Во пандемската 2020 год. бројот на интернет претплатници пораснал за 26.800 споредено со 2019 год., а бројот на фиксни линии преку кои се обезбедува пристап до интернет се зголемил за 15 000. Наспроти ваквиот раст на бројот на претплатници, се намалил бројот на преставки. Граѓаните и понатаму најмногу се жалат на услугите кои ги добиваат преку мобилната технологија и на телевизијата.
Првиот човек на АЕК, Јетон Акику во интервју за „Стандард“ објаснува до каде се подготовките за RLAH-новиот режим на наплата на роамингот што треба да стартува од 01 јули а се однесува на истите услови за користење на услугите во Западен Балкан како и кога претплатникот би ги користел во домашни услуги.Во тек е и постапката за намалување на трошоците за роаминг и во земјите членки на ЕУ.
АЕК, според уверувањата на директорот Акику, е целосно подготвена за отпочнување на постапката со која Скопје до 2023 год. целосно ќе биде покриен со 5Г сигнал.
„Тендерската постапка почнува наскоро, а од состаноците со операторите констатирани се законски бариери кои АЕК ги има систематизирано и истите се доставени до Министерството за информатичко општество и администрација кое требаше да ги достави до Министерството за транспорт и врски“, додава Акику.
Овие бариери ќе ги отстранува меѓуресорска група а ќе бидат имплементирани законските измени(донесени минатата недела) кои се однесуваат на безбедноста на 5Г мрежите.
Што велат последните анализи на пазарот, како заврши пандемската 2020 година од аспект на број на интернет претплатници и фиксна телефонија? Дали пандемијата го зголеми учеството на интернет претплатниците?
-Согласно анализите кои ги спроведува АЕК крајот на 2020 во однос на 2019 донесе зголемување на бројот на интернет претплатници и во двете технологии (мобилна и фиксна).Имено во 2020 бројот на претплатници на пристап до интернет преку мобилна мрежа (2G, 3G, 4G) изнесува 1379354, во однос на 1352556 во 2019.Вкупниот број на фиксни линии (во сите технологии) преку кои се обебедува пристап до интернет во 2020 е 415390, во однос на 400454 во 2019.
Колку претставки добивте како Агенција од страна на граѓаните и за кои оператори се однесуваат? На што најчето се жалат граѓаните и колку од нивните претставки беа усвоени од страна на АЕК?
-Во 2020 год. до АЕК се пристигнати вкупно 381 приговори кои во однос на 2019 изнесуваа 578. Приговорите се однесуваат на сите нотифицирани оператори во АЕК кои се повеќе од 70. Секако дека најголемиот број на поднесени приговори се однесуваат и на најголемите оператори Македонски Телеком и А1 Македонија. Од пристигнатите приговори и во 2019 и во 2020 најмногу корисниците се жалат на услугите кои ги добиваат преку мобилната телефонија и на услугите за телевизија независно по која технологија тие се обезбедуваат (кабелска ТВ, IPTV, DVB-T). Од поднесените приговори до АЕК, усвоени се 24 % во 2020, односно 26 % во 2019 .
Од 1 јули стапува на сила новиот режим на наплата на роамингот-RLAH.Дали финишираат подготовките за овој процес и што очекувате тоа да донесе за македонските граѓани и за стопанството воопшто?
-Цените на услугите кои македонските претплатници ги користат во роаминг, во земјите на Западен Балкан, се веќе намалени, прво со Спогодбата од 2014, а сега и со Спогодбата од 2019 според која дополнително од 01/07/2021 ќе стапи на сила и т. н. “Roam Like At Home (RLAH)” режим на наплата. Тоа значи добивање на истите услови за користење на услугите во земјите од Западен Балкан како и кога претплатникот би ги користел во домашни услови. Накратко еден претплатник кој во својот тарифен модел има неограничени минути кон сите мрежи за мобилна телефонија истата услуга ќе ја добие и ако патува во: Србија, Албанија, Косово, Црна Гора или Босна и Херцеговина, а интернет пристапот како важна услуга е олеснет и поефтин во рамки на политиките за фер користење. Може да се истакне дека цените во просек паднаа за повеќе од 90 % за услугите за роаминг. АЕК е целосно подготвен за спроведување и на последниот чекор од Спогодбата од 2019 кога од 01/07/2019 се предвидува имплементација на RLAH режим на наплата. Донесена е соодветната регулатива и воопшто нема да има проблем во спроведувањето и од страна на македонските оператори.
Во моментот важен проект е отпочнување на постапка за намалување на трошоците за услугите за роаминг во мобилна телефонија и во земјите членки на Европската Унија (ЕУ). Тоа значи во иднина македонските корисници кога патуваат во земјите членки на ЕУ да плаќаат значително помали трошоци. Проектот треба да се спроведува во следните години со скалесто намалување на цените. Секако, за успешно реализирање на овој проект потребен е и соодветен пристап и од ЕУ бидејќи проектот треба да се спроведува на реципрочна основа.
До каде е и кој ќе ја изработи научната студија за влијанието на 4Г и 5Г мрежата врз здравјето и животната околина, по тендерот што го објави АЕК? Дали овој документ ќе влијае на размислувањата на граѓаните со оглед на новите можности што ги нуди петата генерација широкопојасни мобилни мрежи?
-Научната студија за влијанието на 4G и 5G мрежите врз здравјето и животната околина е во процес на изработка, а во изработката на истата се вклучени професори од Словенија од Универзитетот во Љубљана од областа на телекомуникациите и електромагнетни зрачења и професори од Македонија од областа на телекомуникациите и електромагнетни зрачења од Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Во тимот за изработка на истата се вклучени и инжинери, професионалци во областа, како и мал тим од АЕК (како логистичка помош во делот на регулативата и во дел на изградба на мрежи како и друг вид на помош поврзани со истата), предводена од наши врвни стручни лица, двајца доктори на науки во областа и двајца електроинжинери.
Изградбата на современи и стабилни електронски комуникациски мрежи и користењето на услугите посебно преку мобилните мрежи, обезбедува креирање и користење на нови богати медиумски содржини, апликации, нови иновативни услуги прилагодливи за различни платформи, достапни за секого, независно од локацијата или времето и персонализирани според корисникот, според неговите приоритети или потреби. Користењето на мобилните мрежи и технологии овозможуваат реорганизација на процесите за производство и работа и кај деловниот сектор и кај администрацијата, односно за развојот на економијата и за транзицијата кон општества базирани на знаење. Квалитетна телекомуникациска инфраструктура и мрежа во денешно време мора да поседува и надградува секој Оператор на електронски комуникациски мрежи од причина што техничко-технолошкиот развој бара брзи и секогаш вклучени конекции и комуникации преку мобилните мрежи, со што напредокот и развојот односно преминувањето од развојни технологии од 4G во 5G и од 5G во 6G итн. во иднина е од исклучително значење.
Од друга страна кај широката популација постои сомневање и страв од постоењето и изградбата на мобилните мрежи, посебно од антенските системи кои се видливи и впечатливи и во таа насока се поставуваат прашања поврзани со нивното зрачење и влијанието на тие зрачења врз здравјето на луѓето и околината–животната средина која не опкружува и кои активности се преземаат и се преземени за подобрување на заштитата на животната средина, доколку постојат и мали сомневања или практични примери за нивни штетни влијанија.
Во оваа Научна студија треба да бидат објаснети пред се зрачењата кои ги создаваат телекомуникациските уреди, нивната гранична вредност на дозволена јачина на зрачење, кое било каде дефинирано како максимално дозволено зрачење за да не се помине прагот на премин од нештетено зрачење во штетно зрачење по здравјето на корисниците, луѓето како и заштита на околината односно заштита на екологијата и животната средина во која живееме и која не опкружува. Многу е важно да се докаже и прикаже преку оваа Научна студија дали до денес постојат и се докажани некакви здраствени ризици од изложувањата на RF EMF сигналите и зрачењето, зрачење кое ги опфаќа 3G, 4G, 5G, технологии кои се актуелни за анализи и дискусии во областа на мобилните комуникации.
Потребно е низ оваа студија да се покаже и дали ваквите добиени реултати од истражувањата, како и дали споменатите показатели се поддржани од група на експерти во областа на RF EMF зрачењето, јавните здравствени агенции (иако постои некои различни мислења дека истите се штетни) и од Светската Здравствена Организација (анг. World Health Organisation (WHO).
Согласно стратегијата за развој на 5 Г мрежата најавивте дека Скопје до 2023 год ќе биде првиот град во Македонија целосно покриен со 5Г мрежата.Колку е тешко да се реализира ваквиот план, каде наидувате или очекувате најголеми потешкотии? Каков е интересот кај операторите за добивање одобрение за користење 5Г мрежа? Во тој контекст до каде сме како држава со имплементацијата на законските измени кои се однесуваат на сигурност на 5Г мрежата?
-Согласно усвоениот Национален оперативен бродбенд план од страна на Владата на Македонија од 02/04/2019 еден од таргетите кој треба да биде обезбеден е и покривање со 5G сигнал на еден град до крајот на 2023. За да се постигне оваа цел, претходно е потребно да се спроведе доделување на радиофреквенциски опсези во кои ќе се обезбедуваат 5G мрежи/услуги. АЕК целосно е подготвен за отпочнување на соодветна тендерска постапка предвидена согласно Законот за електронските комуникации и тоа ќе се случи во најбрз период кој претстои. Од аспект на овој Закон нема потешкотии за доделување на радиофреквенциските опсези од причина што во изминатите неколку години АЕК напорно работеше на подзаконската регулатива за хармонизирање со европската, веројатно дека предизвиците ќе се бараат во спроведување на законската регулатива која се однесува на делот на градење на мрежи.
Од состаноците со операторите констатирани се законски бариери кои АЕК ги има систематизирано и истите се доставени до Министерството за информатичко општество и администрација кое требаше да ги достави до Министерството за транспорт и врски. За оваа цел формирана е и Меѓуресорска работна група, во која има и претставници од АЕК, која има за цел да работи на отстранување на овие бариери.
Во 2020 АЕК спроведе Јавна расправа за издавање на Одобренија за користење на радиофреквенции за 5G на која беа поставени сет од повеќе прашања, меѓу кои имаше и прашања за интерес за инвестирање во 5G. Од резултатот на Јавната расправа може да се каже дека има интерес како од постоечките оператори во Македонија, но и од нови оператори. Резултатите од Јавната расправа се објавени на https://aek.mk/javen-povik-za-mislenje-za-izdavanje-odobrenija-5g/
Кон крајот на 2019 АЕК издаде и две Привремени одобренија на А1 Македонија и на Македонски Телеком во времетраење од 12 месеци за тестирање на 5G. Во тој период АЕК спроведе мерења на нејонизирачкото зрачење со цел да се види доприносот на 5G во однос на останатите технологии. Целиот Извештај е објавен на https://aek.mk/izvestaj-od-merenje-na-nejoniziracko-zracenje-5g-test-mreza/
Законските измени кои се однесуваат на безбедноста на 5G мрежите се донесоа минатата недела и секако дека истите ќе бидат имплементирани од причина што една од обврските на АЕК е да го спроведува во целост Законот за електронските комуникации.
Започнавте Кампања за јакнење на јавната свест за сајбер безбедност. Може ли веќе да се говори за ефекти од неа?
-Активностите што ги презема АЕК во насока на јакнење на јавната свест вклучуваат објава на едукативни содржини, одржување на бесплатни вебинари и онлајн квиз за проверка на знаење. Од досегашните активности може да се каже дека секој од организираните вебинари имаше добра посетеност со над 80 до 100 учесници, додека онлајн квизот го завршија над 700 учесници. Кратки едукативни видео материјали се достапни на нашиот YouTube канал и на веб-страницата https://mkd-cirt.mk каде граѓаните имаат пристап и до упатства и едукативни материјали на разни теми како заштита од и препознавање на фишинг напади, безбедно онлајн купување, заштита од рансомвер и други. Се надеваме дека овие активности придонесуваат во јакнењето на јавната свест.
Дополнително веќе следниот месец на граѓаните за прв пат ќе им биде достапна квалитетна онлајн интерактивна обука за сајбер безбедност, со фокус на вработени и на менаџери. Посетеноста на активностите што ги организираме ни укажува на интересот и потребата кај граѓаните за повеќе информации за безбедно работење на Интернет. Се надеваме дека оваа година ќе има услови да го спроведеме третиот циклус испитување на јавно мислење за значењето на сајбер безбедноста, кое минатата година не можеше да се реализира заради пандемијата со Ковид-19. Ова испитување ќе помогне да ги видиме промените споредено со резултатите од 2018 и 2019 и ќе ни даде насоки за темите од областа на сајбер безбедност кај кои познавањето е на пониско ниво и за кои треба да се разговара и да се објавуваат корисни совети.
К.В.С.