Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски оствари работна посета на Стопанската комора на северозападна Македонија.
На состанокот, на кој присуствуваше претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, и членовите на потесното раководство, беше констатирано дека продолжува воспоставената одлична комуникација меѓу Владата и бизнис заедницата.
Премиерот Спасовски истакна дека Владата останува отворена за предлозите на бизнис заедницата и ќе го продолжи дијалогот во однос на прашањата кои директно ги засегаат.
Воедно премиерот Спасовски нагласи дека и покрај изборниот процес Владата функционира во полн капацитет и обезбедува континуитет на економските политики.
Претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија покажаа интерес за повеќе области, и посебно ги издвоија инфраструктурните прашања поврзани со зоната Визбегово и патниот правец Скопје-Блаце.
Премиерот Спасовски истакна дека Владата останува посветена на решавањето на овие инфраструктурни прашања и дека се надминати дел од проблемите што Владата ги затекнала од претходно.
На средбата беше потврдено дека зоната во Визбегово и патниот правец Скопје-Блаце се од исклучително економско значење за бизнис заедницата и за граѓаните.