Плановите за производство на германските индустријалци се прекроени, а индексот на нивните очекувања за следните месеци падна на 4,5 поени во декември од ноемвриското ниво од 5,6 поени, покажуваат резултатите од најновото деловно истражување на институтот ИФО.
„Иако сликата е многу различна во различни индустрии, неколку од нив планираат да го намалат производството“, вели аналитичарот на ИФО, Клаус Волрабе, се наведува во соопштението на институтот.
Индикаторот за очекувања во фармацевтската индустрија драстично падна, кој потона од 36 поени во ноември минатиот месец на само шест поени.
Автомобилската индустрија исто така планира да го намали производството. Тука, индексот падна на минус 21 поен во декември од минус еден бод.
Најпесимистички очекувања изразија во декември производителите на кожа и производи од кожа, каде што индикаторот беше минус 33 поени, како и производителите на облека со резултат од минус 40 поени.
Од друга страна, индустријата за мебел очекува значително зголемување на производството. Нивниот индикатор се искачи од три поени во ноември на 24 поени минатиот месец.
Плановите за производство во текстилната индустрија, исто така, се зајакнати и постои голем оптимизам кај производителите на компјутери, чии производствени очекувања останаа на ниво од 28 поени во декември.
Што се однесува до производителите на пијалоци, тие засега го ставија настрана планираното намалување на производството. Нивниот индикатор скокна на минус еден бод во декември од минус 21 поен во ноември. Слична состојба е регистрирана и кај производителите на храна.
Германското федерално биро за статистика треба да објави податоци за индустриското производство во ноември подоцна денес.