СТАНДАРД life
БИЗЛАЈФ

Светскиот туризам „пократок“ за 1,3 ТРИЛИОНИ ДОЛАРИ

Минатата година беше најлоша во историјата на туризмот со пад на меѓународните пристигнувања за 74 проценти и загуба на приходите од извоз од туризам во износ од 1.300 милијарди долари (1,3 трилиони), се вели во последниот извештај на Светската туристичка организација (UNWTO).

Туристичките дестинации околу планетата примија една милијарда помалку странски гости во 2020 година во споредба со претходната година, поради невидениот пад на побарувачка и воведувањето ограничувања за патувања во скоро сите делови на светот.

Минатогодишниот пад на меѓународните пристигнувања беше далеку поголем од четири проценти пад на глобалниот туризам за време на глобалната финансиска криза во 2009 година, се вели во извештајот.

Според најновиот барометар на UNWTO, падот на меѓународните патувања резултираше со загуба на приходите од туризам проценети на 1,3 трилиони долари, повеќе од 11 пати поголема од загубата забележана за време на глобалната криза во 2009 година.

Корона-кризата, според UNWTO, загрози меѓу 100 и 120 милиони работни места во туризмот, од кои многу се во мали и средни претпријатија.

Иако е направено многу за да се овозможи безбедно меѓународно патување од здравствена гледна точка, ние сме свесни дека кризата сè уште не е завршена, вели генералниот секретар на UNWTO, Зураб Пололикашвили.

Поради еволуцијата на вирусот, многу земји сега повторно воведуваат построги ограничувања на патувањето, кои вклучуваат задолжително тестирање, карантин, а во некои случаи и целосно затворање на границите, што го прави сè потешко продолжувањето на меѓународните патувања, според Светската туристичка организација со седиште во Мадрид.

Во исто време, тие се надеваат дека постепеното воведување на вакцината против корона ќе помогне во враќањето на довербата на потрошувачите и ќе придонесе за олеснување на ограничувањата за патување и постепено нормализирање на патувањето во текот на 2021 година.

„Хармонизацијата, координацијата и дигитализацијата на мерките за патување поврзани со намалување на ризикот од Ковид-19, вклучително и сертификати за тестирање и вакцинација, се главните основи за подобрување на безбедноста на патувањето и закрепнување на туризмот кога тоа го дозволуваат условите“, заклучи Пололикашвили.

Според истражувањето спроведено од UNWTO меѓу туристичките работници, 43 проценти од нив не гледаат враќање на патувањата на нивоата пред пандемија пред 2023 година, дури 41 процент не го очекуваат тоа пред 2024 година и подоцна, додека само 15 проценти предвидуваат целосно закрепнување во 2022 година.

Според сценариото на UNWTO за периодот 2021-2024 година, се проценува дека враќањето на меѓународниот туризам на ниво од 2019 година може да трае од две и пол до четири години.

Поврзани вести

Ако вработените лошо работат, можеби е до вас: Совети за менаџерите во новиот деловен свет

Влатко Зорба

5 мали промени во домот што можат да привлечат пари

Влатко Зорба

Првата крава во Црна Гора платена со биткоини: Кои се гордите сопственици?

Влатко Зорба