Европската централна банка денес ја зголеми проекцијата на инфлацијата за 2021 година поради скокот на цените на почетокот на годината и малку ја зголеми прогнозата за раст на економијата, иако мерките на ограничувања за сузбивање на пандемијата Ковид-19 се продолжени.
Според новото основно сценарио, ЕЦБ очекува бруто домашниот производ на еврозоната да порасне за 4 проценти оваа година, наместо 3,9 проценти, како што беше предвидено во декември, пренесе Ројтерс.
Исто така, инфлацијата се очекува да изнесува просечно 1,5 процент, што е над претходно предвидената стапка од 1 процент, рече претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард на прес-конференција по седницата на централната банка.
Сепак, долгорочните проекции се променија само малку, што укажува на тоа дека годинашните отстапувања се главно предизвикани од еднократни фактори кои не ја менуваат поголемата слика.
Лагард рече дека ризиците за економските изгледи станале порамномерени, но дека краткорочните продолжуваат да се наклонети кон негативната страна поради пандемијата и мерките за нејзино ограничување. Таа додаде дека под влијание на привремени фактори и зголемувањето на цените на енергијата, инфлацијата ќе биде поголема оваа и следната година отколку што се очекуваше претходно.
Централната банка на еврозоната малку ја намали прогнозата за економски раст за следната година на 4,1 процент од претходно предвидените 4,2 проценти, додека за 2023 година остана на непроменето ниво од 2,1 процент.
Од друга страна, ја зголеми проекцијата на инфлацијата од 1,1 на 1,2 проценти за 2022 година, а во 2023 година очекува потрошувачките цени да пораснат за 1,4 проценти, како што претходно предвидуваше.
Претседателот на ЕЦБ изјави дека обновувањето на светската побарувачка и дополнителните фискални мерки ја поддржуваат глобалната активност во еврозоната, но дека постојаните високи стапки на инфекции со корона, ширењето на мутирани видови на вирусот и поврзаното пролонгирање и заострување на рестриктивните мерки имаат негативно краткорочно влијание врз блокот.
„Влезните економски податоци укажуваат на континуирана економска слабост во првиот квартал од 2021 година, поради постојаното траење на пандемијата и последователните мерки за борба против неа. Како резултат на тоа, реалниот БДП веројатно повторно ќе падне во првиот квартал од оваа година“, рече Лагард.
Сепак, таа додава дека во текот на годината се очекува стабилно економско закрепнување, поддржано од кампањата за вакцинација и постепено олеснување на мерките за заклучување.
Посочи дека ценовниот притисок врз растот на основната инфлација останува „млак“ во контекст на слабата побарувачка и значителна стагнација на пазарот на трудот и стоката.
„Во такви услови, одржувањето на поволни услови за финансирање за сите сектори на економијата за време и по пандемискиот период останува од суштинско значење за поддршка на економската активност и заштита на среднорочната стабилност на цените“, нагласи Лагард.
Според неа, ЕЦБ ќе продолжи да ги следи движењата на девизниот курс со оглед на нејзините можни импликации врз среднорочните изгледи на инфлацијата.
На крајот, Лагард рече дека централната банка е подготвена да ги прилагоди сите свои инструменти доколку е потребно со цел да ја поддржи економската активност и да осигури дека инфлацијата континуирано се движи кон целната стапка на ЕЦБ од малку под 2%.