Седумнаесет годишниот прилепчанец Сашо Јандрески е еден од нашите најмлади иноватори и директор на проектот „МСМЈ – Јандреев Шприц“ кој е нова медицинска иновација во нашата држава.
Идејата за својата медицинска иновација, вели дека ја добил откако волонтирајќи во Итната Медицинска служба во Прилеп заклучил дека здравствените работници се загрозени во текот на својата работа, откако голема била веројатноста да се повредат со веќе искористена игла.
-Направив едно мало истражување и дојдов до драстични податоци односно дека голем број од здраствените работници заболуваат од Хепатит Б и други преносливи болести како резултат на повреда со веќе искористена игла. После тој заклучок, едноставно самата идеја се роди и почнав да работам, а како производ после 10 месеци макотрпна работа произлезе „Јандреевиот Шприц“, вели младиот иноватор за „Стандард“.
За тоа колку е тешко кај нас да се реализира една ваква уникатна идеја, Јандрески смета дека каде и да работиш проект со иновација во светот е доста тешко и напорно, но дека нашата држава треба „уште многу да работи на подобрување на системот за развој на иновациите и поддршка на иноваторите“.
Јандрески вели дека не треба да се откажуваме од нашите цели во животот.
-Ако нешто зацрташ во својот живот како цел, не се откажувај додека не успееш, со љубов, труд и напор се може да се успее, вели Сашо.
Oд каде дојде идејата да го создадеш „Јандреевиот шприц”? Колку време ти беше потребно за да го направиш прототипот?
-Јас веќе две години поминав волонтирајќи во Итната Медицинска служба во Прилеп, со тоа што таму стекнав големи искуства, и видов многу работи од областа на комплексни интервенции. Со самото искуство таму дојдов до заклучок дека здраствените работници се загрозени во текот на својата работа бидејќи голема е веројатноста да се повредат со веќе искористена игла, во некоја интервнеција каде што во прашање се секундите за да се спаси човечки живот. Направив едно мало истражување и дојдов до драстични податоци односно дека голем број од здраствените работници заболуваат од Хепатит Б и други преносливи болести како резултат на повреда со веќе искористена игла.
После тој заклучок, едноставно самата идеа се вроди и почнав да работам, а како производ после 10 месеци макотрпна работа произлезе „Јандреевиот Шприц“, кој функционира со методот дека при давање на терапија, здравствениот работник нема контакт со пациентот, времето на аплицирање е драстично помало, а воедно и здраствениот работник е заштитен. И покрај сите овие придобивки, успеав да направам овој патент да има еколошка вредност, односно ги заменив сите досегашни големини на шприцеви со една универзална големина која има иновативен механизам на дозирање со две метрични сакли, каде што е овозможено дозирање и на многу мали дози, но од друга страна и на дози кои се со големина до 15 милилитри.
Дали овој шприц во иднина може да се користи кај нас?
-Тоа не зависи од мене, туку од органите и организациите кои се задолжени за развој на здраствениот систем. Јас во овој проект сум како независна индивидуа, и овој проект е во приватна сопственост. Бидејќи патентот е во приватна сопственост, доколку има некој заинтересиран од нашата држава може да не контактира за понатамошна соработка, најчесто тоа го прават на нашиот официјален веб сајт ( www.sashojandreski.com).
Колку е тешко кај нас да се реализира една ваква уникатна идеја? Дали младите луѓе имаат доволно поддршка од државата кога сакаат да создадат нешто ново?
-Да бидам искрен, каде и да работиш проект со иновација во светот е доста тешко и напорно, бидејќи замислете го процесот кога имате нешто во главата имагинарно и нестварно, а треба да го претворите во нешто опипливо и реално, тој е процесот на иновацијата односно осмислувањето и реализирањето на еден производ. Лично мислам дека државата треба уште многу да работи на подобрување на системот за развој на иновациите и поддршка на иноваторите.
Како помина презентацијата на револуционерната медицинска иновација на „Архимедов саем“ во Москва?
-Презентацијата во Москва, беше еден од најголемите успеси досега за овој патент, бевме наградени со „Златниот Арихимедов Медал“, кој што има голема светска вредност и големо значење во науката, едноставно бев презадоволен и горд со помислата дека секогаш трудот се исплаќа и дека се што ќе замислиш ако го работиш со труд и љубов ќе успееш. Притоа една мала порака до сите, не се откажувајте, препреките само ќе ве направат посилни. Инаку, следни презентации не се планирани бидејќи веќе овој патент беше дел од многу интернационални саеми и презентации, но секогаш како што кажав и претходно јас сум тука за било каков тип на соработка.
Дел си од словенечкиот филм за Европски достигнувања. Кажи ни нешто повеќе за ова искуство?
– Поконкретно кажано тоа е документарен филм за европските достигувања во 2020 година, во областа на медицината. Во овој филм зедоа учество многу познати и влијателни личности, како што се генералниот директор на Светска Здраствена Организација, многу славни хирурзи и доктори кои што имаат успешни светски кариери позади себе. Кратко кажано, за еден 17 годишник ова за мене преставуваше едно големо и незаборавно искуство.
Беше волонтер во прилепската Итна медицинска помош, со какво искуство се здоби?
– Итната Медицинска Помош во Прилеп, односно мојот тим со кој работев цели две години е нешто незаборавно за мене, таму го стекнав најголемото искуство и најголемата пракса која што еден малолетен амбициозен средношколец би можел да ја стекне. Мојата желба за медицината се појави уште кога бев на почетокот на основното образование, но волонтирањето во оваа служба и работата со тие прекрасни луѓе, едноставно само ми даде една голема потврда дека медицината е онаа професија која што сакам да ја работам во мојот живот.
Во оваа прилика би ја поздравил мојата докторка, со која што бевме заедно во тимот, Доктор Анита Ристова Милошеска, со која поминавме многу итни интервенции, спасувајќи животи и помагајќи на оние на кои навистина им треба итна помош. Како што веќе кажав, Прилеп е голем град и има најразоразни интервенции, но благодарение на големата организираност и тимска работа, Итната медицинска помош секогаш е достапна да интервенира се со цел да им помогни на граѓаните на град Прилеп.
Средното училиште ќе го завршиш во Словенија. Каде планираш да го продолжиш своето образование?
– Средното училиште ќе го завршам во Словенија, односно „International Baccalureate“ програмата е еден вид линк помеѓу средното образование и универзитетското образование, бидејќи ние во оваа програма не правиме тестови, и не учиме тематски единици. Наспроти, ние сме поделени во сектори односно области каде што сакаме да се развиваме, јас сум во оделот на Биологија и Хемија каде што ги изучуваме основите на медицината, а воедно и го надоградуваме своето знаење во областа на природните науки.
Мојата цел е да го продолжам моето образование на некој од познатите медицински факултети низ Европа, точно во која држава се уште не сум се одлучил, но како што веќе кажав имам уште време за да дојдам до тој чекор, но едно е сигурно а тоа е дека моето универзитетско образование ќе биде во областа на меидицната и хирургијата.
Бидејќи во Словенија веќе е започната вакцинацијата дали би се вакцинирал против ковид?
– Точно, вакцинацијата во Словенија е започната, но како што знаете оваа ситуација е нова за сите, и токму поради тоа чекаме подетални упатства што ќе се случува со процесот на вакцинација на студентите и средношколците. Околу прашањето дали јас лично би се вакцинирал против Ковид, искрено не сакам да коментирам на таа тема, бидејќи не сум доволно обучен, а воедно и немам некои аргументирани податоци дека треба да се вакцнираме или не, па ова прашање би го препуштил на оние стручни лица кои се занимаваат со епидемиологијата.
Што би им порачал на младите?
– Ако нешто зацрташ во својот живот како цел, не се откажувај додека не успееш, со љубов, труд и напор се може да се успее. И на крај ќе завршам со моето мото – „Иднината е во сите нас!“
Б.М.