Кинески Huawei ќе гради фабрика за производство на технолошки решенија за мобилни мрежи на истокот на Франција, прва нејзина ваква фабрика надвор од Кина, беше објавено вчера.
Во фабриката во Брумат ќе бидат инвестирани минимум 200 милиони евра, а во прво време ќе бидат вработени 300 лица.
Ќе се произведува 5G технолошка опрема за целиот европски пазар.
Според Huawei, фабриката во Брумат, мал град на околу десет километри северно од Стразбур каде веќе постои голема економска зона, треба да произведува опрема во вредност од милијарда евра годишно.
„Со оваа фабрика на раскрсницата на Европа, Huawei ќе го збогати своето присуство на континентот, каде што веќе има 23 центри за истражување и развој, повеќе од 100 партнерски универзитети, повеќе од 3.100 добавувачи и успешен ланец на снабдување“, соопшти кинеската компанија.
Претседателот на регионот Гранд Ест, Жан Ротнер оцени дека изградбата на првата фабрика за производство на Huawei надвор од Кина во Брумат е одлична вест што зборува за економската динамика на тој регион.
Најавата доаѓа во тежок контекст за кинеската група, со трговската војна меѓу САД и Кина. Администрацијата на претседателот во заминување Доналд Трамп смета дека Huawei претставува опасност од шпионажа на штета на кинеската влада.
Соединетите држави повикаа голем број земји, особено европските, да не ја користат инфраструктурата на Huawei за воспоставување на нова 5G телефонска мрежа.
Франција не го исклучи тоа експлицитно, но Велика Британија и Шведска се двете европски земји кои официјално го исклучија Huawei од учество во мобилната мрежа од третата генерација.