СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Поднесена иницијатива до Уставен суд од Хари Костов и акционери на Комерцијална за дивидендите

Хари Костов, Главниот извршен директор на Комерцијална банка, и адвокатот Игор Спировски, поранешен судија во Уставниот суд на Република Северна Македонија, заедно со поголем број акционери на Комерцијална банка, меѓу кои се Адора инжињеринг, ИГМ Трејд, Гранит, Промедика, Макпетрол, Македонијатурист, ЗСФ ком, Раде Кончар ТЕП, Раде Кончар Сервис, Раде Кончар Апаратна техника, Смелтинг, Езимит вино ДОО Штип и поголем број физички лица-акционери на Банката денеска до Уставниот суд поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките, донесена од Советот на Народната банка на Република Северна Македонија на 26 февруари 2021 година.

Подносителите на иницијативата сметаат дека оспорената Одлука е донесена од страна на Советот на Народната банка БЕЗ ЗАКОНСКО ОВЛАСТУВАЊЕ за донесување одлука со таква содржина, односно дека таа не е во согласност со член 47, став 1, точка 25 од Законот за НБРМ. Имено, овој член од Законот јасно го овластува Советот на Народната банка да “врши други задачи УТВРДЕНИ СО ОВОЈ ЗАКОН“. Советот на Народната банка не е слободен самиот да си ги одредува задачите што ќе ги врши, туку може да ги врши само оние задачи за кои има изрично овластување утврдено со Закон. Во ниту една одредба од Законот за Народната банка не е утврдено овластување на Советот со свој акт да пропише ограничување на распределбата и исплатата на дивидендата на акционерите на банките, независно од целите што Советот на НБМ сакал да ги постигне. Со донесувањето на оспорената Одлука, подносителите на иницијативата сметаат дека Советот ги пречекорил своите овластувања и надлежности утврдени со закон и дека таквата одлука во правната теорија и судската пракса се смета за ништовна.

Подносителите на иницијативата, исто така, сметаат дека Одлуката не е во согласност со темелните вредности на Уставниот поредок од член 8 – владеење на правото, правна заштита на сопственоста, слобода на пазарот и претприемништвото.

Врз основа на овие аргументи, подносителите на иницијативата предлагаат Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука, а потоа истата да ја поништи. Исто така, предлагаат Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената Одлука до конечното одлучување по предметот.

Поврзани вести

Неточни се тврдењата дека поскапувањето на струјата ќе ја зголеми цената на останатите производи, велат од РКЕ

Берта Китинска

Сугарески: Ако е неопходно ќе се забрани транспортот на луѓе меѓу градови и села

Царовска, Битиќи и Бектеши: Со паметна специјализација создаваме инклузивна и одржлива економија