Дали е можно да ја казните вашата компанија со рекордни 2,8 милијарди долари и тоа е добра вест? Дури и да станете уште побогати? Очигледно е можно, барем ако сте „Alibaba“, пишува „The Wall Street Journal“.
Акциите на „Alibaba“ скокнаа повеќе од 6% денес, додавајќи 40 милијарди долари на пазарната вредност на компанијата.
Казната поради „злоупотреба со монопол“ од Пекинг е еднаква на 4% од годишната продажба на „Alibaba“ само во Кина. Според „WSJ“, на инвеститорите најверојатно им олесни што основниот деловен модел на компанијата останува недопрен. Нема присилна продажба или значителни промени во нејзината корпоративна структура.
Сепак, дали „олеснувањето“ е избрзано?
Акциите на „Alibaba“ неодамна заостануваа зад оние на конкурентите, губејќи скоро четвртина од нивната вредност само во ноември. Што се однесува до казната, иако е голема, таа е целосно во рамките на моќта на компанијата, која на крајот на 2020 година имаше 70 милијарди долари за краткорочни инвестиции.
Главната причина за рекордната казна е тоа што „Alibaba“ вршела притисок врз трговците да продаваат стоки на својата платформа на штета на конкуренцијата.
Паричната казна не е единствената работа што компанијата ќе мора да ја направи. Покрај тоа, таа ќе мора да ги промени своите практики во однос на трговците и да објави свој извештај за напредокот во оваа област во текот на следните три години.
Поконкретно, според Државното биро за регулација на пазарот, „Alibaba“ ги казнувал трговците кои продаваат и на платформите „Alibaba“ и Aliexpress, и на оние на конкурентите на компанијата. На кинески јазик, оваа политика се нарекува „Er xuan yi” – „избери еден од двајцата“.
Според регулаторот, ова не само што ја ограничувало конкуренцијата, туку и нанело сериозен удар на иновациите. Тоа е исто така кршење на правата на самите трговци и нивните потрошувачи.
Истрагата против „Alibaba“ уследи откако трговците се пожалија дека гигантот ги притиска да продаваат само на нивната платформа. Самата истрага траеше скоро четири месеци.
„Ние сериозно ја сфаќаме казната и ќе работиме напорно за да обезбедиме почитување на правилата“, соопштија од „Alibaba“.
„За да ја исполниме нашата посветеност кон општеството, „Alibaba“ ќе работи во согласност со законот, ќе продолжи да ги зголемува своите системи за усогласеност и ќе гради раст преку иновации“, додаваат оттаму.
И покрај износот, некои коментатори, како што е Џефри Тоусон, поранешен професор по менаџмент на универзитетот во Пекинг, велат дека тоа нема да му нанесе сериозен удар на бизнисот на гигантот.
„Санкцијата е прва значајна победа на Пекинг во ограничувањето на моќта на интернет гигантите во земјата“, рече Фанг Сингдонг, поранешен интернет-претприемач и основач на кинескиот тинк-тенк „China Labs“.