Соочен со се поголем број пријави за сериозни прекршувања на работничките права, Сојузот на синдикати на Македонија се соочува со парадоксална ситуација кога поради здравствената криза и обврската за почитување на здравствените протоколи е обврзан да го ограничува бројот на членовите кои учествуваат на првомајскиот синдикален марш. Изминатата година работниците се соочуваа со откази и намалени плати, вели за Стандард претседателот на ССМ Дарко Димовски.
„Работниците беа упатувани дома со образложение на работодавачите дека нема работа заради здравствената криза или дека нема услови истата да се организира според државните протоколи, при што на овие работници им беше намалена платата и не се почитуваа уредбите на Владата за право на платено отсуство“, посочи Димовски.
Како особено аларманти ги наведува обраќањата за злоупотреби од страна на несовесните работодавачи кои не ги исплатуваа средствата за финансиска помош од државата за плати на работниците. Овие злоупотреби, рече Димовски, ССМ јавно ги објави и побара интервенција од УЈП и надлежните државни органи, несовесните работодавачи беа казнети, а на работниците им беше исплатена платата.
Протестот со кој го одбележувате Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај е во услови на здравствената криза од вирусот Ковид-19. Колку беше тежок начинот на неговото организирање со оглед на обврската за почитување на сите мерки и препораки?
-Маршот ќе започне пред зградата на ССМ, каде ќе бидат исцртани точки на кои ќе можат да застанат нашите членови, со пропишаната дистанца меѓу нив. Предвидено е место за околку 300 лица, што е многу помалку од бројот на сите оние кои сакаа да дојдат. Токму поради обврската за почитување на мерките и препораките беше одложен транспортот на нашите членови од регионалните канцеларии од градовите. Јас ја разбирам желбата и потребата на сите синдикалци да учествуваат во маршот, но овој пат условите и ситуацијата се специфични, и ние мора да ги почитуваме.
Какви се вашите проценки, која е најголемата причина поради која работниците овој 1 Мај имаат потреба да излезат на протест? Кое работничко право според Вас го чувствуваат како најзагрозено?
-Најголемиот број на обраќања во 2020 година или над 40% се во врска со неосновано намалени плати, неисплатени плати, додатоци, надоместоци, регрес за годишен одмор и придонеси од плата. Карактеристично беше упатувањето на работниците дома со образложение на работодавачите дека нема работа заради здравствената криза или дека нема услови истата да се организира според државните протоколи, при што на овие работници им беше намалена платата и не се почитуваа уредбите на Владата за право на платено отсуство. ССМ за ваквата појава во соработка со Државниот иснпекторат за труд навремено интервенираше, и со тоа кај таквите несовесни работодавачи беа спроведувани инспекциски контроли и беа задолжувани да ја исплаќаат платата на работниците утврдена согласно Договорите за вработување.
Исто така, бројни обраќања до ССМ се однесуваа на непочитување на правото на платено отсуство на хронично болни работници, родители со деца до 10 години, бремени работнички и сл. Отказите се исто така значаен дел или околу 40% до обраќањата во ССМ. Евидентирани се откази во чевларската индустрија, металната индустрија и угостителството. Во неколку наврати бележиме незаконити откази на договорите за вработување на претседатели на синдикалните организации во комапаниите. Преземени се сите активности за нивна заштита, во тек се и судски постапки во врска со незаконитото постапување кон синдикалните претставници, затоа што тоа дирекно влијае на сузбивање на синдикалното организирање и делување, а во 2 случаи Државниот трудов инспекторат и Судот ги врати на работа синдикалните претставници.
Исто така дел од обраќањата за откази се однесуваат на тоа дека работодавачите неосновано им го трансформираат работниот однос од работен однос на неопределено време во работен однос на определено време, како и во врска со притисоците врз работниците да потпишат спогодбен престанок на работниот однос.
Изминатата година имаше 80.000 пријави за загрозување на работничките права. Дали е овој број споредбено различен од претходните години?
-Евидентирани се голем број обраќања за прекинување на договорите за дело, предвремено прекинување на договори за вработување на определено време и непријавена работа. Подоцна преовладуваа обраќањата за злоупотреби од страна на несовесните работодавачи кои не ги исплатуваа средствата за финансиска помош од државата за плати на работниците . Овие злоупотреби ССМ јавно ги објави и побара интервенција од УЈП и надлежните државни органи. Несовесните работодавачи беа казнети, а на работниците им беше исплатена платата.
ССМ постојано нагласува дека голем дел од обраќањата за прекршување на работничките права се од работници кои не се синдикално организирани со што се оневозможува делувањето на ССМ.
Големиот број на обраќања од работници кои не се членови на синдикат и во овие сложени здравствени услови уште еднаш го потенцираше значењето и неопходноста од синдикално организирање и функционирање. Нагласуваме дека Компаниите од каде работниците кои се
обратиле до ССМ имаат повеќе од 80.000 вработени, а со тоа директно или индиректно сме обезбедиле правна заштита за сите нив.
Дел од обраќања или 20% од пријавите до ССМ се во врска со упатување на годишен одмор или принуден одмор без решенија, како и обраќања за предвремено раскинување на договорите за дело, непријавената работа, привремените вработувања преку приватните агенции за привремени
вработувања и сл.
Синдикатот работеше на неколку предлог закони во интерес на одбрана на работничките права. Кое е според Вас работничкото право кое беше најтешко извојуваната победа?
-Здравствената криза која започна минатата година и која со несмалено темпо продолжува оваа 2021 година, ги мобилизираше сите стручни капацитети на ССМ со основна цел и во услови на вонредна и кризна состојба да се почитуваат работничките права уредени со Законот за работни односи, други закони и Колективните договори.
Правниците од службата за бесплатна правна заштита, како и сите синдикални претставници од ССМ од почетокот на кризата беа континуирано онлајн достапни за своето членство и за сите работници во државата.
Евидентирани беа бројни прекршување на работничките права и нашите служби настојуваа да ги преземат сите мерки и активности согласно закон и да обезбедат навремена, стручна и ефикасна заштита за сите работници.
Од почетокот на здравствената криза правната служба на ССМ по пат на совети, изготвени правни мислења, толкувања, изготвени приговори, тужби и дирекно постапување пред надлежните органи обезбеди заштита на работничките права во компании кои вработуваат над 80.000 вработени.Како победа ја чувствувавме секоја одбрана на правата на работниците, сеедно од која форма или облик. Како што веќе посочив предизвиците беа големи, бидејќи работниците во многу случаи се соочуваа со сериозни прекршувања на нивните права.
За да бидеме подостапни до работниците, ССМ промовираше и нова мобилна апликација ССМ- мои работнички прва преку која работниците можат да пријавуаат кршење на работничките права за себе, за друг или анонимно до Сојузот на синдикатите на Македонија, непосредно да комуницираат со правните застапници во ССМ, да добиваат новости и совети директно на своите мобилни телефони, а воведовме и онлајн Е – Советник за работнички прва, СИНДИ.
К.В.С.