Стандард
КОМПАНИИ

Трамп: Нема да го продолжам рокот за продажба на ТикТок

Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека 15 септември останува крајниот рок до кога кинеската апликација за размена на кратки видео содржини ТикТок мора да го продаде својот бизнис во САД на американска компанија или во спротивно ќе биде забранета.

„Ќе видиме што ќе се случи. Или ќе продадат или ќе бидат затворени“, рече Трамп, додавајќи дека нема намера да го продолжи рокот до 20 септември.

Објавата на Трамп следеше по извештаите во медиумите дека кинескиот сопственик на ТикТок, компанијата „БајтДенс“, сака да ја избегне продажбата.

Претходно овој месец, Белата куќа му даде на БајтДенс рок од 45 дена да го продаде бизнисот на ТикТок на купувач во САД, со објаснување дека популарната апликација претставува закана за приватноста на личните податоци на корисниците и националната безбедност.

Проблемот настана кога преговорите со американските компании заинтересирани за купување, вклучувајќи ги „Мајкрософт“ и „Оракл“, се искомплицираа поради усвојувањето на нови регулативи во Кина, според кои „БајтДенс“ сега мора да достави потенцијален договор за продажба на одобрување до надлежниот државен орган.

Во меѓувреме, „БајтДенс“ покрена тужба против владата на САД во обид да ги оспори извршните наредби на Белата куќа, велејќи дека на компанијата ѝ се ускратени законските права на редовна постапка и дека администрацијата на Трамп не нуди никакви„ веродостојни докази“ во прилог на нејзините тврдења за национална безбедност.

Доколку преговорите успеат, најверојатен купувач ќе биде „Мајкрософт“, кој е многу заинтересиран за апликацијата, која е исклучително популарна во САД и другите западни земји, пренесува Си-Ен-Ен.

ТикТок беше „преземена“ 315 милиони пати во првите три месеци оваа година, повеќе од која било друга апликација во историјата.

Поврзани вести

Wizz Air најавува понатамошно проширување со нова база на аеродромот во Кардиф

msp-admin

„Back to the Future“ планот на Razr се соочува со предизвици

msp-admin

Што може да се купи низ светот за еден долар?

msp-admin