СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Короната ги крена цените на становите: Карпош и Аеродром најпосакувани општини за живеење

Коронавирусот не го „зарази“ пазарот за недвижности, напротив покрај тоа што ја зголеми побарувачката за станбени простории, пандемијата ги крена и цените.

Агенциите за недвижности во разговор за „Стандард“ велат дека побарувачката за купување на станбени простории е на високо ниво уште од средината на минатата година и се надеваат дека оваа состојба ќе продолжи и во текот на 2021 година.

Зголемената побарувачка ги крена цените 

-Според нашите анализи и искуства во изминатата година од прогласувањето на пандемијата првично беше забележано намалување на понудата на станбен простор за што секако меѓу другото влијание имаше и пандемијата и неизвесноста која ја носи со себе една таква деликатна состојба, додека побарувачката за купување на станбениот простор постепено се зголеми,особено од средината на минатата година што секако следствено понатаму доведе и до зголемување на продажната цена на станбениот простор. Постојат повеќе причини за зголемување на цената на станбениот простор и тоа: намалениот обем на работа на градежните фирми,цените и достапноста на градежните материјали и работната рака како и намалувањето на понудата на станови особено во централното градско подрајче каде што има мораториум односно забрана за градба, објаснуваат од агенцијата за недвижности „ЛЕВЕЛ 7“ .

 И од агенцијата „Атлас“ потврдуваа  дека пандемијата ги покачила цените по квадрат.

-За време на пандемијата цените се зголемија од 100 до 200 евра по квадрат за разлика од претходно, велат од агенцијата додавајќи дека цените се покачени од страна на инвеститорите, а нивните клиенти се повеќе заинтересирани за купување на куќи за разлика од станови.

Најпосакувани општини за живеење во Скопје

-Најбарани станови и со највисока цена се локациите во центарот на градот и тие кои гравитираат околу истиот како што се Карпош 1 и Тафталиџе 1, Капиштец, Водно и почетокот на Аеродром. Според нашите анализи, најмногу продажби се направени во Карпош и Аеродром, посочуваат од „ЛЕВЕЛ 7“.

Од агенцијата „Атлас“ објаснуваат дека клиентите најмногу бараат станови во Центар и Карпош.

-Најскапи како и најбарани локации за живеење се Центар, Капиштец, Тафталиџе 1 и Аеродром. Клиентите најчесто бараат новоградби, а нивните цени за разлика од постарите згради се повисоки.

Агенциите задоволно кажуваат дека имаат клиенти кои се подготвени да издвојат голем буџет за да си дозволат луксузен стан или куќа.

Најскапиот имот кој во 2021 година го име продадено е куќа во населбата Злокуќани, истакнаа од „Атлас“.

Од „ЛЕВЕЛ 7“ со задоволство објаснуваат дека учествувале во купопродажби каде биле купени станови по високи цени, но и во моментов располагаат со понуда на станбен простории со цени кои се движат и над 1700 евра/м2 што е многу над просечните цени за нашите пазарни услови.

Мораториумот во Центар предизвика домино ефект 

Според анализите забележано е зголемување на просечната цена на станбен простории во Центар откако на сила стапи мораториумот во оваа општина.

-Она што во оваа ситуација е уште поинтересно е што забраната за градење во Центар предизвикаа и домино ефект и ги зголеми просечните цени на други подалечни населби, но и отвори нови локации во Скопје за изградба како на пример Ќерамидница, населба 11 Октомври, Новоселски Пат итн. кои претходно не беа атрактивни за таа намена. Градежните компании во таканаречената трка за изградба на станбени објекти и кои најчесто градеа во Центар, поради неможноста да градат поради мораториумите, ја “преселија” својата градежна актива на други локации, но го задржаа во голема мера принципот и квалитетот на градба и веќе имаме состојба на локации како на пример населбите Влае и Хром кои надминуваат просечна цена поголема од 1000 евра/м2 ( за новите градби) што секако до скоро беше и незамисливо, објаснуваат од „ЛЕВЕЛ 7“.

Уставниот суд го укина мораториумот за градење во Општина Центар

Уставниот суд на 04.03.2021 година ја укина одлуката за забрана за градење во Општина Центар. Со ваквата одлука, се враќаат на сила досегашните детални урбанистички планови (ДУП), по кои ќе може да се гради во оваа скопска општина.

„Уставниот суд ја укина Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови, бр.08-1859/2 од 27.03.2019 година, донесен од Советот на Општина Центар и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на актот, означен во точката 1 од оваа одлука“, се наведува во соопштението на Уставниот суд.

Аеродром и Карпош на врвот во продажба

Минатата година најмногу станови се продале во Аеродром (343), во Карпош (167), а во Центар (160) продадени станови.Во главниот град поскапеле становите во Центар, Ѓорче Петров, Гази Баба, каде метар квадратен станбена површина се продава за 50 до 70 евра поскапо во споредба со првите три месеци од 2020  година. Во Карпош и Аеродром цената на метар квадратен скокнала за околу 10 евра. Само во Кисела Вода становите се продаваат поевтино за 10 евра од квадрат, информираат од Агенцијата за катастар.

Б.М.

Поврзани вести

Ангеловска-Бежоска – Тао Жанг: Соработката меѓу Народната банка и ММФ на високо ниво

Влатко Зорба

„Дукат“ е првиот македонски ресторан кој се стекна со златен премиум сертификат и печат „ЧИСТО И БЕЗБЕДНО“

Влатко Зорба

Деспотовски: Државата за помалку од 10 години може да очекува поврат на доделените државни средства по разни основи

Влатко Зорба