Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, повика денес да се понуди прошка на долгот на земјите во развој, поради пандемијата од коронавирусот и побара од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да ја разгледа глобалната ликвидност користејќи ја валутата на специјалното право на повлекување (Special Drawing Right (SDR).
SDR е единица за пресметка на ММФ и претставува побарувачка за валута, а се заснова на група на клучни меѓународни валути.
– Простувањето на долговите не може да биде ограничено на најмалку развиените земји. Мора да се прошири на сите земји во развој кои бараат да се одложи отплатата на долговите како резултат на губење на пристапот до финансиските пазари – потенцира Гутереш.
Земјите во развој, кои веќе се во неволја поради зголемувањето на долговите, сега се соочуваат со рекорден пад на глобалната економија, паѓање на цената на нафтата и извозот на стоки и слабеење на локалните валути.
Падот на цената на нафтата веќе ги оптовари земјите со среден приход.
Групата 20, вклучително и Кина и Парискиот клуб на доверители, понудија во април да ги прекинат билатералните отплати на долг за 77 најсиромашни земји до крајот на годинава. Досега само 22 земји побараа одложено враќање на долгот.
Германската канцеларка Ангела Меркел го поддржа повикот на Гутереш до ММФ да ја разгледа употребата на SDR валутата.