Според дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика, 58 765 пазарноориентирани деловни субјекти, активни во областа на индустријата, градежништвото, трговијата и останатите услужни дејности, оствариле вкупен промет од 1 387 046 милиони денари и додадена вредност од 300 053 милиони денари. За ангажираните 400 629 вработени лица, издвоени биле 148 827 милиони денари.
Најголем промет е реализиран од секторот Трговија на големо и на мало со 40.9 %, а по него следат секторот Преработувачка индустрија со 28.7 %, Градежништво и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со 6.7 % и секторот Транспорт и складирање со 5.8 %.
Секторот на преработувачка индустрија има најголемо учество во вкупната додадена вредност со 27.6 %, следен од секторот Трговија на големо и на мало со 24.0 %. Значително учество во додадената вредност има секторот Градежништво (9.8 %), додека подеднакво учество од 7.9 % имаат секторите Транспорт и складирање и Информации и комуникации.
Во однос на големината на претпријатијата, доминираат микропретпријатијата со помалку од 10 вработени
(90.5 %), најголемиот дел од нив се од областа на трговијата. Со ангажирани 31.3 % од вкупно вработените, тие создале 21.0 % од вкупната додадена вредност. Големите претпријатија со учество од само 0.3 % и со ангажирани 26.3 % од вработените создаваат 34.1 % од вкупната додадена вредност во рамките на деловниот сектор, и тоа, главно, во секторот Преработувачка индустрија (14.1 %). Сепак, најголем е потенцијалот на малите и на средните претпријатија (со 10 до 249 вработени), кои ангажираа 42.4 % од вработените и создадоа 44.9 % од вкупната додадена вредност во деловниот сектор.