СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Коронавирусот ги направи повидливи проблемите со финансиите на македонските општини

Коронавирусот ги направи повидливи проблемите со финансиите на македонските општини. Анализите на Центарот за економски анализи покажуваат дека во првите три квартали од 2020 година приходите на општините се намалиле за 18% односно тие се за 24,6 милиони евра пониски од истиот период во 2019 година.

Причината за ваквиот пад првиот човек на ЦЕА, Марјан Николов ја лоцира во слабата наплата на сопствените приходи од даноци на имот, даноци од специфични услуги и даноци од вршење на дејност. Соочени со сопствените континуирано кревки економски позиции, општините ја зголемија својата финансиска зависност од централната власт.

– Ваквата состојба ги прави општините силно зависни од трансферите од централното ниво кои учествуваат со повеќе од половина од вкупните приходи на општините, вели Николов за „Стандард“.

Од јануари до септемрви минатата година трансферите пораснале за 23,6 % односно од државниот буџет на општините им се префрлени дополнителни 55,56 милиони евра. Со најавената повторна владина интервенција според Николов овие трансфери нема да се намалат ниту пак треба да се очекува промена во апсолутната вредност.

Во овој период се регистрира и раст на неплатените, а доспеани обврски на општините и ЈП. Јавниот долг на општините изнесува 7,8 милиони евра а доспеаните обврски се зголемиле за 10,1 милиони евра и биле на ниво од 63,8 милиони евра.

Во 2020 година најголем бил падот на капиталните расходи. За оваа намена биле потрошени за 19% помалку пари споредено со истиот период во 2019 година.

– Доколку до крајот на годината се одржи истиот квартален тренд на реализацијата на буџетите на кумулативно ниво, општините би се соочиле со пониски сопствени приходи од околу 1,8 милијарди денари, како и со пониски расходи поради ниската реализација на капиталните расходи проценета на пониски 600 милиони денари, објаснува Николов.

Доколку се споредат планираните и реализираните расходи, најголемо зголемување од јануари од септември се забележува кај расходите наменети за Јавните претпријатија на општините, што според Николов, се должи на намалените приходи и на зголемениот обем на услуги. Бројките говорат дека расходите за субвенции за комуналните претпријатија во првите три квартали се со поголема реализација (86% од годишниот буџет) за разлика од 2019 кога изнесувале 65%.

– Доколку се одржи ваквата реализација, како ефект на Ковид-19 истите за цела 2020 година ќе изнесуваат 140 милиони денари, вели Николов.

За да се забави ефектот на пандемијата врз работата на општините, Центарот за економски анализи препорачува да се отвори прашањето за успешноста на децентрализацијата, субвенциите, квалитетот и цената на услугите што ги обезбедуваат ЈП да стане приоритет за ЗЕЛС за да се рефлектираат сите трошоци и ефикасноста, да се подобри комуникацијата со даночните обврзници како и поефикасно да се планираат и имплементираат системите за управување со кризи.

Според ЦЕА општините во 2020 година во незначителна мера ги користеле буџетските резерви кои се планираат за вонредни ситуации како што е пандемија. Од планираните 1,6 милиони евра, општините искористиле само 24 % или 0,38 милиони евра.

Поврзани вести

Дали ГТЦ ќе има нов модел на управување?

Влатко Зорба

Д-р Дејан Лаковски на чело на „АстраЗенека“ за БиХ и Хрватска

Влатко Зорба

Битиќи: Просечната плата ќе продолжи да расте

Влатко Зорба