СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Зошто Ворен Бафет не ги сака „кратките продажби“?

За време на неодамнешните превирања околу GameStop, се чинеше дека фокусот на Америка беше насочен кон берзата. Низ целата земја, луѓето кои претходно немаа интерес за пазарите го „гуглаа“ значењето на поимот „кратка продажба“, пишува Yahoo Finance.

Сепак, ниту еден настан на пазарот не би бил комплетен без перспективата на славниот инвеститор Ворен Бафет, кој со години вели дека не е фан на „кратките продажби“.

„Кратка продажба“ е тактика на располагање на инвеститорите кои веруваат дека цена на одредени акции ќе падне. Инвеститорот позајмува одредена сума на акции преку брокер и потоа ги продава, со намера да ги купи повторно подоцна, кога цената ќе биде пониска, враќајќи ги на заемодавателот.

Ако трговијата оди добро, инвеститорот ја зема разликата помеѓу пониската цена за време на купувањето и повисоката продажна цена.

Сепак, она што се случува на берзата не секогаш е позитивно за „краткиот продавач“. Понекогаш цените на овие акции растат наместо да паѓаат, принудувајќи ги оние кои зазеле „кратки позиции“ брзо да откупат акции по повисока цена за да ги покријат своите загуби.

Ова е токму она што се случи со акциите на GameStop.

Што мисли Бафет?

Ворен Бафет веројатно нема да биде изненаден кога ќе дознае дека „кусите продавачи“ кои се обложија на падот на акциите на GameStop изгубија милијарди во првиот месец од 2021 година.

Бафет е познат по своите долгорочни преференции кога станува збор за инвестирање, потпирајќи се на потценетите акции на штета на оние чии цени растат и опаѓаат брзо поради зголемениот интерес на медиумите.

Тој не негира дека „кратката продажба“ може да биде профитабилна, туку едноставно не ја претпочита практиката за себе, бидејќи нуди ограничен профит и потенцијал за неограничени загуби.

„Примамливо е“

Кратката продажба „уништи многу луѓе“, рече Бафет во 2001 година на годишното собрание на „Беркшир Хатавеј“.

„Примамливо е“, рече тогаш. „Гледате повеќе акции кои се значително преценети во вашата кариера, отколку акции кои се значително потценети … Така, можеби мислите дека ќе биде полесно да заработите пари од „кратка продажба“. Сè што можам да кажам е дека ова не е за мене“, рече тогаш Бафет.

„Многу е болно“

Еден од главните проблеми, според Бафет, е тоа што „кратките продавачи“ зависат од оние кои имаат моќ и влијание да промовираат и да ги зголемат цените на акциите (слично на армијата на „Reddit“, што доведе до пораст на акциите на „GameStop“).

„Ова е многу, многу тешка активност поради фактот што се соочувате со неограничени загуби“, рече тој во 2001 година.

„Многу е болно“, рече славниот инвеститор. „Според мое искуство, далеку е полесно да се заработат пари на долг рок“, додаде тој.

Што може да се направи наместо тоа?

Со оглед на неодобрувањето на Бафет за брза добивка, лесно е да се разбере зошто тој избегнува „куса продажба“.

Стратегијата на познатиот инвеститор веќе долго време е на бавни и стабилни стапки на раст. Очигледно е дека таа работи добро за него сите овие години.

Инвеститорите сега имаат предност што ја немаше Бафет кога започна да инвестира во 1942 година: технологија.

Денешните инвеститори имаат секакви апликации што им даваат различни можности постепено да го зголемуваат своето богатство без да преземаат големи ризици и да преминат на „кратка продажба“.

Можеби звучи премногу едноставно, но тоа е клучот. Како што еднаш рече Бафет, „Одличните потези обично се поздравуваат со зевање“.

Поврзани вести

ЕЦБ: Банките сè уште не го почувствуваа целосниот ефект на кризата

Влатко Зорба

Македонски пошти – неуспешна приказна од која сите мијат раце

msp-admin

„Тeсла“ се искачи на врвот на листата на највредните производители во 2020 година