СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Шајноски: Препораката на АСО за неисплатување дивиденда не треба да се толкува како забрана

Намалените приходи на осигурителниот пазар се еден од клучните фактори за носење на препораката од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување. Директорот на АСО, Крсте Шајноски во разговор за „Стандард“ дава прецизен приказ на состојбите во овој бизнис во однос на сите негови актуелни  аспекти и чинители.

„АСО не забранува компаниите да делат дивиденда туку им препорачува на компаниите кои 2020 година ја завршиле со добивка од работењето да се воздржат од носење одлуки за исплата на дивиденда’’, појаснува Шајноски.

Со оваа препорака Агенцијата  им сугерира на компаниите кои лани работеле профитабилно вкупната добивка од 417 милиони денари (на ниво на осигурителна индустрија) да ја пренесат во  капиталот и резервите на друштвата.

„Тоа е со цел компаниите да останат солвентни и ликвидни т.е. да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични и неизвесни услови на работење предизвикани од глобалната здравствена пандемија.’’, вели Шајноски.

Како неспорен факт ја посочува доследноста на АСО во заштитата на интересите на осигурениците, па оттука и неговиот став дека препораката е  всушност порака до осигурениците дека осигурителните друштва ќе  ги исполнат навремено и во целост нивните финансиски побарувања и права кои произлегуваат од договорите за осигурување.

НБРМ остави простор, порано да го повлече ограничувањето кое се однесува на банките и дивидендите.Дали истото може да се очекува и од АСО и од што тоа зависи?

Агенцијата за супервизија на осигурување, согласно со своите надлежности кои произлегуваат од Законот за супервизија на осигурување, даде препорака на осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда и за тоа ги информираше осигурителните компании и јавноста. АСО не забранува компаниите да делат дивиденда туку им препорачува на компаниите кои 2020 година ја завршиле со добивка од работењето да се воздржат од носење одлуки за исплата на дивиденда.

Која е причината АСО да даде препорака, осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда? Како ја правдате оваа препорака?

АСО согледувајќи ги состојбите на осигурителниот пазар во актуелниот контекст процени дека постојат неколку објективни околности кои целосно ја оправдуваат препораката за воздржување од исплата на дивиденда. Еден од клучните фактори за носење на препораката е фактот што вкупните приходите од бруто полисирана премија (БПП) на целиот осигурителен пазар лани се намалени за 5 отсто во споредба со претходната година. Дополнително на тоа врз носењето на препораката влијае и тоа што од почетокот на годинава побарувањата на компаниите нема да се признаваат како средства за покривање на техничките резерви на осигурителните друштва.

Со цел зголемување на заштита на правата на осигурениците односно купувачите на осигурителните полиси и истовремено зајакнување на солвентноста и стабилноста на осигурителните компании АСО донесе три суштински значајни правилници чија примена стапи на сила од почетокот на оваа година. Имплементацијата на овие правилници за осигурителните компании ќе значи дополнителни вложување на финансиски средства и на ресурси.

Дали препораката се однесува на сите компании или на тие што 2020 година ја завршиле со пад на приходите? Дали компаниите се обврзани да ја послушаат вашата препорака?

Препораката се однесува на сите друштва за осигурување кои оствариле добивка од работењето во 2020 година. Од вкупно 16 друштва за осигурување, 14 друштва за осигурување оствариле добивки од работењето во 2020 година, во вкупен износ од 626,6 милиони денари. Компаниите немаат обврска да ја почитуваат препораката.

Каква порака им се испраќа на осигурениците односно на купувачите на осигурителни полиси?

АСО е независно регулаторно тело на осигурителниот пазар односно АСО е јавен сервис кој ги штити интересите на осигурениците како корисници на услугите на осигурителните компании. Колку внимание системски се посветува на заштитата на интересите на осигурениците доволно говори фактот што Законот за супервизија на осигурување предвидува друштвата за осигурување да одвојуваат најмалку 1/3 од добивката пред оданочување во резерви за сигурност. Тоа има за цел долгорочно покривање на обврските на осигурителните компании кон осигурениците.

Со оваа препорака АСО им сугерира на компаниите кои лани работеле профитабилно вкупната добивка од 417 милиони денари (на ниво на осигурителна индустрија) да ја пренесат во  капиталот и резервите на друштвата. Тоа е со цел компаниите да останат солвентни и ликвидни т.е. да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични и неизвесни услови на работење предизвикани од глобалната здравствена пандемија.

Со препораката АСО прати јасна порака до осигурениците дека осигурителните друштва ќе  ги исполнат навремено и во целост нивните финансиски побарувања и права кои произлегуваат од договорите за осигурување.

Што велат бројките? Колку пари од дивиденда, годишно исплаќаат осигурителните компании?

Согласно со Законот за трговски друштва акционерите на осигурителните друштва имаа целосна автономија во користење на законското право за тоа како ќе ја распределат добивката од работењето во претходната година. Имаат право да ја реинвестираат, да ја акумулираат како нераспределана добивка и да ја делат како дивиденда.

Податоците за 2019 година покажуваат дека 10 друштва за осигурување оствариле добивки пред оданочување во вкупен износ од 498,5 милиони денари. Од нив дури девет осигурителни компании лани ја почитувале препораката на АСО и се воздржале од исплата на дивиденда.

А.В.

Поврзани вести

Со законските измени: Рестораните кои ќе прават свадби ќе бидат затворени на 30 дена

Берта Китинска

Халкбанк со инвестиција над 25.000 евра за поддршка на угостителскиот сектор

Берта Китинска

Светска банка предвидува дека оваа земја ја очекува економски раст во 2021 година

Берта Китинска