Според статистиката на надворешниот долг за 2019 година, објавена неодамна од Светска банка во својот извештај (International Debt Statistics 2021), скоро половина од сите земји со ниски и средни приходи или веќе се во должнички проблеми или се изложени на висок ризик од нивно појавување.
Пред почетокот на пандемијата на вирусот Ковид-19, зголемувањето на нивото на јавниот долг и зголемената ранливост на долгот веќе беа причина за загриженост, особено во најсиромашните земји во светот. Пандемијата „Ковид-19“ дополнително ја искомплицира ситуацијата во многу од овие земји, бидејќи неодржливиот товар на долг значително ги ограничува ресурсите што им се потребни на овие земји за да ја финансираат здравствената криза и да ги забрзаат напорите за економско закрепнување, се вели во анализата на авторот на „Макроекономска анализа и трендови“ (МАТ).
Како што е истакнато, постои основан ризик дека премногу сиромашни земји ќе излезат од кризата Ковид-19 со голем прекумерен долг. За да се изгради трајно економско закрепнување, земјите ќе треба да постигнат долгорочна одржливост на долгот, што ќе бара многу повисоко ниво на продуктивни инвестиции и финансирање – за инфраструктура, здравство, образование и вработување.
Статистиката за надворешен долг во 2021 година покажува област на доверители која брзо се менува – земји во развој позајмуваат од нови извори на билатерално и комерцијално финансирање и сè покомплексни должнички инструменти.
Ризиците за долг ги одразуваат повисоките нивоа на јавен и приватен долг, како и промената на состојбата на доверителите, со нови извори на билатерално и комерцијално финансирање и зголемената сложеност на должничките инструменти со нестандардни услови и клаузули, вклучувајќи такви за доверливост.
Според извештајот на Светска банка, трендовите на надворешниот долг на земјите со низок и среден приход во 2019 година се случија во позадина на синхронизиран пад на глобалната економија со забавување на глобалниот бруто домашен производ (БДП) на околу 2,4 проценти, што е најнизок раст на стапката од финансиската криза во 2008 година.
Растот на БДП во земјите со низок и среден приход опадна на околу 3,5 проценти во 2019 година од 4,3 проценти во 2018 година.
Вкупниот надворешен долг на 120 земји со ниски и средни примања, за кои се презентирани податоците во извештајот за статистиката на надворешниот долг, се зголеми за 5,4 проценти во 2019 година, на 8,2 трилиони долари, што е стапка на акумулација скоро идентична со онаа од 2018 година .
Долгорочниот надворешен долг (вклучително и обврските кон ММФ) беше најбрзорастечка компонента, која се зголеми за седум проценти на околу шест илјади милијарди долари, што е еквивалентно на 73 проценти од вкупниот надворешен долг. Краткорочниот надворешен долг се зголеми малку (1,5 проценти), на околу 2,2 трилиони долари на крајот на 2019 година.
Во повеќето земји со ниски и средни приходи, обврските за надворешен долг се претежно долгорочни, а најголем удел имаат државниот сектор и другите субјекти од јавниот сектор. Од вкупниот надворешен долг на земјите со ниски и средни приходи на крајот на 2019 година, 3,3 трилиони долари или 40 проценти беа поврзани со јавен долг (директен и индиректен), 2,7 трилиони долари или 33 проценти со обврските на субјектите од приватниот сектор без државни гаранции, додека обврските засновани на краткорочен долг изнесуваат 2,2 трилиони долари или 27 проценти.
Односот на надворешниот долг кон БДП за земјите-должници се зголеми во текот на изминатата деценија во многу земји со ниски и средни приходи. Бројот на земји со ниски и средни приходи, во кој е забележано значително зголемување на односот надворешен долг и БДП, сугерира дека зголемената загриженост за неодржливиот товар на долг и зголемениот ризик од должнички кризи во некои земји не се неосновани. Процентот на земји со ниски и средни приходи со сооднос долг и БДП под 30 проценти падна од 45 проценти во 2010 година на 22 проценти на крајот на 2019 година.
Нагло се зголеми и бројот на земји со ниски и средни приходи, кои запишале пораст на учеството на надворешниот долг во извозот на стоки и услуги. На крајот на 2019 година, според проценката на анализата, 55 проценти од земјите со ниски и средни приходи имале соодно на надворешен долг и извоз од повеќе од 150 проценти, во споредба со 45 проценти во 2010 година.