СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Младите се повеќе заинтересирани за работа во администрацијата

Комфорот на сигурното работно место, загарантираните бенифици и права, како и извесниот пат кон пензионирањето, се покажаа како инзвонреден рецепт поради кој се повеќе млади сакаат да работат во администрацијата. Ваквата ситуација која на површина го исфрли евидентниот недостиг на поголема амбиција кај младите за многумина не е чудна, или барем не е изненадувачка.

Многу фактори одат во прилог на оваа тенденција, вели Блажен Малески од „Реактор“ – независна истражувачка организација (think-tank), а основниот е дека државната администрација е веројатно најсигурната работна позиција којашто може да се има во нашата држава.

Една од теориите е дека процесите кои се одвиваа за време на транзицијата имаат значителен удел во размислувањето на младите во денешницата.

„Голем број млади растеле во времиња кога нивните родители останале без работното место, притоа гледајќи дека работните позиции на оние во државната администрација останале негибнати“, вели Малески.

Токму тука според него треба да се бараат и причините поради кои младите не покажуваат желби за дополнителни наобразби, нешто ново и поперспективно кое може да им го обезбеди приватниот сектор.

„Сигурноста е поважна од нови предизвици или нови перспективи во однос на работните позиции. Мал е бројот на млади луѓе кои имаат луксуз целокупниот финансиски капитал да го инвестираат или да креирааат нешто сосема ново кое не може да се предвиди како ќе функционира“, посочува Малески.

Начинот на којшто размислуваат младите им е добро познат и на работодавачите во приватниот сектор.

„Фокусирани се единствено на себе, без каква било желба да учествуваат во движењата и прогресот на компанијата или генерално на општеството“, вели Миле Бошков – претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија.

Како арумент ја посочува неговата, но и опсервацијата на неговите колеги дека амбицијата кај младите е единствено поврзана со желбата со напредување, но не и со потребата да работат или да научат повеќе. Има разбирање вели за ваквиот однос кој според него влече корени во долгогодишната перцепција за отсуство на перспектива во нашето општество.

Далеку од розови се и официјалните податоци за стапката на вработеност кај младите. Според Малески од „Реактор“, во првиот квартал на 2020 година процентот на невработеност кај младите изнесувал 27,3, додека пак во 2019 година тој бил 30,2. Ова како што вели е потврда на укажувањата дека младите се едни од најпогодени од корона-кризата, особено во делот на зачувување на работните места.

„Евростат“ од друга страна пресметува дека во 2019 година во возрасните граници од 20 до 34 години, имаме 25,3% од мажите и 37,4% од жените кои не се ниту вработени, ниту имаат формално образование и не посетуваат доедукација. Ваквите податоци според „Реактор“ покажуваат дека младите немаат лесен пристап до пазарот на трудот, односно дека не можат да се вклучат на пазарот на труд со алатките и знаењата кои ги стекнале преку формалното образование и другите активности на нивниот пат кон првите работни ангажмани. Исто така, видлив е и недостигот од доволни можности за доедукација по завршувањето на формалното образование.

Како позитивни примери за надминување на ваквата состојба во „Реактор“ ги посочуваат проектите за подршка и помош на младите кои ги спроведува Фондот за иновации во корелација со Министерството за труд и социјална политика.

„Се намалува стапката на невработеност, а се зголемува стапката на вработеност кај младите што укажува на полесен трансфер кон првата работна позиција“, вели Малески.

Сепак, според него треба да се види дали некои конкретни мерки функционираат повеќе од други, а вистинското прашање останува како ќе се операционализираат средствата и каков резултат ќе дадат.

Во меѓувреме, во исчекување на овие, но и сите останати одговори поврзани со неактивноста кај младите голем дел од оваа популација посакуваното работно место и понатаму ќе го бараат во администрацијата.

К.В.С.

Поврзани вести

САД со рекорден дефицит во последните 12 години

Stefanija Kuzmanovska

Сметководителите погодени од кризата со коронавирусот, ќе испорачаат предлог-барања за поддршка

Бруто инвестициите бележат раст поради кредибилноста на влaдата, вели Бесими

Влатко Зорба