Елон Маск ја покрена темата за одржливоста на животната средина на биткоинот откако објави дека „Тесла“ повеќе нема да ги продава своите автомобили за оваа криптовалута поради штетата што ја прави на животната средина. По неговото објавување, вредноста на биткоинот нагло падна, а темата за количината на енергија потрошена од крипто-валутите беше покрената во јавноста.
Европската централна банка минатата недела го опиша „прекумерниот јаглероден отпечаток“ во активностите на криптовалутата како „причина за загриженост“. Претходно овој месец, италијанската Централна банка изјави дека „Типс“, системот за плаќање на еврозоната, има 40.000 пати помала емисија на јаглерод диоксид од оној произведен од биткоинот во 2019 година, пренесе „ФТ“.
Се покажа дека другите дигитални валути се далеку помали потрошувачи на енергија од биткоинот, а исто така има аргументи дека класичниот банкарски систем е многу поголем потрошувач на енергија, како и дека рудниците за злато предизвикуваат неизмерна штета на животната средина.
И покрај фактот дека, на пример, сè попопуларниот доџкоин троши дури 6.000 пати помалку електрична енергија по трансакција од биткоинот, сите криптовалути станаа озлогласени, бидејќи целиот пазар на дигитални пари сè уште се идентификува со најпознатите од нив.
Може да се пресмета енергијата потребна за компјутерски операции и лансирање на алгоритмот зад криптовалутите, а во согласност со тоа се прави прилично прецизна пресметка за тоа колку чини поединечна трансакција во енергетска смисла. Организацијата „TRG Datacenters“ со седиште во Хјустон направи големо истражување и излезе со тие резултати.
За споредба, просечната месечна потрошувачка на домаќинства во САД е 867 kWh. Значи, само една трансакција со биткоин троши малку помалку од просечното американско домаќинство за еден месец. Ова се навистина огромни бројки кои не одат во прилог на биткоинот, особено денес кога се повеќе се посветува внимание на потрошувачката на енергија.
Тука е и прашањето за рударството, а најголемиот „рудар“ во светот е Кина, откако во дури 60 проценти од случаите користи јаглен за да добие електрична енергија за време на овие операции. Сепак, може да се каже дека криптовалутите можат да бидат поттик за развој на обновлива енергија, но самата обновлива енергија мора да биде доволно ефикасна за да може да произведува електрична енергија по поповолни цени од класичните методи. Големите „крипто-рудари“ ќе одат таму каде што струјата е ефтина, според системот за понуда и побарувачка.
Овие се долгорочни проблеми, а она што сега клучно влијае на цената е трошокот за енергија по трансакција. Некои криптовалути, поради различен алгоритам, трошат далеку помалку. Екстремната економичност покажува XRP (ripple), исто така многу популарна криптовалута, која троши само 0,0079 kWh по трансакција. Веќе споменатиот доџкоин е многу економичен со само 0,12 kWh по трансакција.
Во теорија е можна и позелена верзија на биткоин, бидејќи неговиот код може да се префрли на помалку енергетски интензивен, т.н. консензусен механизам. Сепак, експертите од индустријата велат дека е тешко да се замисли целата заедница на биткоин, која е полна со несогласувања, да поддржи ваков план, иако самиот биткоин би можел да ја подигне глобалната температура за два степени Целзиусови во следните три децении.