Најавената тужба пред Меѓународниот суд против државата и НБРМ за случајот „Еуростандард банка“ бизнисменот Трифун Костовски ќе ја поднесе наскоро, во втората половина од годинава, откако како што вели „ќе ги изодиме сите правни институции во земјава“.
За „Стандард“ тој ги обелоденува своите сомнежи дека тенденциозно се запира процесот на полнење на стечајната маса и настапува со хипотетичка констатација според која со стекнатиот имот и пари ќе бидат обештетени сите правни и физички лица.
„Имам впечаток дека вистинската ситуација во банката ги шокирала институциите кои се зафатија со овој нечесен чин и се плашат да ја кажат вистината“, категоричен е главниот акционер во Банката.
Под знак прашање ги става вистинските мотиви на Здружението на оштетени штедачи и вели: „Не сум сигурен дали ова здружение навистина е водено од оштетени штедачи или од инфилтрирани поединци од страна на организаторите на организираниот криминал со цел да ги пренасочат нападите кон мене како акционер и човек обидувајќи се да ме дискредитираат“.
За него нема дилеми дека пион на организираниот криминал за кој што зборува е гувернерката Бежоска, а луѓето што го контролираат овој криминал всушност се обидуваат да ги уништат правните субјекти од типот банки.
Резимирајќи го досегашниот приватен и професинален живот, Костовски заклучува: „Од најголем гринфилд инвеститор во Македонија, денес, после 20 години се наоѓам во фаза да се борам за својот имот спечален на чесен начин“.
Во интервју од пред неколку години за хрватски весник изјавивте дека вашето враќање во Македонија после долгиот период поминат во странство не го сметате за добар деловен потег. Дали се уште стоите на овој став, особено како се земат предвид случувањата со Еуростандард банка?
-Ако во 2013 година имав впечаток и некое претчувство дека мојата инвестиција во Македонија е лош деловен потег, денес убедливо тврдам дека тоа е најлошиот потег во мојот живот.Работев на пазарот на Западна Европа со над 500 милиони популација, во кој системскии се бранеше приватната сопственост и владееше правото, а победуваше квалитетот.
За жал во Македонија го доживеав најголемиот удар. Од најголем гринфилд инвеститор во Македонија, денес после 20 години се наоѓам во фаза да се борам за својот имот спечален на чесен начин, а покраден и уништен во „независна и демократска“ Македонија.
Жално е што ова се случува од многу аспекти. Си ја сакам својата татковина и својот народ. Им подарив колку што можев и верувајте, многу е тажна перцепцијата кога ќе сфатите дека сте измамени токму од тие што најмногу сте ги сакале. Кај Цепенков има една поговорка: „-Кој ти го ископа окото? – Брат ми. – Е па затоа е толку длабоко.“
Во истото интервју велевте дека банкарството во Македонија е единствениот состав кој функционира на европско ниво, а дека Народната банка е најсветлата точка во општеството- ќе ве цитирам ‘’се восхитувам како успеала да остане независна од власта’’Сега се чини поинаку размислувате?
-Во 2013 година го имав мислењето дека Народна банка не може да биде ставена во матни игри, бидејќи на чело на Народна банка беа гувернери, кои повеќе или помалку принципиелно раководеа со оваа институција.
Со именувањето на госпоѓа Бежоска за гувернерка, во чии квалификации се сомневам и речиси сум убеден дека повод за нејзино именување се матни цели на одредени политички структури, уште појасно станува кон која бездна оди стрмоглаво државата. Во личноста Бежоска не гледам независен гувернер, туку пион на организираниот криминал. Со нејзиното поставување на местото гувернер, луѓето коишто го контролираат организираниот криминал еволуирале во нивниот развој и перцепција и посегнуваат да уништат правни субјекти од типот на банки!
По вокација организираниот криминал е симбиоза на криминогена елита влезена во институциите на системот. Сè уште не ми е јасно зошто се посегна по стечајот за Еуростандард банка, во најлошата година не само за македонската, туку и светската економија.
Веќе изминуваат 6 месеци од “упокојувањето “на банката и сè уште од стечајниот управник немаме финален извештај за вистинската состојба на стечајната маса со која треба да се обесштетат физичките и правни лица. Од друга страна познати и непознати лица брзаат да си ги подмират своите обврски кон банката во стечај и стечајниот управник ги прифаќаше сите тие уплати доколку беа доставувани преку адвокати со најава дека ќе пуштат извршител.
Во последниве 2 месеца, повеќе десетици луѓе кои користеле кредити или се задолжиле во банката, бараат од мене да им помогнам како тие пари да ги уплатат во стечајната маса.Одговорот кој го добиваат од вработените во некогашната банка кои работат на стечајот е цитирам „не уплаќајте сега ќе бидете известени кога“. Ова е сигнал кој не можам да го разберам или пак се работи за нешто многу покрупно.
Анализирајќи ја ситуацијата во банката со дел од бившите вработени, доаѓаме до хипотетички заклучок, бидејќи немаме увид во севкупната документација и наплата на стечајната маса, дека со стекнатиот имот и пари ќе бидат обесштетени сите правни и физички лица. Ова можам да го кажам, меѓутоа не можам да го потврдам, бидејќи моите информации се од случај до случај, каде отпишани кредити на физички лица се во целост вратени со камати, и тоа не во мали суми.За мојата хипотетичка констатација, говори и фактот што Народна банка е во Одборот на доверители кои го контролираат стечајниот процес.
Имам впечаток дека вистинската ситуација во банката ги шокирала институциите, кои се зафатија со овој нечесен чин и се плашат да ја кажат вистината. Кој е поривот да го запреш процесот на полнење на стечајната маса? Јавноста порано или покасно ќе се соочи со оваа сурова вистина. А како јавноста ќе реагира на овој злостор? Нека размислат самите организатори.
Најавивте дека правдата ќе ја барате во меѓународниот суд.Се чини дека со вас не сочувствува Здружението оштетени штедачи кое ве обвинува за соучесништво во како што го нарекуваат „грабежот“ на банката. Најавуваат обелоденување на вистини врзани за докази. Дали и колку навистина има работи кои во изминатиот период не излегоа на виделина?
-Секако дека правдата ќе ја барам и надвор од Македонија, бидејќи сум убеден дека се работи за експлицитен акт на организиран криминал. Меѓународниот суд е чекор кој ќе следи во вториот квартал од оваа година, откако ќе ги изодиме сите правни институции во земјава.
Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка за мене претставува еден знак прашалник. Не сум сигурен дали ова здружение навистина е водено од оштетени штедачи или од инфилтрирани поединци од страна на организаторите на организираниот криминал со цел да ги пренасочат својата енергија и напади кон мене како акционер и човек, обидувајќи се да ме дискредитираат и да ми го урнисаат достоинството. Но, не можете никому да му го одземете она што му е насушно во неговата личност – чест, правдина, љубов, достоинство.
Длабоко сум убеден дека чесните луѓе во ова здружение се убедени во мојата невиност, меѓутоа не сум убеден дека тие можат да влијаат во секојдневното нивно комуницирање со јавноста.
Една од вашите поранешни изјави е дека имате изгубено многу пари најмногу поради политиката, односно поради вашата одлука да не се приближувате премногу на ниту една политичка партија.Сепак, еден период бевте пратеник во Собранието, од 2005 до 2009 година непартиски градоначалник на Скопје.Дали можеби во последниов период добивте понуда за членство во некоја партија?
-Мојот став беше дека по осамостојувањето 1991 година во Македонија немавме никакво искуство во парламентарната демократија. Демократијата е процес кој треба да се учи и практикува, да се делува и да се извлекуваат поуки во поглед насоката каде се движиме. Без исклучок во раните 90-тите години од минатиот век ги финансирав сите силни политички партии во Република Македонија со единствена цел да тој процес на имплементирањето на демократскиот начин на живеење биде побрз.
Не сум бил член на ниту една партија во Република Македонија, бидејќи секојпат сум велел дека мојата единствена партија е Македонија.
Учествував на парламентарните избори во 2002 година со коалицијата СДСМ, со која убедливо победивме. Моите ветувања во целата кампања беа дека ќе се залагаме чесно и достоинствено Македонија побрзо да ја вратиме во нормална ситуација за иден побрз развој и што поскоро да ја заборавиме 2001 година кога имавме граѓанска војна. Лажни ветувања никојпат не сум давал, ниту ќе давам.
Во 2005 година се кандидирав како независен кандидат за Градоначалник на Град Скопје. Официјално ја побарав поддршката на сите политички партии на која одговори само ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа не од љубов или почит кон мене, туку од интерес да го освојат Градот Скопје, а со тоа на следните парламентарни избори и да извојуваат победа, што впрочем и се случи.
Нескромно звучи, ама станува збор за факт – јас бев победничката локомотива на ВМРО-ДПМНЕ, во 2005 и 2006 година. Овој факт ќе ви го потврдат и голем број на партиски членови од ВМРО-ДПМНЕ кои во тие моменти беа свесни за мојата улога меѓу граѓаните на Скопје и Македонија. Станав градоначалник и не дозволив централната власт да се меша во работењето на Град Скопје. Овој мој принципиелен став ме чинеше многу скапо. Познат ви е случајот Кермес, кој судски е затворен во моја полза со одлука на Врховен суд, меѓутоа во пракса уште не е имплементиран, цели 15 години, маркицата на објектот сè уште не е вратена во наша сопственост.
Следејќи го функционирањето на партиите во Македонија и имајќи го предвид мојот вредносен систем, сметам дека не можам да бидам член на ниту една од постоечките партии. Да бидеме на јасно, ниту постоечките партии би сакале да имаат член во својата партија човек како мене, рационален со слободна, критичка, праведна и чесна мисла. Тие преферираат во членството да имаат послушници. Тоа кај мене не минува.
Како функционираат останатите ваши бизниси во Македонија? (Негорски бањи…издавачката куќа Култура…) Колку сте се уште активни во меѓународниот бизнис?
-Правните субјекти „Негорски Бањи“ и Издавачката куќа „Култура” кои останаа, се сè уште во функција. Функционираат многу тешко во овие денешни услови на пандемија и истовремено ги чувствуваат последиците од стечајот на Еуростандард банка, бидејќи нивните сметки со неколку стотици илјади евра беа токму во оваа банка и денес се финансиски многу оштетени. На меѓународен план во бизнисот, не можам да се пофалам со некои активности и во овој момент ниту можам да се зафатам со нешто конкретно, бидејќи целокупното мое време е преокупирано со мојата борба за вистината за Еуростандард банка, низ којашто покрај оштетените физички и правни лица и ние акционерите ќе бараме надомест на штета со вкалкулирана изгубена добивка и руинирано реноме како семејство.
Во период кога грчевито се бараат странки инвеститори, вие неколкупати посочивте дека се заборава фактот дека во државата имате вложено повеќе од 150 милиони евра. Владата најави идентичен третман на домашните инвеститори, па оттука и прашањето каде би ги вложиле вашите средства во иднина?
– Мое мислење е дека понекомпетентна Влада од актуелнава во овој три децениски демократски живот во Република Македонија, не сме имале. Лажните ветувања станаа секојдневие во коешто голем дел од граѓаните гледаат сеир, а јас гледам како на многу сериозен проблем за нашата иднина. Самиот политички амбиент се одразува и врз стопанството. Ако сме на 111 место по корупција и организиран криминал во светот се прашувам кој инвеститор би сакал да вложи во Македонија.
Тоа е порака која самите ја испраќаме до потенцијалните инвеститори, бидејќи политиката во Македонија е навлезена во сите пори од нашето општествено и стопанско живеење. Оваа Влада треба час поскоро да си замине, со многу силна порака со која длабоко ќе се замислиме сите ние граѓаните на Република Македонија кому ќе му го довериме следниот мандат. Само со исправен пристап на избрани луѓе, компетентни за водење на одредени ресори во идната влада, би можеле да создадеме услови за етаблирањето на Македонија како држава со свој автентичен економски развој, култура, уметност и живот. Се работи за основната и најголема инвестиција во нашево општество, ЧОВЕКОТ.
Од голема временска дистанца можеме да зборуваме за периодот кога бевте сопственик на женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров.Кои се сегашните проблеми поради кои не може да се достигне тогашниот успех на ова поле?
-Дистанцата од времето на Кометал -Ѓорче Петров, па Работнички, Вардар, Пелистер, одбојкарскиот женски kлуб Студент, ми дава една димензија да проценам дека навистина сум направил добри дела во три децениската независност на Република Македонија. За успехот во сите овие спортови се потребни луѓе и финансиски средства. Во времето кога јас тоа го поддржував имавме и луѓе, имавме и финансиска поддршка, а денес убеден сум дека имаме луѓе, меѓутоа недостасува културата на сфаќањето на спортот како општествена одговорност, посебно кај финансиски јаките правни субјекти.
Денеска инвестирањето во спортот, посебно во Македонија, каде сме научени не системот, туку поединецот да го финансира е застарен модел којшто нема иднина. Само со пратење на модерните текови за инвестирање во спортот ќе можеме да направиме нешто што треба да остави трајни дела, сè останато е чиста импровизација.
Познат сте како вљубеник во музиката. Дали можеби подготвувате или учествувате во некоја нова музичка нумера?
-Да, вљубеник сум во музиката и поезијата, тие се дел од мојот живот и ги практикувам во секој слободен миг. Имам снимено повеќе десетици песни и рецитали и ми претставуваат вистинско задоволство, бидејќи тоа е нешто што ќе го оставам на моите идни поколенија во семејството, со што трајно ќе ме паметат не по мојот финансиски капацитет туку по мојата природа и човек вљубен во песната, поезијата и во основа човекољубец.
Редакција Стандард