Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека очекувано е да има пад на приходната страна на Буџетот поради тоа што голем дел од бизнис секторот како што се угостителството и туризмот заради пандемијата беа затворени, а производствените капацитети не работеа со полно темпо.
Сепак, како што денеска изјави, се уште земјава се движи во првото сценарио кое и не е така црно што се однесува до приходите. Најави дека се работи на новиот четврт пакет на антикризни мерки и оти се подготвени доколку се влоши ситуацијата, да реагираат навремено со соодветни мерки.
– Веќе се реализираат речиси сите мерки од првите три економски пакети. Во моментот се работи на нов четврти економски сет со цел да се дефинираат поединечните сектори кои имаат најголема потреба од поддршка од страна на државата. Секако ќе се направат и даночни реформи и директно субвенционирање на компаниите кои биле, се и ќе бидат храбри во текот на 2021 година да инвестираат, а со тоа и да креираат нови работни места. Истовремено ќе се подобри конкурентноста особено на малите и средните претпријатија за освојување на нови пазари било кој регионалено или европско ниво или пак за да ги задржат постоечките бизнис партнери што ги имаат во странство, што секако ќе влијае и врз извозот во странство, истакна Бектеши.