ваквото барање на ова Здружение веќе постои мислење од страна на надлежните државни институции“, велат од таму.

Сличен е одговорот и на барањето за одвојување на трошоците за одржување од трошоците за комунални дејности.

„Со цел да им се излезе во пресрет на корисниците, ГТЦ А.Д.- Скопје се консултираше со надлежните државни органи за барањето за самостоен избор на оператор, но и покрај нашата отвореност за соработка, истото не е можно да се изведе на начин на кој го бара ова Здружение. Што се однесува пак до тоа дека трошокот за комунални услуги изнесува 4 евра, истото не е точно, односно комуналните услуги се наплаќаат во зависност од потрошувачката, односно онолку колку што ќе потроши корисникот на деловниот простор“, велат од таму.

Во однос на предлогот на Здружението за намалување на таксата која би ја плаќале корисниците на деловен простор чии локали се затворени, од ГТЦ одговорија дека предложениот износ ќе биде разгледан од страна на одборот на директорите, но дека ќе бидат земени предвид трошоците кои ГТЦ А.Д. Скопје ги има за одржување на објектот, како и фактот дека надоместокот за тековно и инвестиционо одржување на објектот не е променет повеќе од 10-ина години, токму со цел да не претставува товар за корисниците на деловните простори.

Нивен став е дека се уште е рано да се навлегува во детали во однос на другите предлози, односно дека претходно треба писмено да им бидат доставени за детално да се разгледаат на седница на одборот на директори.

Од ГТЦ А.Д. – Скопје нагласија и дека при разгледувањето на предлозите ќе бидат земени предвид и предлозите на другото Здружение на сопственици на деловен простор кое како што велат, постои и функционира повеќе од една декада.

К.В.С.

Поврзани вести

АСОМ: Растојанието од 500 метри на нашите деловни објекти од училиштата значи гасење на цела индустриска гранка

Влатко Зорба

УЈП го продолжи рокот за пополнување на образец за ослободување од месечни аконтации за данок на добивка

Ангела Веселиновска

Работиме со сите сили да ја трансформираме С. Македонија во нов регионален центар на иновации, рече премиерот

Влатко Зорба