СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Граѓаните нема да имаат бенефит од намалувањето на ДДВ-то на електричната енергија

Граѓаните да не очекуваат бенефит од намалувањето на ДДВ-то за електричната енергија  од 18 на 5% вели даночниот експерт Славко Лазовски. Иако намалувањето на даноците секогаш се правда со тоа дека повеќе ќе остане во џебот на граѓаните, тоа никогаш не се случува, објаснува тој во интервју за „Стандард“ потенцирајки дека ваквиот потег на владата ќе предизвика намалување на приходите по овој основ во Буџетот и ништо повеќе.

Тоа од своја страна значи дека граѓаните на оваа земја ќе располагаат со помалку јавни средства и тоа токму во времето кога се најпотребни”, вели тој.

Според Лазовски намалување на ДДВ за електрична енергија ќе предизвика отворање на апетитите на другите учесници во прометот и привилегирање на оние кои реално не треба да бидат привилегирани. Oд таму според него не може да се очекува намалувањето на даночната стапка да го компензира евентуалното зголемување на цената на електричната енергија.

„Кога растот на цените би можел да се спречи или ублажи со даноците би било перфектно.  Даноци ја немаат таа задача, тие навистина го подигаат општото ниво на цените, но тука делуваат со нивната неутралност. Намалувањето на ДДВ-то добро ќе им дојде на граѓаните со повисоки доходи и на нив ќе биде извршената таа ,,компензација“ сосема непотребно, дециден е Лазовски.

Поправично според него е да се најде начин да се вбризгаат пари во секторот енергетика и да се зголемат издвојувањата за енергетска сиромаштија и вложувањата во енергетска ефикасност. Квалитетната даночна политика на една земја се отчитува кај овој данок, и тоа вели Лазовски е полето за натпревар на мајсторите на даночната политика.

Предлогот на Владата да се намали ДДВ-то за електрична енергија за домаќинствата од 18 на 5 % од 01.07.2021 година до 30.о6.2022 година е веќе испратен пред пратениците. Што ќе значи ваквата даночна измена за гараѓаните? Дали ќе донесе некаков ефект врз домашниот буџет?

-Даноците постојат и тие се воведни за да имаат влијание врз граѓаните, бидејќи значат одземање на дел од нивниот доход и негово ,,сместување“ во заедничката ризница – Буџетот. Практично, тие не можат да немаат влијание врз животот на граѓаните. Дури кога со непосредните даноци ги оданочуваме правните субјекти (компаниите, организациите, установи и останати јавно-правни тела), во суштина  оданочуваме физички лица, односно граѓаните, бидејќи исте тие асоцијации на крајот на краиштата имаат една единствена цел – да послужат за зголемување на доходот на граѓаните. А таму каде има доход, таму се и даноците. Но даноците не запираат тука, туку оданочуваат и: приход, промет, имот, имотни права, богатство и др.

Според тоа, даноците се секогаш со граѓаните, па тие се и исклучиво во функција на граѓаните, остварувајќи ја својата основна задача – зголемување на можностите за остварување на поголеми доходи на граѓаните, односно на оние на кои им одзема дел од доходот, но и на оние на кои не им одзема дел од доходот. Тоа знчи за сите граѓани. Доколку даноците не  ја  остварат оваа главна нивна задача,  ја губат својата суштина и ја поништуваат својата оправданост. Се разбира со остварување на поголеми доходи, напоредно се реализираат и многу други цели: повисок стандард, подобро здравство, повисоко образование, поквалитетна животна средина и многу други вредности.

Особено силно влијание врз граѓаните имаат посредните даноци, а нивен репрезент е ДДВ, како технички најсовремен данок на потрошувачката. Овој данок на најдобар можен начин го потврдува погоре кажаното,  дека даноците се ,,измислени“ исклучиво да ги оптоварат граѓаните токму со примената на иструментот –  одбивка на претходниот (влезниот) данок, со што го  заштитува од даночно оптоварување (не го оданочува) полето на стопанските активности (економскиот натпревар).

Во тој економски натпревар се разменуваат создадените добра и услуги и ДДВ се вгнездил во таа размена на исполнувањата, во прометот на добар и услуги, покажувајќи ја својата доблест, дека ќе настане оданочуавање само ако препознае надоместок.  ДДВ градејќи ја својата структура, застанува на начелото на својата неутралност и повикувајќи на придобивките на здравата конкуренција, оданочува поеднакво. Тоа значи  дека намалувањето на стапката токму на одредено добро или услуга не е во согласност со неговите декларирани основни обележја.

За граѓаните е позначајно вкупното даночно оптоварување што го прави ДДВ со оданочувањето на сите добра и услуги во прометот, отколку со исклучувањето од оданочувањато и/или со намаленото оданочување на некое поединечно добро или услуга. Ова особено се потврдува кога се прави тој премин од полно оданочување кон надолу (ослобдување и/или намалување), скоро секогаш, потврдено во многу претходни случаи, кога државата го повлекува данокот (целосно или делумно), некој друг се вметнува и го зема неземеното. Ова  се случува и во т.н. регулирани пазари каде што припаѓа прометот на електричната енергија, само што начините на заземање на остапениот простор се сигурно поинакви, а времето позабавено.  Јасно и децидно, бенефит за граѓаните  од намалената стапка не може да се очекува.

Дали намалувањето на стапката на ДДВ за електричната енергија ќе донесе позитивен ефект врз Буџетот?

-Намалување на приходите по овој основ во Буџетот и ништо друго.  Тоа од своја страна значи дека граѓаните на оваа земја ќе располагаат со помалку јавни средства и тоа токму во времето кога се најпотребни.

Буџетот е на сите граѓани и  на оние што го полнат и на оние што не го правата тоа, но и на оние кои го празнат.  Не мислам тука на оние кои одлучувават за буџетот, туку на оние чиј живот зависи од нивото на исполнетост на Буџетот. Утре заедничкото што им припаѓа на  сите граѓани е помало. Зошто? А јас секогаш ова ,,Б“ го пишувам со голема буква, затоа што Буџетот е навистина голема работа. И сега што? Заедничкото се намалува, а приватното се зголемува, трето нема. Ние даночниците си ги почитуваме даноците, затоа што знаеме дека тие го создаат заедничкото и кога тие ќе станат најсилното поврзување во заедницата, тогаш сме станале ветувачко место за живеење.

Ги уважувам сите дискусии, дека заедничкото најлесно  се краде, дека ,,моторот“ е најсилен кога е во приватни раце, но знам дека за да се спречи првото, а засили второ, требаат многу пари, а тие пари ги обезбедуваат само даноците. Само со парите од даноците, кои се најчисти, најсветли и најсилни, може да се направи тоа. Можеби може и со други пари, но кој плаќа, неговата песна се слуша.

Дали намалувањето на ДДВ за електричната енергија може да го компензира евентуалното поскапување на електричната енергија?

-Поскапувањата односно растот на цените се одвива по осема други правила. Кога растот на цените би можел да се спречи или ублажи со даноците би било перфектно.  Даноци ја немаат таа задача, тие навистина го подигаат општото ниво на цените, но тука делуваат со нивната неутралност. Сега некој ќе приговори, ама имате ослободувања и олеснувања, што значи помал даночен товар за одредени добра и услуги? Да, но нивната основна функција не е тоа, туку засилување на даночниот извор, за да по извесен временски период, кога изворот ќе зајакне, се подведе на еднакво оданочување.

Овде повторно да ја нагласиме компезаторката улога на даноците која е навистина на долг рок. Тие се навистина товар но со создавањето на услови за остварување на поголеми доходи на што поголем број на членови на заедницата, го олеснувават на тој начин сопствениот товар.

Но на кус и среден рок, намалувањето на ДДВ-то сепак е мало и привремено компензирање на евентуалното поскапување на струјата. Тоа е особено доаѓа до израз кај граѓаните со низок или со никаков доход. Намалувањето на ДДВ-то добро ќе им дојде и на граѓаните со повисоки доходи и на нив ќе биде извршената таа ,,компензација“ сосема непотребно. Затоа поправично е наместо намалување на ДДВ, износот на пресметана загуба на приходи да биде намената за подигање на износот на енергетската сиромаштија и да се вложат во енергетска ефикасност.

 Дали треба да се очекува дека намалувањето на овој данок за една услуга ќе повлече и други промени?

-Едно од негативностите на ова решение е токму тоа, поради што од  даночен аспект е и неприфатливо. Штом еднаш ќе се напушти декларираната неутралност на ДДВ, ќе се појават многу други за намалување на стапката на прометот и на многу други добра и услуги. Да се потсетиме дека секторскиот пристап во оданочувањето го напуштивме со големата даночна реформа од 1994 г. така што и од тој аспект нема оправдување.Овде сакам да наведам уште неколку работи од сериозно даночно значење.

Прво, Листата на даночни ослободувања и олеснувања кај нашиот ДДВ е нешто подолга отколку што треба, иако постојано водиме битка да тоа биде во некоја прифатлива рамка и да биде според директивите на ЕУ, но тоа не е така. Па тука ни престои обратен процес отколку што е предметното намалување на ДДВ за прометот на електричната енергија.

Второ, даночните ослободувања и олеснувања се позначајни кај даноците на доходите (персоналниот, добивката и др.), а помалку кај даноците на потрошувачката како што што е ДДВ.

Трето, даночните ослободувања и олеснувања, како еден од главните елементи на секој вид данок значат признавање на ,,претходно“ поставените правила. Попрактично, во материјалниот даночен закон велиме: ,,ова вака, она така, ама кога ќе дојдеме до даночните ослободувања и олеснување, е сега, сето кажано претходно не важи за овие или за оние работи,… на некој начин, признаваме дека во претходно не сме биле совршени.

Четврто и најважно, квалитетната даночна политика на секоја земја се отчитува токму  кај овој елемент на данокот. Тоа е полето на мајсторите на даночната политика.Затоа  ЕУ тука е многу претпазлива и тој процес на хармонизацијата во областа на даноците бавно и тешко оди. На секоја земја и се остава простор за  даночен натпревар. И за нас е многу значајно да се истакне, овде е полето за натпреварување. Намалувањето на стапките е  како итање кон дното.

К.В.С.

Поврзани вести

Здружение на оштетени штедачи: Дали Владата ќе ја санира и штетата од „пожарот” во „Еуростандард“?

Влатко Зорба

Секоја реклама е добра: Казахстанците го зајакнуваат туризмот заедно со Борат (ВИДЕО)

Stefanija Kuzmanovska

Шкријељ: Паричен надоместок за лицата што останале без работа од 11 март до 30 април