Повеќе од две децении, францускиот пристанишен град Кале уживаше во постојан прилив на Британци кои прават брзо сопирање на оваа станица со една цел: да складираат вино и сите други алкохоли со огромен попуст и да ја вратат стоката назад во Велика Британија, пишува во својата анализа „Блумберг“.
Магацини за вино, како што е „Calais Wine Superstore“, со шарм на хангар за авиони, но привлечен поради цените многу пониски од оние во Велика Британија, ширум ги отворија рацете за британските купувачи кои пристигнуваат со автомобил или траект. Британските клиенти можеа да се вратат во нивната земја со 120 шишиња вино на едно патување и да заштедат на пониски даноци, како и на силната фунта пред „Брегзит“. За секој штедач што планирал голем собир, било да е тоа свадба или новогодишна забава, Кале обезбедуваше алкохол.
Но, сега забавата заврши. „Брегзит“ ја сруши фунтата, потиснувајќи ја куповната моќ на Велика Британија. Патувањата беа намалени поради пандемијата, а сите големи прослави што требаше да се одржат викендов беа попречени од социјалното дистанцирање. По одвојувањето на Велика Британија од Европската унија, запечатено со крајот на преодниот рок, царинските ограничувања на алкохолот исто така достигнаа точка каде што француските трговци изјавија дека тоа ќе биде најава за нивниот крај.
„Тие само доаѓаат, дегустираат, го товарат автомобилот и ја земаат стоката“, рече Гај Бурсо, основач на „Boursot Vins“ во близина на Кале, кој рече дека клиентите во Велика Британија сочинуваат 85% од приходите и често купуваат повеќе од 300 шишиња одеднаш за настани како што се свадби. Повисоки царински ограничувања за увоз на алкохол „би го убиле нашиот бизнис“, вели тој.
Изгубени профити
Иако постојат статистички докази дека луѓето пијат повеќе вино додека седат изолирани дома, џиновските магацини лоцирани на францускиот брег на Ла Манш сега се напуштени и нивната иднина е доведена во прашање. Џон Коли, извршен директор на „Majestic Wine“, рече дека неговата компанија ги разгледува своите опции среде „Брегзит“ и промена на царинските ограничувања.
Од другата страна на улицата од „Majestic“ се наоѓа „Calais Wine Superstore“, чија деловна активност е тешко погодена од пандемијата и недостатокот на посета на Британците. Ко-основачот Марко Атард проценува дека приходите за 2020 година паднале за 65% во споредба со претходната година, бидејќи негативното влијание врз неговиот бизнис е тројно – коронавирусот, „Брегзит“ и недостатокот на забави за алкохол.
„Ние сме туристички бизнис што им служи на Британците“, рече Атард по телефон. „Пандемијата беше многу тешка за нас, а првиот квартал ќе биде уште потежок“, додаде тој.
Бизнисот на Атард во моментов вработува пет лица, само четвртина од персоналот една година порано по серија отпуштања. „Majestic“ веќе претрпе длабока реорганизација во последните неколку години. Компанијата го купи мрежниот продавач на вино „Naked Wines“ во 2015 година за да се прошири на меѓународно ниво, а потоа во 2019 година компанијата беше поделена. Бизнисот со малопродажба и трговија на големо на „Majestic“, кој сега го води Коли, беше продаден на „Fortress Investment Group“.
Бесплатно патување
Долго време, крстарењата со алкохол беа погоден договор меѓу двете страни на Ла Манш. За да го направат патувањето уште попривлечно, некои локални француски трговци со вино го субвенционираа патувањето за посетителите од Велика Британија, кое трае околу 35 минути низ тунелот и чини 62 фунти (85 долари) за повратен пат со автомобил натоварен на вагони на воз.
Сега недостатокот на посета на Британците ја погодува и пошироката економија на Кале. Секоја година од 2015 година, напосетителите од Велика Британија отпаѓаат околу 11% од патните трошоци во Кале, а трошоците за храна се двојно повисоки, покажуваат податоците на локалната трговска комора на Франција.
Во последните неколку недели од годината, вообичаено имаше луда потрошувачка на шампањ од ентузијастички Британци во Кале пред сезоната на празници. Но, сега најновата сериозна блокада во Лондон и другите делови на Англија го откажа секое движење, а новиот вид на коронавирус дури ја натера Франција привремено да ја затвори границата со островот минатиот месец, блокирајќи важна артерија на трговијата со алкохол во Кале.
„Се надевавме на последниот огномет во последниот квартал од годинава пред да се збогуваме, но тоа никогаш не се случи“, рече Џером Понт, основач на продавницата „Calais Vins.“
Меѓу честите посетители на францускиот град е Амбер Велакот (25) од Фолкстон во југо-истокот на Англија, која рече дека секоја година го посетува Кале со своите родители за да набави алкохол. „Поевтино беше да се купат билети за тунелот и да се набави француски алкохол отколку да се купува од супермаркет секој викенд“, рече Велакот.
Понуда за една година
Минатата година семејството Велакот одби да патува поради пандемијата и таа рече дека може да се откажат целосно доколку „Брегзит“ ги отежне нивните посети.
„Не сум сигурен какви се нашите планови за 2021 година, но знам дека ако биде потешко отколку што беше порано, тогаш веројатно нема да го посетуваме Кале повеќе“, рече Велакот.
Ваквата промена во однесувањето на потрошувачите е непожелна вест за трговците како Бурсо, кој ја основа својата продавница во 2006 година и сега очекува приходите за минатата година да паднат за 15% во споредба со 2019 година. Бурсо рече дека успеал да го ублажи ударот од блокадите и карантин, испраќајќи вино на своите 8.000 лојални клиенти.
„Целиот живот се занимавав со вино и ова не е нешто од што лесно ќе се одречам“, додаде тој.