СТАНДАРД life
Здравје

Германски експерти: Подготвувањето чај со ладна вода не е секогаш безбедно за здравјето

Ладно подготвениот чај има исто толку добар вкус како и шолја свежо сварен топол чај, но за некои потрошувачи начинот на кој се подготвува овој пијалок може да претставува ризик поради бактерии, квасец, дури и мувла, според група експерти од Германскиот центар за потрошувачи во Бремен.

Ова се случува затоа што билките и плодовите што се користат во билните чаеви обично се сушат по бербата, но не се третираат со топла пареа, велат од Центарот и додаваат дека направиле тестови на неколку видови чаеви достапни во Европа. Тие предупредуваат дека некои мешавини може да содржат бактерии, квасци и мувла, а тоа претставува ризик по здравјето, особено за доенчињата, децата и луѓето со постоечки болести.

Поради сето горенаведено, за некои може да биде лоша идеја да се преливаат ќесички од билни и овошни чај со ладна вода. Наместо тоа, побезбедно е кесичката да се прелие со врела вода и потоа да се остави да отстои пет минути, особено ако чајот ќе го конзумира лице со почувствителна здравствена состојба.

Постојат специјални мешавини на ладни чаеви за оние кои едвај чекаат да се излади топлиот чај. Таквите мешавини обично се третираат со топла пареа за да се намали присуството на бактерии во нив. Но, германските експерти предупредуваат дека вкусот на вака приготвениот чај често е различен бидејќи горчливите и танин материите во чајот се раствораат дури откако смесата ќе се прелие со топла вода.

Ладно подготвениот чај често има поблаг вкус. Мешавините за ладен чај се поскапи од обичните кесички чај и не се погодни сите видови за деца, бидејќи повеќето од нив се базираат на црн чај, кој може да содржи кофеин.

Ладниот чај се приготвува така што пет до шест лажички чај се ставаат во соодветен сад и се прелева со литар ладна вода. Подготвениот пијалок се остава преку ноќ во фрижидер да отстои од осум до 12 часа. После тоа, може да се сервира со мраз или парчиња овошје. Овој метод најчесто се користи за подготовка на овошни, билни и ројбос ладни чаеви, додека топлата подготовка е попогодна за подготовка на зелен и црн ладен чај, имајќи предвид дека содржат танини кои се ослободуваат во поголема мера доколку чајот остане во вода предолго.

Во вака подготвените чаеви може да се додадат засладувачи, парчиња овошје, цедени сокови или листови од ароматични растенија.

Поврзани вести

„Тивок убиец“: Ова се најчестите знаци на висок холестерол

Urednik

Седум намирници кои помагаат при киселини во желудникот

Radmila Tasevska

Престанете да пиете кафе ако страдате од овие три симптоми

Radmila Tasevska