СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Фолксваген бара милијарда евра од поранешниот генерален директор

Концернот од Волфсбург бара оштета од милијарда евра од поранешниот генерален директор Мартин Винтеркорн, за време на чиј мандат се случи „измамата на векот“ со издувните гасови од дизел моторите.

Ова е најголемата сума досега побарана од еден шеф на одбор во Германија. Како што дознаваат истражувачките новинари на Зидојче цајтунг и јавните сервиси НДР и ВДР, концернот од Волфсбург го темели барањето на фактот дека тој наводно ќе ги заштедел тие милијарди евра доколку Мартин Винтеркорн постапел веднаш штом дознал за манипулациите.

Според Фолксваген, Винтеркорн (73) требало да постапи на 27 јули 2015 година, кога на состанокот дознал детали од криминалниот софтвер инсталиран во дизел возилата.

Тој софтвер препознавал кога автомобилот се тестирал или прегледувал и кога бил на класично патување. Чистењето на издувните гасови работело само во „лабораториски услови“, додека на улица, автомобилите емитувале штетни гасови повеќе пати над дозволените вредности.

Фолксваген, исто така, верува дека Винтеркорн не успеал „веднаш вистинито и целосно“ да одговори на прашањата на американските контролни инстанци, што подоцна значеше повисоки казни за VW во САД. Локалните контролори го објавија скандалот на 18.09.2015 година.

Дали ќе плати за осигурување?

Славниот менаџер, иако ужива огромно богатство, не е баш милијардер и не може да плати толкава отштета од својот џеб. Но, луѓето од негов ранг, чијашто одлука вреди милиони или милијарди, склучија специјални осигурувања за доставување на такви тужби.

Како што дознава „Зидојче цајтунг“, Винтеркорн имал такво осигурување во Цирих, но опфаќа максимум петстотини милиони евра. Предвидено е за случај на „небрежно кршење на обврските“ што VW го пренесува на поранешниот шеф.

„Финтата“ е дека осигурувањето не покрива ништо ако, наместо небрежност, се докаже намерна измама. Во средината на септември, судењето на Винтеркорн пред Државниот суд во Брауншвајг започнува токму поради измама.

Надзорниот одбор на Фолксваген бара пари од уште четворица менаџери кои управуваа со Ауди и Порше, брендови кои припаѓаат на концернот од Волфсбург. Нивните адвокати засега молчат, но досега сите тие негираа вмешаност во скандалот.

Дури и ако Фолксваген победи, а менаџерите треба да плаќаат од приватен имот, не треба да се плашат дека ќе останат со минимум во џеб. Ова го покажуваат претходните случаи со управителите на Сименс, Дојче банка и други концерни кои задржувале голем дел од имотот.

На пример, кога Ролф Бројер, поранешниот шеф на Дојче банка, во едно интервју го оцрни клиентот и медиумскиот магнат, Лео Кирш, банката мораше да плати скоро милијарда евра компензација. Бројер придонесе само со 3,2 милиони евра, што е едвај третина од неговиот имот.

Пензија од 3.100 евра, но дневно

Поранешниот шеф на VW, Винтеркорн не му оди лошо и во пензија. Додека работел, тој заработувал 17 милиони евра годишно, што беше рекорд меѓу германските менаџери. Пензијата што му ја исплаќа компанијата е 3.100 евра – на ден.

Винтеркорн со години повторуваше дека немал идеја што се случува во компанијата, односно дека дизелите испуштаат 35 пати повеќе азотни оксиди од дозволеното. Пред анкетниот комитет на германскиот парламент тој рече дека не знае зошто неговите не го известиле за тоа. Повеќе поранешни колеги се сеќаваат на настаните поинаку – тие рекоа пред обвинителството во Брауншвајг дека Винтеркорн знаел сè од јули 2015 година.

Колку што е познато до денес, концернот манипулирал со вредностите на издувните гасови кај околу единаесет милиони дизел возила помеѓу 2008 и 2015 година. До денес, VW плати 32 милијарди евра казни и отштета.

Поврзани вести

„Неотел“ со нова промоција по повод отворањето на продажен салон

msp-admin

Акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол најтргувани во април

msp-admin

Кина остро против на извршната наредба на Трамп против „ТикТок“ и „ВиЧет“

msp-admin