СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Се замрзнуваат цените на основните продукти

Владата доцна синоќа донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти: леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Оваа одлука, како што соопшти, стапува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“, а е усвоена за да не се злоупотреби моментната состојба на пазарот и за да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка.

Пазарниот инспекторат е задолжен да изврши вонредна контрола на магацините и дистрибутивните центри за да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи и воедно да ја следи ситуацијата од аспект на несоодветно покачување на цените и за тоа редовно, на секои три дена, да ја информира Владата.
На владината седница е усвоена и Информацијата со која се предлага забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време. Министерството за економија, Министерството за земјоделството и Царинската управа треба да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка.

Владата ја задолжи Царинската управа во соработка со Министерството за земјоделството да го следи трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично). Воедно донесе препорака за мелничко-преработувачката индустрија да ја има предвид бесцаринската квота за увоз на пченица од земјите-членки на СТО во количина од 80.000 тони.

Согласно владините заклучоци, Министерството за економија, Министерството за земјоделството и Агенција за стокови резерви заедно со мелничко-преработувачката индустрија треба да ја утврдат моментната состојба со залихите на пченица и брашно.

Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделство и Агенцијата за стокови резерви да изработат листа на прехранбени производи кои би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена, а Агенцијата за стокови резерви треба веднаш да достави листа на стоки кои ги има на залиха со податоци за количина.

Се задолжува Министерството за економија веднаш да достави до Владата предлог за 100-процентно ослободување од царински давачки за производите брашно од пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, одело хируршко текстилно, варикина и останати средства за дезинфекција, асепсол, медицински алкохол, и заштитни наочари.

Поврзани вести

Стапката на невработеност во САД ќе продолжи да расте

Stefanija Kuzmanovska

Донесена одлука за продолжување на постапката за основање на Туристичка развојна зона во областа на езерото Треска

Stefanija Kuzmanovska

Анѓушев: Платите на градежните инженери рапидно растат

Влатко Зорба