СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Антевски: Нашите пари од буџетот треба да ги трошиме во македонското производство, тоа го прави секоја нормална држава

Првиот човек на компанијата „Раде Кончар-ТЕП“, Горан Антевски не остава простор за дилема во проценките кои од компаниите ќе успеат да ја преживеат годинава.

– Ќе продолжат да работат и ќе бидат уште поуспешни само оние кои успеале да се реорганизираат, посочува тој.

„Раде Кончар-ТЕП“ немал проблем на ова поле бидејќи во 2020 година регистрирал многу подобри резултати од претходните години, а планот за следната е 30% повисок.

Како фактор од суштинско значење за македонската економија, Антевски ја посочува и потребата од поголемо учество на домашните компании во идните проекти, но и државната помош за домашните компании да ги добијат домашните проекти и инвестиции.

– Сите земји во околината и пошироко ги заштитуваат домашните производители со тоа што ќе бидат протежирани во однос на странските компании, само кај нас повеќе од 10 години пазарот е целосно отворен и домашните производители од година во година само го губат и овој мал пазар, категоричен е првиот човек на „Раде Кончар“ во интервју за „Стандард“.

Како неопходна ја посочува државната помош во инвестиции за зголемување на производството и вработените и таа според него мора да продолжи и во иднина. Од друга страна, Антевски е дециден дека е време да сопре помошта во плати, бидејќи како што вели „со таа мерка нема напредок“.

На економски план, 2020 година за вас е година за паметење или за заборав?

– Изминатата 2020 година секој од нас би сакал што побрзо да ја заборави. Здравствената, финансиската и моралната криза ја осети секој на нашата планета, од тоа не бевме поштедени ниту ние. Секако со нашата добра организациона поставеност, ефикасност и инвестирање ни донесоа многу подобри резултати во однос на предходните години. Веќе ги поставивме и плановите за 2021 година кои се за 30% повисоки од успешната за нас 2020 година.

Ставањето под контрола на пандемијата од ковид не е единствениот предизвик за македонската економија. Догодина не чека пописот и локалните избори кои генерално предивикуваат негативни последици врз бизнисот…

– При секое одржување на избори економијата доживува пад поради застојот на инвестициите, последниве години пред секои избори законски се стопира отварањето на проекти и инвестиции што за поголем дел од градежните компании представува огромен проблем. Во однос на законските ограничувања потребно е да се промени законската рамка за да се овозможи константна работа на компаниите и планирање на активностите.

Македонската економија и догодина ќе биде пред сериозен предизвик бидејќи последиците подеднакво ќе ги почувствуваат граѓаните, стопанството, државата. Какви се вашите очекувања, дали 2021 ќе биде година на економско заздравување или некои компании ќе мораат да ја продолжат битката за преживување?

– За Македонските компании оваа 2021-ва ќе биде година кога дел од нив ќе затворат или ќе бидат на работ на егзистенција, но компаниите кои ќе се преструктуираат и реорганизираат може да очекуваат да го задржат или зголемат своето работење. Очекувам дека со помошта која се најавува од страна на државата, подобрувањето на ефикасноста и продуктивноста, како и со поголемото учество на домашните компании во идните проекти ќе си помогнеме да ја задржиме нашата економија и нашето производство. Мора еднаш да сфатиме дека нашите пари од буџетот треба да ги трошиме во македонското производство бидејќи само така ќе се враќаат средствата во нашата економија и кај нашите вработени, тоа го работи секоја нормална држава, а зошто не и ние.

Како ковид-кризата се одрази на работата на вашата компанија, и генерално на извозно ориентираните компании? Дали пандемијата ви остави лоши последици или се реорганизиравте за да ги ублажите последиците?

– За „Раде Кончар-ТЕП“ минатата 2020-та беше една многу успешна година и покрај тешкотиите со ковид-кризата. Остваривме 65% зголемување на приходите, што резултираше со зголемување на бројот на вработените и на примањата од 30% и задржување на квалитетниот кадар. Инвестиравме 350.000 евра во современа опрема и екологијата со што во иднина ќе добиеме поголема продуктивност и заштеда.

Наш најголем успех во 2020 година е што после долгогодишна соработка и развој потпишавме договор со „АББ“ како еден од најголемите европски производители на електро опрема за дизајн и изработка на нивната опрема за светските пазари како единствена компанија од Балканот, исто така потпишавме и договор за дистрибуција и соработка со најголемата јапонска компанија „Митсубиши“. Здружувањето со овие компании ни отвара големи можности за поголем настап на пазарите во Европа, Блискиот Исток и Африка со што планираме дека извозот на нашите производи драстично ќе се зголемува.

Секако за оваа година во план е потпишување на договор со уште една реномирана европска компанија за заедничка соработка и настап на домашниот и околните пазари.

Во очекување на петтиот сет антикризни мерки јасно е дека треба да се мисли и за периодот по пандемијата. Како да им се помогне на компаниите да ја одржат конкурентноста, како да се помогне извозот и целата индустрија кои ја туркаат економија напред?

– Со години се залагам да им се помогне на македонските компании со можноста најпрво да го освојат домашниот пазар, а потоа да продолжат да настапуваат на останатите пазари. Најдобра економска мерка е да се направи анализа и да се прашаат самите компании каде и на кој проект, тендер може да учествуваат и да бидат конкурентни во однос на странските компании. Голем дел од компаниите посебно од Кина или Турција имаат големо субвенционирање за добивање на странски проекти, тоа знаеме дека нашата држава не може да го направи, но секако може да помогне домашните компании да ги добијат домашните проекти и инвестиции. Сите земји во околината и пошироко ги заштитуваат домашните производители со тоа што ќе бидат протежирани во однос на странските компании, само кај нас повеќе од 10 години пазарот е целосно отворен и домашните производители од година во година само го губат и овој мал пазар.

Дали сметате дека покритичен и понеизвесен ќе биде периодот кога ќе престане државната помош ?

– Лично очекувам дека 2021 година ќе ни донесе подобрување во економијата, бидејќи на пролет ќе се раздвижи стопанството со решавањето на вакцинацијата. Дел од компаниите кои и пред ковид-кризата се бореле за својот опстанок и не се реорганизирале во изминатиот период сигурно ќе згаснат како кај нас така и во светски рамки, но секако добрите компании ќе бидат уште поуспешни бидејќи им се отвара пазарот и ќе има зголемена побарувачка.

Помошта за плати беше можеби популистичка мерка, корисна за дел од компаниите и во еден почетен период на кризата, но мора да се сопре бидејќи со таа мерка нема напредок. Државната помош во инвестиции за зголемување на производството и вработени по мене е мерка која мора да продолжи и во иднина. Последната мерка на Министерството за финансии за покривање на 25% од направените инвестиции е мерка која сум сигурен дека ќе донесе поголем развој и зголемување на вработувањата, отколку фрлањето на пари во земјоделието без конкретни ефекти и планови.

Сите европски држави им помогнаа на своите компании со тоа што финансираа дел од нивните инвестиции, бидејќи само со добри инвестиции и проекти можеш да ја раздвижиш економијата и да ја задржиш нејзината конкурентност.

К.В.С.

Поврзани вести

Деспотовски: Македонија ќе им посака добредојде само на инвеститори со висок квалитет

Влатко Зорба

Симуновски, експерт за криптовалути: Физичките фиат валути ќе исчезнат за 15 години

Влатко Зорба

Граматиков: Ваучерите за поддршка на туризмот не ги дадоа очекуваните резултати

Влатко Зорба