Годинешните податоци за Бруто домашниот производ (БДП) потсетуваат на Големата депресија од 30-тите години на минатиот век, според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој предупреди на заедничката годишна конференција со Светска банка оваа недела дека светот е во опасност од нагло опаѓање на инвестициите, трговијата и работните места.
Економскиот експерт на ММФ, Гита Гопинат, на конференцијата рече дека „се проценува дека кумулативната загуба на производството, во однос на патот проектиран пред пандемијата, ќе се зголеми од 11 трилиони долари во периодот 2020/21 на 28 трилиони долари во текот на 2020/25 година што е сериозна пречка за подобрување на просечниот животен стандард во сите групи на земји“.
ММФ ги пофали централните банки ширум светот за стимулативни програми што го ублажуваат негативното влијание на Ковид-19 врз светската економија, но предупреди дека предвременото повлекување на тие пакети за поддршка може да се покаже погубно за напорите за економско закрепнување.
Според РТ, Гопинат изјавила дека значајната глобална фискална поддршка од близу 12 трилиони долари, заедно со големите намалувања на каматните стапки, инјекциите на ликвидност и купувањето на должнички хартии од вредност од централните банки, „помогнале да се спасат животи и да се обезбедат животни потреби и да се спречи финансиска катастрофа“.
Таа препорача дека „колку што е можно, политиките мора агресивно да се фокусираат на ограничување на хроничните економски штети од оваа криза“.
Според ММФ, повеќето економии ќе претрпат трајна штета во однос на потенцијалот за снабдување, како резултат на лузните од длабоката рецесија оваа година.
Светска банка предупреди дека до 2021 година до 20 милиони луѓе во светот можат да бидат турнати во екстремна сиромаштија.