СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Оштетени штедачи: Како се префрлаа парите од „Еуростандард“ во приватни џебови (пример од 2,5 милиони евра)

„Најголемата фирма должник според извештајот за Еуростандард банка на стечајниот управник Душко Тодевски има невратен кредит во износ од 2,5 милиони евра. Кредитот на фирмата е доделен пред неполни две години пред затворањето на банката во август минатата година. Обезбедувањето на кредитот е единствено со обична меница. Фирмата нема платено ниту една рата откако е земен кредитот“, соопштија утрово од Здружението на Оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Увидот во билансите на фирмата е повеќе од катастрофален. Во времето кога е доделен кредитот, фирмата била во екстремно лоша финансиска состојба, несолвентна ниту кредитоспособна за да добие така голем кредит. Од 2017 до 2019 година фирмата имала загуби од 500 илјади па до 4 милиони евра. Во истиот тој период, обврските на фирмата се движеле од 5,5 до 7,7 милиони евра. Задолженоста на фирмата се зголемила од 110 на 450 отсто! Згора на се, фирмата има и тековен долг од 90 илјади евра за неплатени даноци и придонеси кон Управата за јавни приходи. Кулминација на лошото работење е отворен стечај на фирмата пред десетина дена.

Во 2019 година, Управата за финансиска полиција има поднесено кривична пријава против сопственичката и управител на фирмата за даночно затајување и фалсификување или уништување на деловни книги. Имено, како што е објавено од финансиската полиција, сопственичката подигала од фирмата парични средства во готово во висина од над 1,2 милиони евра на име „материјални и патни трошоци” во период од неколку години и притоа не приложила евиденција за нивна економска оправданост. Со тоа, таа го оштетила и буџетот на државата од неплатен данок на доход од околу 140 илјади евра. Со цел да ги прикрие трагите за кривичното дело, таа поднесувала и фалсификувани завршни сметки на фирмата со невистинити податоци.

Како е можно да раководството на банката подари 2,5 милиони евра пари од нашите депозити на ваква фирма и со ваков сопственик и управител? Сите индикатори биле против било каква соработка со фирмата како високоризична со никаква можност ниту потенцијал да ги отплаќа ратите од земениот кредит. На која основа е даден овој голем кредит? Дали е направена кредитна анализа или е даден кредитот на вересија, со цел да се подели истиот меѓу организаторите? Дали раководството воопшто ги видело билансите на фирмата и нејзината енормна презадолженост?

Што правела гувернерката Анита Ангеловска Бежоска? Веројатно повторно не го видела ниту овој криминален зафат. Како тоа не видела дека трансакцијата од 2,5 милиони евра била всушност за високоризичен кредит, за којшто фирмата ниту имала бонитет ниту капацитет да го враќа? Фирмата не плаќала рати со години. Според кој закон, правилник или постапка гувернерката Бежоска го дозволила кредитирањето на фирма од ваков калибар!? Како е можно гувернерката Бежоска и овластените служби од Народна банка да не исконтролираат детално даден кредит од 2,5 милиони евра!?

Ова е јасен пример за организирано извлекување пари од банката преку потпишување и одобрување на овој голем кредит од Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски како први раководни и одговорни лица во банката. Едноставно, ова е уште еден кристално чист криминал којшто ниту може ниту смее да се сокрие и заборави. Но, повторно се поставува прашањето како ова може да помине неказнето од гувернерката Бежоска кога се работи и за кредит со износ од речиси 5 отсто од сегашните нефункционални кредити на банката. Без никаков сомнеж, гувернерката Бежоска ги гледала трансакциите и добро знаела дека ваквите делени кредити се ненаплатливи, но свесно дозволила да тоа се случува со години и да депозитите бидат целосно покрадени. Кој е мотивот на гувернерката Бежоска, скапо платена од наши пари, да се однесува така расипнички, арогантно и криминално?

Во земји каде владее правото и правдата, ваква организирана криминална банда би била веднаш спроведена во затвор. Очигледно дека во нашата земја тоа не е случај и треба да се почека. Кривичниот законик вели дека оваа криминална група ќе одговара за сторените кривични дела. Сега или малку подоцна, ќе мора да се соочат со затворските казни. Се разбира, да ги вратат и нашите пари и да не ги остават во аманет за враќање на нивните семејства. Парите мора да се вратат во целост бидејќи не сме ги довериле во законски лиценцирана, регулирана и контролирана банка од државна институција за да ни ги украдат преку масовен толериран грабеж.

Оваа лекција за добро организиран и спроведен криминал треба да биде поука и за другите банки, а најмногу за нашите сограѓани и фирми од чии депонентни средства зависат и опстојуваат финансиските институции во нашата држава. Со ваков разработен криминоген банкарски систем којшто толерира и дозволува криминал и може да поминува неказнето, ризикот за загуба на депозити во банките е огромен. Нашата несреќа била да не покрадат во целост, а државата да го дозволи тоа. Останува на нашите сограѓани да извлечат поука од овој организиран грабеж и да размислат како и каде ќе ги чуваат своите лични парични средства. Се додека има вакви личности во државата да едни крадат, други одобруваат, а парите заедно ги делат со тие каде истите завршуваат, сигурноста и безбедноста на нашите средства се на стаклени нозе. Овој криминал не смее да остане заборавен и сокриен. Нашата совест и свест не го дозволуваат тоа“, додаваат оттаму.

Поврзани вести

Арсовска: Владеењето на правото треба да е над политиката

Петров: Владата ја користи кризата за транформација на економијата

Влатко Зорба

Бензините поевтинуваат, цената на дизелот иста

Берта Китинска