Уште во првиот квартал од 2021 година меѓу Србија и Северна Македонија е реализирана стокова размена во износ од 229,6 милиони евра, што претставува раст од дури 4,9 %. „Оваа година очекуваме нашата трговска размена да ја надмине психолошката граница од една милијарда евра!’’, изјави во интервју за Стандард, Михаило Весовиќ, директор на Секторот за стратешки анализи, услуги и интернационализација на Стопанската комора на Србија.
Благодарејќи на билатералните договори од 2019 година, двете држави според него,покажуваат голем напредок во насока на олеснување на трговијата и отстранувањето на бариерите со кои се соочуваа стопанствениците во секојдневното работење. Можност за поголема соработка гледа во однос на вклучувањето на македонските и српските компании во изведувањето на работите за меѓусебно инфраструктурно поврзување: изградба на далекуводна мрежа помеѓу Ниш и Штип, изградба на гасна конекција Врање- Куманово, реконструкција на пругата Будимпешта- Белград- Скопје.
Во кои сектори е најинтензивна соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, а каде според Ваше мислење не се искористени сите потенцијали?
Можност за поголема соработка меѓу нашите држави гледам пред се во однос на вклучувањето на македонските и српските компании во изведувањето на работите за меѓусебно инфраструктурно поврзување : изградба на далекуводна мрежа помеѓу Ниш и Штип, изградба на гасна конекција Врање- Куманово, а да не зборувам за реконструкција на пругата Будимпешта- Белград- Скопје .Традиционалните сектори во кои нашите трговски врски се добри, но можат да бидат и поинтензивни се: земјоделско – прехрамбениот, металскиот, електроиндустријата, како и фармацевтскиот сектор.Во вкупниот извоз на Србија во 2020 година, РСМ е на осмо место и учествува со 3,7%, додека по висина на увозот Северна Македонија во 2019 година беше на 26 место со 0,9% од вкупниот увоз на Србија.
Колку изнесуваше стоковата размена меѓу двете земји минатата година и какви се проекциите за оваа?
Стоковата размена меѓу нашите држави во 2020 година изнесуваше 860,5 милиони евра и таа е за 4,2 % помала во однос на претходната година . Извозот во РСМ изнесуваше 643,6 милиони евра, што е за 4,6% помалку отколку во 2019 година, додека увозот од Северна Македонија беше 216,8 милиони евра, што е за 3,1% помалку во однос на 2019 година. Секако, ако знаеме низ каков период поминавме кога станува збор за пандемија, не можеме да бидеме незадоволни.Оваа година очекуваме дека нашата трговска размена ќе ја надмине психолошката граница од една милијарда евра! Во прилог на ова говорат податоците од првиот квартал од 2021 година за време на кој имаме раст од дури 4,9 %, односно 229,6 милиони евра. Извозот од Србија во Северна Македонија изнесува 174,8 милиони евра , што е за 12,5 % повеќе од истиот период лани , додека увозот е поголем за дури 23,3% во однос на истиот период во 2020 година и изнесуваше 57,8 милиони евра.
Кои се според Вас најголеми препреки во развојот на трговијата меѓу Р Северна Македонија и Србија, но и воопшто во регионот?
Србија и Северна Македонија, благодарејќи на билатералните договори од 2019 година покажуваат голем напредок во насока на олеснување на трговијата и отстранувањето на бариерите со кои се соочуваа стопанствениците во секојдневното работење. Уште поефикасно работење ќе имаме по потпишувањето и спроведувањето на билатералниот договор за меѓусебно прифаќање на документите издадени од страна на акредитирани лаборатории за индустриски непрехрамбени производи. Кога е во прашање регионот, заедничкото работење и понатаму го следат препреки кои најчесто се резултат на неусогласеност на сертификатите кои ја следат стоката.Немаме директен платен промет помеѓу одредени пазари, имаме различни стандарди за одредени производи, недоволно ги применуваме електронските документи, а на одредени пазари имаме дури и случаи на ограничување на трговијата со нецарински бариери.
„Мини Шенген’’ е иницијатива која беше иклучително медиумски проследена во Македонија.Колку граѓаните се запознаени и свесни за сите бенефити и кои се сомнежите и дилемите на одредени лидери и групации во врска со овој процес?
Да бидеме јасни: „Мини Шенген’’ е иницијатива која во прв план ја става политичката подршка на слободниот проток на стоки, услуги, луѓе и на капитал. Тоа е иницијатива на Албанија, Северна Македонија и Србија кои препознаа дека побрзото регионално економско поврзување е во најдобар интерес на граѓаните и на стопанството и дека таквиот начин на поврзување е незаобиколен на заедничкиот пат кон полноправното членство во ЕУ. Но, „Мини Шенген’’ не е замена за мерките кои се спроведуваат во рамки на ЦЕФТА, Берлинскиот процес и други иницијативи, туку инструмент со кој сакаме да го забрзаме економскиот развој, ЕУ интеграциите и создавањето поволни услови за помирување и воспоставување добрососедски односи. Од агол на стопанските комори, ние сакаме што побрзо спроведување на сите превземени обврски и постигнати договори, компаниите од една економија на Западен Балкан да работат еднакво и без бариери во останатите економии, и ја подржуваме секоја иницијатива која ќе го забрза создавањето на заеднички регионален пазар.
На седницата на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум беше договорено формирање на посебно тело за заедничко привлекување инвестиции за земјите од Западен Балкан. Кои се основните принципи на работење, услови и секако бенефити?
Заедничкото привлекување на инвестиции и промоцијата на Западен Балкан како единствена инвестициска целина преку слоганот „ Еден регион, една економија’’ е главна цел на Коморскиот инвестициски форум (KIF ZB6) кој е формиран во2017 година. Ние интензивно работиме на ова, како преку заедничка асоцијација, така и како индивидуални комори. Направивме и сајт www.investinsee.com, кој е достапен на сите национални јазици и на англиски јазик. Покрај инвестициски конференции, работиме и на унапредување на законодавните рамки во регионот и на изградбата на заеднички пазар на Западен Балкан.Управниот одбор на КИФ затоа формираше посебна единица чија задача ќе биде да ги интензивира нашите заеднички активности во однос на привлекувањето инвестиции. Сакаме максимално да ги искористиме сите наши бенефити кои ќе ги донесе очекуваната имплементација на заедничкиот регионален пазар , како и примената на економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.Во постковид периодот, голема шанса гледаме на полето на трансформација на глобалните синџири на вредности, т.н ”nearshoring”во кој големите системи бараат добавувачи на поблиските производни локации.
Србија најави изградба на брза пруга од Белград до македонската граница. Дали веќе се изработени анализи за економските бенефити и кои се, според Вас ,најголемите проблеми во инфраструктурната поврзаност меѓу Србија и нашата држава?
Модернизацијата на пругата на Коридорот 10 , од Белград преку Ниш до границата со Северна Македонија и понатаму, кој го поврзува Балканот со Западна и Централна Европа не е дискутабилна. Како поради делниците кои треба да се реконструираат, така и поради големите бенефити кои ги очекуваме. Ќе споменам само некои: побрз и побезбеден транспорт, поголема достапност на овој вид транспорт, пониски трошоци на логистика, со што целиот регион станува уште поконкурентен.Новата пруга ќе донесе не само нови инвестиции туку и можност за воспоставување на нови услуги во секторот на транспорт и логистика. Со новата пруга очекуваме и нови инвестиции во рамките на индустријата за метали, автомобилската индистрија, дрвната индустрија, рударството, земјоделството и туризмот.Но, еден од важните и долгорочните бенефити е користењето на железницата како еколошки прифатлив вид на сообраќај, особено затоа што го завршивме автопатското поврзување на нашите две држави.
Минатата година беше најавен заеднички премин меѓу Прешево и Табановце. Дали процесот се одвива во предвидениот рок ?
Србија и Северна Македонија, кога се во прашање сообраќајот и транспортот, водат во однос на регионот бидејќи веќе имаат интегриран граничен премин. Ќе потсетам дека на иницијатива на деловните заедници на двете држави, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Македонија , со подршка на двете Влади во август 2019 година, беше реализирана иницијатива за воспоставување заедничка контрола на граничниот премин Прешево- Табановце.Во рамките на оваа иницијатива беа потпишани голем број билатерални договори кои значително ја унапредија и олеснија трговијата, и благодарејќи на усогласените прописи и процедури , на сертификатите, работното време на граничните служби, камионите со стоки поминуваат без задржување на границата.Во моментов, поради епидемиолошки причини, заедничката контрола на граничниот премин Прешево- Табановце не е во полна примена, но штом ќе се подобри ситуацијата со короната граничните службеници ќе продолжат да вршат заедничка контрола.
К.В.С