Националниот регистар за вистински сопственици претставува најсовремено технолошко решение, со бројни контроли и силен фокус на позитивното корисничко искуство и со него во периодот што следува, институциите во државата добиваат уште една квалитетна алатка во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам изјави денеска Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Тој посочи дека целта на регистарот е да навлезе длабоко во сопственичката структура на правните субјекти за транспарентно да објави кој е тој што реално профитира од работата на компаниите во нашата земја, скриен зад комплексна слоевита правна структура.
„Доколку органите на истрагата и на прогонот немаат можност за јасна идентификација на сторителите на кривични дела, тие остануваат немоќни во процесот на нивното гонење и изведување пред правдата, што придонесува овие криминални шеми дополнително да се продлабочуваат. Токму во овој контекст, една од главните алатки за справување со овој ризик е овозможување на транспарентност на ниво на вистински сопственици на правните лица. Тоа подразбира идентификување на физичките лица кои директно или индиректно остваруваат управувачка или контролна улога во едно правно лице, односно на било каков начин имаат крајно и ефективно влијание во работењето и управувањето на истото“, изјави Николовски.
Подготвката на новиот Национален регистар е со експертска и финансиска поддршка од канцеларијата на Германското друштво за интернационална соработка ГИЗ. Заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф, посочи дека со овој вид на регистар Северна Македонија има преземено храбар чекор напред во еден многу значаен момент и се приклучува на напорите во глобалната борба против криминалот и недозволени финансиски текови.
„Европската унија утврди дека регистарот на вистински сопственци е од многу големо значење и поради тоа од јануари 2020 година го направи да биде задолжителен за сите земји-членки на ЕУ. Затоа сега треба, да се воспостават вакви структури и во Северна Македонија. Германија ја гледа Северна Македонија како идна членка на Европската унија”, изјави заменик-амбасадорот на Сојузна Република Греманија, Ото Граф.