СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Царовска: Микрокомпаниите ќе може да подигнат кредит од три до пет илјади евра

Владата подготиви првични пакет мерки за најзагрозените сектори, како туризмот, угостителството и транспортот, со цел полесно справување со последиците од настанатата состојба поради коронавирусот. Наскоро на бизнисот ќе му биде на располагање директна финансиска поддршка од 5,7 милиони преку Развојната банка на Република Северна Македонија. Она што е овде важно е дека овие кредити се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти. Грејс-периодот на овие кредити ќе биде шест месеци, а рокот на отплата две години, соопшти Кабинетот на вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Во зависност од бројот на вработени, секоја компанија ќе може да добие од три илјади до 30 илјади евра. Микрокомпаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од три до пет илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра.

Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со цел да се зачува секое работно место. Субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеди по вработен во висина до 50 отсто од просечна плата исплатена во 2019 година.

-Субвенцијата ќе може да се искористи под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020 година и ова да важи од денот на користење на мерката. Исто така, услов е компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од рработењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50 проценти од добивката пред оданочување, што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради коронавирусот, се наведува во соопштението.

Намалувањето на основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75 отсто треба да придонесе за натамошно намалување на цената на финансирање на претпријатијата и населението. Исто така Советот на Народната банка, наведува Кабинетот на Царовска, подготви предлог одлука за управување со кредитниот ризик чија цел е олеснување на условите за реструктурирање на кредитите на најпогодените сектори. Тековно се прават консултации со банките и се очекува наскоро да биде донесена од Советот на Народната банка.

-Ликвидноста на компаниите треба да ја помогне и ослободувањето од аконтациите од данок на добивка за фирмите од индустриите погодени од коронакризата за април, мај и јуни. Во вакво време чесно е државата да се откаже од претплаќање на дел од данокот од погодените компании. Тука најпрво спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од различни дејности погодени од превентивните мерки на Владата како одговор на справувањето со страшниот вирус. Законски затезната камата ќе биде намалена за 50 отсто во соработка со Министерството за правда, а се намалува и казнената камата за јавни давачки од 0,03 отсто на 0,015 отсто односно за 50 отсто. На провајдерите за одржување на фискалните каси им се препорачува намалување на цените за одржување за 50 проценти, информира Кабинетот на вицепремиерката за економски прашања.

Оттаму наведуваат и дека Владата веќе донесе одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи – на леб, сол, масло, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезифекциски сретства со состојба на денот на прогласување на пандемијата на СЗО, освен оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Исто така, 100-процентно се ослободуваат од царинските давачки за производите од брашно и пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни и марамчиња, рачни капи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, средства за дезинфекција, медицински алкохол, заштитни очила.

Исто така, со Фонд за туризам, којшто во моментот се проценува на вкупно 74 милиони денари, ќе се обештети туристичкото стопанство да ја преброди кризата во согласност со бројот на вработени.

– Ќе биде исклучително важно правилно да ги насочиме ресурсите кои ги имаме на располагање за поддршка на оние сектори кои се најпогодени од кризата и како што чекориме ќе продолжиме да правиме анализи и да развиваме сценарија што ќе не подготват да одговориме на предизвиците, соопштува Кабинетот на Царовска и додава дека заедно со целиот економски тим продолжуваат будно и посветено да ја следат состојбата во економијата во услови на ширење на КОВИД-19 и се во постојана комуникација и координација со стопанските комори, синдикатите и останатите субјекти.

Поврзани вести

Отпис на камати: Нужно зло или обична козметика?

Влатко Зорба

Лани од извоз на лекови земјава заработи 103,7 милиони долари

Stefanija Kuzmanovska

Податоците за јавниот долг отворени за јавноста

Stefanija Kuzmanovska